Општините бараат спас од дивите депонии и од загадувањето на животната средина, но не сакаат регионални депонии на својата територија поради недовербата дека тие ќе бидат навистина изградени според светските стандарди
„Во еден преубав предел од државата се загубив. Немаше патокази, но имаше многу ѓубре…Наидов на диви депонии. Тоа треба да се спречи! Овие граѓани заслужуваат подобро опкружување. Очекувам, следните 18 месеци општините да работат дење и ноќе за да се постигнат резултати и да имаат готови проекти за да аплицираат“, изјави деновиве Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, при претставување на проект за локална и регионална конкурентност.
Добронамерната критика на Бертолини наиде на бројни реакции на социјалните мрежи, а проблемот со депониите, особено дивите, но и со непостоењето санитарни депонии со интегрирани дозволи, како и со енормното аерозагадување и воопшто, загадувањето на животната средина во Македонија, е далеку од решавање.
Така, според дел од медиумите, ќе нема ништо ни од најавите дека токму денеска во депонијата „Дрисла“, лоцирана на 14 километри од Скопје, ќе се постави нов, воден филтер што ќе го пречистува чадот од согорениот медицински отпад, за елиминација на отровните честитки ПМ 10 и ПМ 2,5 кои се испуштаат во воздухот. Причина за неостварувањето на минатонеделната најава на заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, наводно биле временските прилики, односно дождот, но според надлежните, работите на терен сепак, ќе се изведат до крајот на неделава.
Покрај казната од 8.500 евра, „Дрисла“ која според одредени податоци, има проектен капацитет од 26 милиони кубни метри простор за депонирање на комунален отпад, беше задолжена и да постави нов филтер, откако вонредниот инспекциски надзор утврди дека чадот од согорениот медицински материјал, енормно го загадува воздухот над престолнината Скопје, која и претходно беше рангирано меѓу трите града со највисоко аерозагадување во Европа. Откако концесионерот ќе ги исполни обврските, што се очекува следниот месец, како дел од определбата за транспарентност, градските власти најавија отворен ден за јавноста, на кој сите заинтересирани граѓани ќе можеле да присуствуваат на мерењата и да оценат како функционира новиот филтер.
Депонијата „Дрисла“ која е отворена од Градот Скопје пред речиси четврт век, на површина од 76 хектари, е единствената во Македонија која има интегрирана дозвола за управување со отпад, а покрај постоечките комунални депонии – 54 (според податоци објавени во медиумите, 16 од нив – со висок, 16 – со среден, а останатите со низок ризик за животната средина), кои најчесто не ги исполнуваат техничките услови за да аплицираат за добивање дозвола, во Македонија има дури 1.000 диви депонии! Дрисла е и единствената санитарна депонија која има печка – инцелератор за согорување медицински отпад, чие депонирање и горење е посебен проблем во Македонија.
Засега, не е познат ни точниот број на диви депонии што постојат на територијата на Скопје затоа што перманентно се создаваат нови депонии на нови локации, но во последно време има заложби на локалните власти за таргетирање на локациите на дивите депонии и на главните загадувачи во Град Скопје и во скопските општини Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром. За таа цел, се повикуваат и граѓаните да испраќаат дојави за новите локации и за загадувачите, а се засилуваат и мерки против неовластено фрлање отпад, како и ноќни дежурства на критичните локации и казни за сторителите и загадувачите.
По медиумското откривање дека и радиоактивен кобалт 60 се чува на Клиниката за онкологија, беше објавено и дека истиот, до јуни ќе биде транспортиран вон Македонија. Но, според медиумите, остануваат уште 16 локации (три во Скопје) со радиоактивен отпад од помала јачина, поради што се потенцира дека е неопходен склад каде што ќе радиоактивниот отпад од целата држава ќе се складира, заштитен според меѓународни стандарди.
Покрај реакциите на граѓаните, и невладиниот сектор и медиумите постојано вршат притисок врз надлежните институции, но неизбежен впечаток е дека промените се изведуваат бавно. Неофицијално, во Македонија годишно се фрлаат од 700 до 800.000 тони различен отпад, што засега е само проблем, поради недостаток на човечки ресурси, стручност и финансиски средства, иако се познати и се посочуваат светските искуства со селектирање и рециклирање на отпадот и со подигнување на јавната свест во државата, според кои, со адекватното менаџирање на отпадот, можат да се оствари и корист.
