Во ек сме на кроење што ќе содржи идната лична карта. Се сеѓавам дека кога бев мал моите родители имаат карта како книшка во која имаше место за многу работи, да речеме тртки и други израстоци на телото. На оваа тема има доста шеги во новиот римејк стил на некои политички партии, но еден детаљ во таа процедура станува многу важен: Европа ни мавта со прстот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Сите оние со повеќе години во себе знаат дека некогаш, особено во мешаните средини, граѓаните имаа во себе некаков „осигурувач“ во однос на етничките поделби. Многу малку беше важно кој од каква куќа доаѓа и секогаш разговорите, барем најчесто, имаат своја линија која не се поминуваше за да нема навредени по забелешки за национални или религиозни разлики. За тој осигурувач неодамна говореше сега покојниот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. Јасно е дека по распадот на федерацијата некој ги извади осигурувачите од таблата на толеранцијата и разбирањето и добивме општ мрак во кој наеднаш етницитетот стана доминантна вредност која ги наткрили сите други очекувани придобивки од користењето на институциите и атмосферата на либералната демократија. Добивме, помалку или повеќе етнократија, која гледаме дека во голема мерка, напати навистиан неподносливо, ги управува нашите животи и годинава. И во креирањето на пописот и во носењето на одлука за тоа како да изгледа идната лична карта!, на пример
Актуелната „гуми-ефект“ политика, насочена пред се во сочувувањето на тенката коалиција, обременета со постојаните нацио акробации во неа, како и притисокот по ист основ и од опозицијата, не можеше да не се судри со европската легислатива, ако сакате и филозофија во одржување на функционализмот на големите заедници, каква што е Унијата. Со многу такт во обезбедувањето на националните права, посебно на помалите етницитети, но со усул во одржувањето на заедничките цели и задачи низ призмата на рационалноста. Брисел даде јасен сигнал дека некому не му е јасна Унијата како заедница иако ја става високо на партиската агенда – таа не е место кадем ќе испраќате само свои „земјаци“ со што поголеми олеснувања, туку организавиона целина со јасно поставени правила на живот! На нашите политичари, особено оние кои уживаат во улогата на „племенски водачи“, кај и да е ќе им „отчука“ – предупредувањата од европскиот амбасадор во земјава беше јасен знак за тоа!
Имено претсставникот на ЕУ во Северна македонија – Гир јасно објасни дека прашањето за личните карти во Европската унија е на ниво на националните законодавства на земјите членки, но во август 2021 година стапува во сила Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, согласно која процесирањето на информации како што се етничка и религиозна припадност се забранети. Кај нас дебатата за правото на граѓаните доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност е отворена, а како земја кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива.
На таа тема пред неколку денови имаше и средба меѓу споменатиот евроамбасадорот Дејвид Гир и премиерот Зоран Заев. Премиерот потврди за тасква средба и за темата на разговорот – вметнувањето на етничката припадност во личните карти е спротивно на европското законодасвтво, истакна тој по отворањето на Европската куќа во Струмица.
Евроамбасадорот Гир, нагласиува дека Република Северна Македонија е во процес на усогласување на нејзината легислатива со стандардите на ЕУ и има добар напредок во тоа.
„Тоа е особено важно, бидејќи откако ќе почнат преговорите, фокусот ќе биде на сите детали во усогласувањето на националното законодавство со правилата и стандардните на ЕУ и ќе биде особено важно двете законодавства да бидат хармонизирани“, изјави деновиве Гир.
Премиерот Зоран Заев, рече дека јавно ги соопштиле своите ставови и стојат на нив, посочувајќи дека како што одговори и евроамбасадорот Гир, тоа е прашање што го регулира националното законодавство.
„Кај нас е апсолутно дадено право на национално ниво како ќе го регулираме. Затоа и ги кажуваме своите ставови по однос на ова прашање. Мене ми е драго што и најголемата опозициска партија и другите политички партии се на линија на правото на определба, да граѓаните се изјаснат доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност. Но, како земја кандидат за членство во ЕУ, императив секојпат е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива“, изјави Заев. Така што, посочи Заев, во август или октомври, кога и да почне ЕУ да дебатира по ова прашање и ние ќе се вклучиме. Дали е ова само барање на одложување на ова прашање или подотворање на врата за повинување кон она што очевидно ќе правило во Брисел а не е во согласност со намерите во одредени штапски стратегии по одредени партии.
„Секако на крајот ги следиме сите европски одлуки и регулативи, затоа што сакаме и да бидеме членка на ЕУ. Дебатата ќе биде отворена, секако во консултации и координации со европската делегација во Скопје и со Европската комисија во Брисел ќе ги носиме ваквите одлуки во зависност од тоа во кој правец ќе бидат донесени одлуките на ниво на ЕУ“, изјави Заев.
Она што секако повеќе загрижува од фактот дека нашите внатрешни конфликти треба (одново) да ги разрешува меѓународната заедница е што „Северна Македонија сѐ повеќе се одалечува од определбата за граѓанско, мултиетничко и мултикултурно општество со еднакви права на сите граѓани без оглед на националната и верската припадност“
-пишува Ерол Ризаов во „Дојче веле“ . Би додале дека ближењето на пописот веќе ги исука некои сабји по прашањето кое може да се дефинира како ставање на разни црвени линии од типот „толку сме и точка“ или „не признаваме ако сме помалку од толку и толку“, во услови кога и на најповршните опсервери на стварноста им е јасно дека ако не сме два милиони жители, односно дека веројатно не има 1,6 милиони
Како во некаква штафета тоа прашање се предаде и кај темата на издавањето на новите лични карти со графата за национална припадност и претстојниот попис со етничко и верско пребројување на населението, што уште повеќе ја затегна атмосферата со барањето да се отвори посебна графа каде би се внесувала националната припадност, како уште едноп пребројување од типот колку сме на број Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи, а според пописните листи и колку сме христијани, православни и католици, адвентисти и протестанти, муслимани, атеисти, агностици и други верници и „неверници.“
Оваа ситуација јасно ни повторува како се случи толку години да немаме релеватно изведување на попис. Партиите од албанскиот блок, со влзот во НАТО и веројатното започнувањер на преговорите со Унијата ја изгубија од агендата „интернационалната“ мотивација и уште повеќе заглибуваат во теми кои нема да бидат битни за животот на било кој поединец или семејство.
Додека во последно време се шетам низ парк шумата Гази Баба, популарна кај граѓаните особено годинава, во ера на короната, сретнувам се повеќе млади двојки, македонски и албански кои со своите деца, обично на претшколска возраст разговараат исклучиво на англиски. Мислите ли дека ним сите тие прашања кои им се наметнуваат и низ парламентарната политичка борба важни? Оние две илјади амандмани на Левица, на пример или барањата на Алијансатта на Албанците или ДУИ од некаква важност за нив? Секако не, бидејќи тие на еден конформистички начин својата иднина не ја гледаат тука. А тоа е супштински важно – можат некои претставници во нивно име да измислуваат начини како нив да ги имаат во списокот ама објективно тие наскоро ќе отидат далеку. Како и стотина илјади бегалци од државата претходно….