БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Јас ја респектирам битката за одредени вредности, отпорот на граѓанскиот и културниот свет против семоќната арбитрарност на власта во кадровските прашања, но во случајот со МКЦ ми се чини дека се манифестираат два или три капитални дефекта: петицијата за одбрана на статус квото е по дефиниција спротивна на идејата за независноста и алтернативноста на Младинскиот културен центар
Не паметам дека имало ваква петиција за некое кадровско решение. Ниту по бројот на потписниците, ниту по структурата, уметничка, професорска, естрадна, се познати и угледни личности. Многумина од нив ми се познати и по линија на општествените ангажмани во прилог на демократијата, правдата и културата, со кои треба да го закопчаме нашиот вагон за европската и светска композиција што јури кон светлата иднина.
Јас ја респектирам битката за одредени вредности, отпорот на граѓанскиот и културниот свет против семоќната арбитрарност на власта во кадровските прашања, но во случајот со МКЦ ми се чини дека се манифестираат два или три капитални дефекта: петицијата за одбрана на статус квото е по дефиниција спротивна на идејата за независноста и алтернативноста на Младинскиот културен центар. Не се сомневам дека таму се постигнати добри резултати, дозволувам дека сегашниот вд директор е супер, но идејата за промени не смее да почива само на лошите или катастрофални резултати, туку на самата себе како двигател на новото. Може да се случи промените да тргнат и на лошо, но тој ризик не смее сам по себе да ја суспендира идејата за промени. Второ, не говори во прилог на културниот, независен и алтернативен профил на Центарот и на неговите поклоници така беспардонно и на моменти, би рекол, дрско и, дури, безобразно, да застанат против кандидатурата на еден човек, односно против човекот како таков. Не ја знам понудата, не навивам за никого, не навивам ниту за Шакири, но вкупната интонација и особено заканите во петицијата, се против самата идеја за МКЦ. Не се одбрана на културата. Да не чепкаме во одредени формулации кои се или можат да се толкуваат уште понеповолно за иницијаторите и потписниците.
Јас сум за разбивање на формите, за отвореност, за кадровска и програмска промаја која ќе ни дозволи да ја почувствуваме розата на сите ветришта и ќе не натера да ја посакаме стабилноста, која потоа пак ќе ја урнеме. Пуштете ги луѓето, нека ги изложат своите програми, своите идеи, нека се отвори расправа и нека се изврши изборот. Така се работи во светот. Не само со младинските културни центри туку со сите институции од областа на културата.
Не можам да ги разберам стравовите дека ќе се случи катастрофа ако што било се промени во МКЦ. Освен, можеби, како закана. Не гледам друга смисла за тоа вкопување во статус квото.
Тоа е.