Да го направеа она што го направи Владата, предводена од СДСМ, во време на светската здравствена, а потоа и енергетска и сѐ уште неизвесна економска криза, тие ќе ја „напаствуваа“ јавноста со своите успеси
Сања Лукаревска, потпретседател на СДСМ и директор на УЈП во интервју за Рацин.мк говори за актуелната политичка ситуација во земјата. Таа и покрај неизвесноста од уставни измени верува во напредувањето на Македонија кон Брисел. Таа смета дека да останеше СДСМ на власт во 2006 та година, веќе ќе бевме полноправна членка на ЕУ како што сме сега на НАТО, но со многу помали компромиси. ВМРО-ДПМНЕ со доаѓањето на власт ја турна Македонја во агонија на популизам.
И Мицкоски добро ја памети 2006 година, вели Лукаревска. Ако сака да создаде поинаква слика за партијата која ја предводи, а не дека работи по нечиј диктат, тогаш прв ќе рече – дајте да одиме побргу кон Европа. Тажно е што домашни чинители калкулираат со нашата иднина користејќи се со лаги. Ниту идентитетот, ниту македонскиот јазик се загрозени. Ниту се изградени од стиропор ниту се чуваат во стиропор, вели потпретседателката на СДСМ Сања Лукаревска во интервјуто.
Со Сања Лукаревска разговараше Љубиша Николовски
Времето на скринингот полека истекува, а неизвесноста дали ќе има уставни измени расте. Колку е силна но и реална вербата во СДСМ дека тие ќе се случат?
– Членството во ЕУ е стратешка цел на речиси сите политички партии во земјава, барем според нивните програми.
Кандидатскиот статус го добивме пред 18 години, во 2005-та. Оние кои се родија таа година, денес се полнолетни.
Добар дел од нас, од нашите граѓани, бевме полнолетни и во 2006 година. На изборите , во таа 2006, гласањето против СДСМ ја втурна Република Македонија во агонија.
Следуваа години на политика на наводна непопустливост, години во кои популизмот беше поважен од реалниот живот и од интересите на граѓаните. На политичката маса понудата се промени, а влогот се зголеми – од култура на компромис до болни компромиси.
Оттаму, јас сум цврсто убедена дека да не дојдеше до промена на власта во 2006-та, веќе ќе бевме полноправна членка на ЕУ, како што сме на НАТО, но со многу помали компромиси.
Ако сме извлекле некаква поука и ако сме ЗА современа македонска држава, со европски фундаментални вредности, тогаш имам причина да верувам во нашето напредување кон Брисел.
Значи, не треба да дозволиме повторно да нè враќаат во античко време. Доволно е да се потсетиме на 2006 година.
Цврсто убедена дека да не дојдеше до промена на власта во 2006-та, веќе ќе бевме полноправна членка на ЕУ, како што сме на НАТО, но со многу помали компромиси.
Тврдоглавоста на Мицкоски да не прифаќа уставни измени најчесто од власта се толкува како лична суета и борба за власт. Но, има и такви коментари во јавноста дека е воден од други, туѓи интереси кои не сакаат МКД да продолжи на европскиот пат. Каков е вашиот став и дали за ваквите тврдења има основа?
– И Мицкоски добро ја памети 2006 година. Ако сака да создаде поинаква слика за партијата која ја предводи, а не дека работи по нечиј диктат, тогаш прв ќе рече – дајте да одиме побргу кон Европа.
Суета ли е, тврдоглавост ли е, туѓи интереси ли се… не знам и не би погодувала. Верувам само кога ќе видам дека преку своите постапки искрено се залага за правна држава, за борба против корупцијата, за подобар стандард, за неизолирана држава во која некои старо-нови семејни лози нема да можат повторно да ни го заробат животот.
Со целта-членство во ЕУ израснаа генерации. Со сегашниот наратив на луѓе кои мислат дека ова е тој момент, ова се нивните 5 минути, како ВМРО-ДПМНЕ тие, всушност, со години нè оддалечуваат од таа цел.
Мора да разговараме, да се договараме, да градиме култура на дијалог, најнапред дома. И договореното да важи, а не да ги менуваме ставовите во зависност од реакциите на социјалните мрежи. Да објаснуваме, а НЕ да манипулираме. Сериозни, одговорни луѓе мора да туркаат со силата на аргументите напред, макар и по цена на сопствената кариера. Еден ден вистината ќе дојде „по своето“ и „на своето“.
