ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ
Стриктно почитувам презумција на невиност и какви било други правни принципи и финеси. Темата на овој текст не е кој колку е или не е виновен. Кога ги видов вестиве, инстинктивно, ми се наметна прашањето: како тие влијаат на перцепцијата за земјава како дестинација за инвестирање?
„Полицијата, по налог на Основното јавно обвинителство, го одзела мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка“….или… „Државната комисија (за спречување на корупцијата) смета за потребно да укаже на тоа дека судиите на Врховниот суд против кои во Судскиот совет се отворени постапки за разрешување од функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето“… Ова се некои од ударните вести во медиумите последниве десет дена.
Стриктно почитувам презумција на невиност и какви било други правни принципи и финеси. Темата на овој текст не е кој колку е или не е виновен. Кога ги видов вестиве, инстинктивно, ми се наметна прашањето: како тие влијаат на перцепцијата за земјава како дестинација за инвестирање? Како ли изгледа сето ова во очите на некој сериозен потенцијален странски инвеститор, кој го пие утринското кафе и ја привршува анализата за тоа во кој дел од светот да пресели дел од производството? Како ли изгледа и во очите на домашните инвеститори, колку и да се тие навикнати на егзибиции во правосудниот систем изминативе децении на независност на земјава?
Ова се потреси што создаваат чувство на несигурност, во целото општество, вклучително и во бизнис секторот. На економската теорија и’ е познато дека за економски раст и развој не се доволни само ефектите и влијанието на економските фактори. Потребно е владеење на правото, тоа е неизбежен предуслов за постигнување напредок којшто е долгорочно одржлив.
Кога се зборува за владеењето на правото и за ефикасноста на правниот систем на една земја, Светска банка, на пример, фокусот го става на сопственичките права и на правата што произлегуваат од склучени договори. Тоа е стандарден пристап, мора да сте сигурни дека има систем што ќе признае дека нешто е ваше кога ќе го купите и дека кога со некого ќе потпишете договор секој мора да ги изврши своите обврски. Кога не би биле исполнети овие базични правни услови тогаш нема што да се зборува за водење бизнис.
Но, ефективноста на правниот систем на една земја не треба да се гледа само низ призмата на сопственичките права и правата што произлегуваат од склучените договори. Таквиот пристап има премногу тесен опфат. Владеењето на правото е концепт којшто е многу посложен. Владеењето на правото се потпира на институции, се потпира на довербата во нив, се потпира на споделување на вредности и очекувања. Настаните спомнати на почетокот од овој текст ги подриваат институциите и довербата во нив. Следствено, се создава конфузија околу вредностите на кои треба да се потпира системот.
Но не е само правната несигурност негативната последица од најновите настани. Кога ќе се погледнат работите во еден поширок контекст, не само низ призмата на бизнис секторот, јулските случувања влијаат во насока на создавање на општо чувство на бесмисленост. Се банализира, се обессмислува секојдневието. Човек си го поставува прашањето: ако некој кој треба да се грижи за успешно функционирање на правосудниот систем на земјата чекори на границата помеѓу дозволеното и забранетото (времето ќе покаже дали некој можеби длабоко загазил во зоната на забранетото), што да се очекува од остатокот на системот? Или, чекор понатаму, ако вакви темелни работи за целокупниот амбиент стануваат проблематични, има ли смисла да зборуваме за некои други работи кои се многу важни, но сепак за нијанса помалку важни од владеењето на правото? На пример, има ли смисла во вакви околности да зборувате за некој сегмент од функционирањето на економијата, да отворите некоја економска тема, да предложите некоја сериозна мерка? Веројатно ќе и
згледате смешно во очите на другите и средината ќе ви каже, онака народски, види што се случува, а ти за што зборуваш. Во вакви околности, важни економски теми почнуваат да изгледаат бесмислено.
Ова се околностите во кои живееме веќе подолг временски период, со децении. Некому можеби му изгледа нормално, некој е збунет, ама веројатно не се ретки оние кои мислат дека сите ние овде сме всушност луди.