Ако некој каже дека освоил 80 отсто од гласовите, таман за двотретинско мнозинство, за секој случај тој секако добро одмерува со каков резултат ќе победи на изборите
Изборната комисија во Белорусија го прогласи шефот на државата Александар Лукашенко за победник на претседателските избори. 65-годишниот претседател освоил 80,23 проценти од гласовите на вчера одржаните избори, соопшти раководителката на Комисијата, Лилија Јермошина денеска во Минск. Според неконечните резултати, за противканидатката на Лукашенко, Светлана Тихановскаја, гласале само 9,9 проценти од граѓаните. Излезноста на изборите во поранешната советска република била 84% од 6,8 милиони граѓани со право на глас.
Тихановскаја изјави дека нема да го признае поразот. Во повеќе гласачки места, каде не биле извршени манипулации, според информациите на нејзиниот штаб таа однесла тесна победа.
Илјадниците поддржувачи на Тихановскаја ноќеска низ цела земја протестираа против Лукашенко и изборни фалсификати. Тие им се спротиставија на силите за безбедност кои употребија водени топови, солзавец и засплепувачки гранати против демонстрантите.
Според податоците на организацијата за човекови права „Спринг 96″, во Минск загинал еден демонстрант, тој бил прегазен од полициски транспортер. Најмалку 120 луѓе се уапсени, а се јавува и за бројни повредени. Во утринските часови ситуацијата се смирила. Интернет страницата на Изборната комисија не е повеќе достапна, исто како и најголемиот дел од интернет-порталите во земјата, но сѐ уште функционира информативниот канал „Телеграм”. Владините противници на социјалните мрежи најавија нови протести, додека од шефот на државата досега нема никаква реакција. Лукашенко пред изборите вчера најави дека ќе ја брани својата власт со сите средства.
„Надоаѓа длабока, досега невидена криза”, изјави соработничката на Тихановскаја, Мариа Колесникова на една прес-конференција. Таа ја обвини владата за изборен фалсификат, на некои гласачки места излезноста според официјалните податоци била над 100 проценти. „Владата е неспособна да владее со земјата, властите треба да признаат дека мнозинството се наоѓа на другата страна”, изјави Колесникова.
Тихановскаја се кандидираше откако нејзиниот сопруг, познатиот блогер Сергеј Тихановски, беше уапсен и исклучен од изборната листа. 37-годишната Тихановскаја во изминатите недели доби масивна поддршка и мобилизираше бројни приврзеници. Лукашенко владее со поранешната советска република Белорусија веќе 26 години со цврста рака. Посоледниов мандат му е веќе шестти.
Одамна една изборна трка, според анаолитичарите не била толку интересна како оваа. До неодамна се’ укажуваше на уште една рутинска победа на претседателските избори во земјата на авторитарниот претседател Александер Лукашенко. Се чини дека Лукашенско се погрижи темелно да нема изненадувања.
65-годишниот поранешен директор на големо советско земјоделско претпријатие со поранешната советска република владее од 1994 година. Поради неговиот раководен стил, од страна на западните медиуми е нарекуван „последниот европски диктатор“ и го бие глас дека ги има цврсто в рака земјата и луѓето.
Но, овие избори фрлаат сомнеж во тоа. Земјата на источната ЕУ-граница се менува драматично. Со недели десетици илјади луѓе на протести бараат крај на владеењето на Лукашенко.
Сцени на кои 9,5 милиони Белоруси досега не навикнале. Зашто Белорусија со децении важеше за стабилна до делумно заспана постсоветска република, која опстојува во сенка на Русија. Промена на власта се чинеше невозможна, опозицијата беше раскарана, а населението не се бунтуваше благодарение на релативната благосостојба.
Тие времиња се чини се минато. „Доста ми е од молчење“, изјави на еден од протестните собири во Минск на крајот на јули кандидатката за претседател Светлана Тихановскаја. 37-годишната домаќинка на бината делуваше несигурно, но речениците кои ги читаше од еден лист хартија очигледно го отсликуваа она што го мислат многумина.
Тихановскаја стана симбол на противниците на Лукашенко. Таа се вклучи во претседателската трка откако нејзиниот сопруг, омилениот видео-блогер Сергеј Тихановскиј, не доби дозвола за кандидирање. Младата жена всушност воопшто не сака да биде претседателка. Таа најави дека во случај на изборна победа ќе распише нови демократски избори.
Некои опозициски политичари и медиуми, ја застапуваа тезата дека вистинскиот рејтинг на претседателот може да се изрази со едноцифрен број додека државмите медиуми ја „промашија“ проценката со приоценката за добиени 70 отсто од гласовите! Независно набљудувачко тело исто така не постои, зашто Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) овојпат не доби покана.
За разлика од соседна Украина, населението во Белорусија долго време важеше за пасивно. Тоа, меѓу другото, се должеше на релативно успешната економска политика на Лукашенко, која профитираше од блискоста со Русија која опфаќаше и кредити. Лукашенко меѓу народот доби прекар „Батка“ (нагалено за татко), неговиот патернализам имаше добар одек.
Но, во текот на изминатите години овој модел ги покажа своите слабости. Помеѓу Белорусија и Русија постојано има кавги околу доставувањето енергија. Благосостојбата на Белорусите се намали, а подготвеноста да се протестира се зголеми.
Во предизборната трка улога играше веројатно и односот на Лукашенко кон короната. На почетокот претседателот ја исмеваше болеста и ја игнорираше. Тој препорачуваше вотка и посета на сауна и се откажа од прогласување карантин ширум земјата, се’ додека на крајот на јули не се разболе и самиот од коронавирус.
Политичкиот пресврт почна да се наѕира на средината од мај, кога двајца претставници на владејачката елита најавија свои кандидатури на претседателските избори. Првиот од нив, Виктор Бабарико, беше долго шеф на Белгазпромбанк, фирма-ќерка на рускиот енергетски џин Гаспром. Вториот, Валериј Цепкало, е поранешен дипломат и раководител на еден технолошки парк.
Двајцата предизвикувачи се покажаа како големо изненадување во предизборието. Но, и покрај нивната популарност, не стигнаа далеку. Нивните кандидатури не добија дозвола. Бабарико беше уапсен поради наводно економско кривично дело, а Цепкало наводно самиот ја напуштил земјата.
На поранешните претседателски избори во Белорусија традиционално имаше геополитичка поделба на улогите – Лукашенко пледираше за интеграција со Русија, додека опозицијата се залагаше за приближување до Западот. Во моментов нема таква јасна поделба.
Односот со Русија важи за тензичен, меѓу другото и затоа што Лукашенко овојпат се спротивставува на уште потесна интеграција. Освен тоа, претседателот ја обвинува Москва дека се вмешала во белоруските работи и дека им дала поддршка на опозициски кандидати.
Внимание пред избори предизвика и апсењето на 33-ца Руси, кои во Белорусија беа опишани како „платеници“ на наводно приватна руска борбена единица. Белоруските власти ги обвинуваат уапсените дека подготвувале масовни немири. Москва тоа го демантираше.
Пад на Лукашенко реално се смета за неверојатен, но сега веќе не изгледа и невозможен. Шефот на државата никогаш не се стеснуваше од одбрана на својата моќ со насилство. Протестите по претседателските избори во 2010 година беа брутално задушени, а опозициските лидери беа уапсени. Тогаш Западот реагираше со санкции кои беа укинати дури пред неколку години. Дел од набљудувачите сметаат дека и сега веќе може да се наѕрат контури на полициска држава.