Весниците на лабански јазик – „Експрес“ и „Коха“ со наводи дека 200 милиони евра црни пари од руските служби се „инвестирани“ за соборување на Зоран Заев
ДРАГАН МИШЕВ
Дел од медиумите на албански јазик излегоа со информации дека, наводно, руските тајни служби инвестирале 200.000.000 евра и го финансирале ВМРО-ДПМНЕ и одредени албански партии за соборување на про-НАТО владата на премиерот Зоран Заев. Овие наводи ги објавија express.mk и kohanews.com, врз основа на, како што велат, изјава на висок функционер на македонската тајна служба, кој побарал да остане анонимен.
За постоење на црните пари во кампањата проговори и премиерот Заев на прес конференцијата по локалните избори кога ја објави својата оставка. За оваа тема стана збор и во Изборниот рапорт #34 на ЦИВИЛ и во анализата „Црните пари во македонскиот политички циркус“ од Џабир Дерала, иако во нив не се споменуваа суми.
Медумите ја пренесуваат изјавата на високиот функционер за сценариото според кое се финансирале овие партии во изборната кампања.
„Првото сценарио е средствата да дојдат од Русија, и тоа е направено преку македонски бизнисмени кои градат објекти во општините Аеродром, Гази Баба, Карпош, Ѓорче и други општини во Северна Македонија“ – пишуваат медиумите.
Според нивниот извор, преку овие инвестиции, парите се насочувале кон бизнисмени блиски на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Перењето пари се случувало преку новите згради, кои се во сопственост на познати бизнисмени, кои долги години го поддржуваат Никола Груевски. Овие сопственици биле главни финансиери на кампањата на кандидатите за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според второто сценарио, финансиите доаѓаат преку Чешка и Словачка. Од овие земји, познати бизнисмени поддржале одредена албанска партија во Северна Македонија, се вели понатаму во овие скандалозни откритија на медиумите.
„Тајната служба ги документира сите овие движења“, изјавил високиот функционер на македонската тајна служба. Во меѓувреме, споменатите медиуми наведуваат дека операцијата чинела 200 милиони евра, доволно за да се разнишаат позициите на владата на премиерот Заев. „Голем дел од општините кои некогаш имаа градоначалници од редовите на СДСМ, денес се предводени од кандидати на опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ“ – пишуваат медиумите на албански јазик.
Според пишувањето на овие медиуми, се очекува реакцијата на официјален Вашингтон на најновите случувања во Северна Македонија. Според нив, САД е силен поддржувач на Владата на премиерот Зоран Заев. За Заев велат дека е про-НАТО и про-ЕУ, наспроти ВМРО-ДПМНЕ, која е проруска, против Преспанскиот договор и за враќањето на старото име, Република Македонија.
(civilmedia.mk)