Дотогаш, се најавува дека преку ИПА-фондовите ќе се инвестираат милиони евра во оваа област. Според препораките од ЕУ, Владата најавува изградба на осум регионални депонии во осумте региони во Македонија, во кои од отпадот ќе се прави и профит, наводно се утврдени локациите за депониите во североисточниот и во југозападниот регион, но нема согласност од локалните власти на нивната територија да се собира и рециклира ѓубрето. И премиерот Зоран Заев на состанок со градоначалниците, побара општините да ѝ ги предадат надлежностите во управувањето со отпадот на централната власт, додека новите регионалните депонии не бидат организирани по најсовремени стандарди, односно до создавањето услови и депонирањето, преку селектирање и рециклирање на отпадот, да биде профитабилно.
До донесување на одлука за делегирање на правата за справување со отпадот, продолжуваат обидите за изнаоѓање решение за редовните проблеми во општините во кои во изминатиот период состојбата со аерозагадувањето и депониите беше најтешка, како Битола од една и Струга и Тетово, од друга страна.
Откако во изминатите 18 години се најавува регионална депонија според европски стандарди, а со оглед дека депонијата Мегленци во која сега се депонира отпадот од битолско-мариовскиот регион не е санитарна, претседателот на Совет на Општина Битола, Валентин Груевски, минатата недела најави дека во Пелагонискиот регион, за четири години ќе биде изградена нова регионална депонија, во која би се собирал сметот од сите девет општини во регионот, а чија вкупна вредност ќе биде 40 милиони евра. Иако одлуката е изгласана едногласно, мнозинството во Советот на Битола сепак, не ја откри локацијата на новата депонија.
„Информацијата за изградба на депонија во Пелагонискиот регион, ние како членови на општинскиот Совет, ја добивме 10 минути пред започнување на седницата на која истата требаше да биде ставена како предлог-точка“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Габриела Илиевска, независна советничка од листата „Поинаку“.
„Ние немаме апсолутно никакви информации во врска со неа. До нас не се стигнати ниту основните материјали за точката, освен она што усно ни беше соопштено на комисијата која беше одржана непосредно пред почетокот на седницата. Нашето гласање ‘за’, беше заради фактот дека ваков проект му треба на Пелагонискиот регион. Но, начинот на кој проектот се имплементира, е далеку од транспарентен и отворен. За оваа проблематика мора да се прашаат пред сѐ граѓаните, а секако дека и ние, како нивни претставници, мора да бидеме запознаени со сите детали. Не сакам да звучам скептично, меѓутоа, според она како власта го ‘подметна’ овој проект, мислам дека се работи за гол популизам и обид за дефокусирање на јавноста од она што во моментот ја мачи Битола, а тоа е енормното аерозагадување и непреземањето на никакви, итни или долгорочни мерки, за решавање на проблемот што со години, во буквална смисла на зборот, е ‘рак-рана’ за битолчани“, ни изјави Илиевска.
Битолчани кои мака мачат со загадувањето од РЕК Битола, посочуваат дека е неприфатливо да се гради регионална депонија „во најголемата житница Пелагонија, дури и да е по шведски стандарди“.
За време на посетата на Струга, евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека ЕУ е подготвена трајно да ги реши проблемите со струшката дива депонија, и дека се обезбедени средства и елаборати за изградба на регионална депонија. Но, според изјавата за медиумите на Глигорие Ќатоски од граѓанска иницијатива „Доста“, активистите во струшко, од досегашното искуство, се резервирани кон сите ветувања на централните и локалните власти во Македонија – дека ќе се започне со конкретни активности за решавање на проблемот: „…Со право сме резервирани кон ова ветување и не би можеле да го земеме ‘здраво за готово’, сè додека не видиме конкретни мерки и активности на дело, на терен“.
Дивата депонија во Тетово, долгогодишен главен загадувач на градот, е исчистена, а отпадот од собирните станици се транспортира во скопската депонија „Дрисла“, но сè уште, граѓаните немаат доверба во надлежните и бараат решение со современо менаџирање со отпадот, често не прифаќајќи ја како долгорочно решение ни депонијата Русино, која е предвидена за потребите на Тетово, Гостивар и на целиот полошки регион.
Жителите на Општина Дебарца, пак, со референдумско изјаснување ја одбија изградбата на современа депонија за југозападниот регион, во атарот на селото Годивје, со образложение дека се работи за најголемото сливно подрачје на Охридското езеро кое е под заштита на УНЕСКО: „Општина Дебарца претставува еколошки чиста средина, без тешка индустрија, и од овие причини недозволива е изградба на регионална депонија, односно, изградба на најголема фабрика за загадување на општината”.
(Гласот на Америка – опремата е на Глобус)