Тажно е што домашни чинители не сакаат или , поточно, калкулираат со нашата иднина користејќи се со лаги. Ниту идентитетот, ниту македонскиот јазик се загрозени. Ниту се изградени од стиропор ниту се чуваат во стиропор. Бесцелни се неколкуте политички кариери кои не можат да се извлечат од сопствената немоќ и таа немоќ ја проектираат врз целата држава.
СДСМ започна серија тематски трибини низ македонските градови. Дали е тоа дел од подготовките за избори кои предвремени или навремени се ближат?
– Трибините не се дел од предизборна кампања на СДСМ. Целта е да бидеме со граѓаните, со тие што нè избрале, но и со тие што гласале за друга политичка понуда. На терен, меѓу луѓето. Слушаме за да реагираме.
А изборите ќе си дојдат, тие се нормална работа во демократијата. Изборите не ни бегаат, но се плашам дека ако сега го сопреме патот кон ЕУ, победникот на изборите всушност ќе биде губитник. За државата и да не зборуваме.
Освен што сте заменик-претседател на партијата подолго време раководите со УЈП. Дали сте задоволни од резултатите што се постигнати и каков е одгласот на граѓаните?
– Од контактите што ги имам со граѓаните, тие изразуваат задоволство од услугата што ја добиваат во УЈП, но и од мерката Мој ДДВ што ми е особено драго. И целта на оваа мерка беше-од граѓаните кај граѓаните. Зашто да не заборавиме-со скенирањето на фискалните сметки не само што граѓаните добиваат процент од поврат на ДДВ, туку во истовреме со земањето на фискалната сметка граѓаните се и непосредни контролори дали данокот од нивните сметки завршува во државната каса од која повторно започнува кругот – плати, пензии, патишта, училишта, итн… Ме радува сè поголемата соработка со граѓаните кои пријавуваат каде не им е издадена фискална сметка, каде апаратот лошо ги печати сметките и сл.
Јас сум вработена во УЈП, а на челната позиција на Управата сум од јуни 2017 година. Познавајќи ја работата „од внатре“ можам да изразам задоволство од работењето на колегите во Управата. Да, секогаш може повеќе и подобро, и тоа е мојата цел – да го унапредуваме процесот на работа, споделувајќи искуства и применувајќи добри примери. Зашто УЈП се соочува и со нови предизвици во ерата на он-лајн продажбата.
Се чини дека незадоволството кај граѓаните по сите основи се зголемува и тие преку разни форми најавуваат протести барајќи поголеми плати и пензии. Дали тоа е реалност или Владата не успева да ги артикулира доволно јасно придобивките што во изминатиот период им ги овозможи на граѓаните?
– Фабрика за производство на лажни вести не е „инвестиција“ за СДСМ. Тој „изум“ докажано им припаѓа на пропагандистите од Белата палата. Да го направеа она што го направи Владата, предводена од СДСМ, во време на светската здравствена, а потоа и енергетска и сѐ уште неизвесна економска криза, тие ќе ја „напаствуваа“ јавноста со своите успеси. Како што сега се обидуваат со сета своја умешност да го минимизираат постигнатото од оваа Влада-покачени плати на достоинствено ниво, пензии кои се покачуваат со сè поголем процент, мерки за поддршка на социјалните категории, поддршка на бројни бизниси за време на светските кризи…
Инаку, акумулираното незадоволство кај граѓаните не се случува само кај нас во последниве 3 години. За жал, секаде популистите демнат и се протнуваат низ тие процепи на незадоволство. Социјал-демократијата е на удар во речиси сите европски држави. Десницата со леплива реторика настапува во европските држави. Но, едно да имаме предвид – десница кај нив и десница кај нас е тотално различно. Како разликата меѓу провев и циклон.
И да. Протестите се демократски одговор на одредено незадоволство. Контра протестите – не.
УЈП е за орган на прогон или орган за наплата. Дали и како би ја демантирале таа изјава?
Нема поголем демант од фактот дека улогата на УЈП е дефинирана со закон. УЈП не е орган на прогон.
Има ли разлика меѓу вмровското и сдсмовското УЈП?
Без разлика на нашата политичка определба, партиските бои не смеат да се „прелеат“ во УЈП. Тоа е мојот став според кој се раководам уште од првиот ден кога се вработив во Управата, еден од најважните столбови на државата.