Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЛУТИНАТА КАКО АЛАТКА НА ОНЛАЈН КОМУНИКАЦИЈАТА

December 23, 2025 Filed Under: Колумни

AНА МАРТИНОЛИ

Целта е една – да се преплави јавниот простор со разни видови лутина со голем интензитет до степен до кој рационалната дебата станува невозможна. Политиката станува низа од афективни настани, а публиката (гласачите) повеќе не бараат информации, туку емоционална стимулација и конфликт

Rage bait е термин кој, според Оксфордскиот речник, ја одбележа годината зад нас. Дали ова значи дека живееме во време кога лутината повеќе не е несакан ефект на политичките конфликти, туку нејзин главен ресурс? Мамката за бес (вослободен превод)  како комуникациска стратегија која намерно произведува лутина и бес со цел на зголемување на видливоста на онлајн содржината, е сè подоминантна логика на политичките перформативни изведби пред публиката. Политиката станува низа од афективни настани, а публиката (гласачите) повеќе не бараат информации, туку емоционална стимулација и конфликт.

Ако мамката за бес го зазеде јавниот онлајн простор, тогаш логичката последица е да се изгради политички авторитет потпирајќи се на претставувања на покачени тонови, закани и лутина, наместо на аргументи или агенди. Овој стил мигрира сè поинтензивно од социјалните мрежи кон парламентот, конференциите за печатот, па дури и кон традиционалните медиуми, кои разбираат дека ќе мора да се борат за вниманието на каприциозната публика со интензитетот на чувствата што ги предизвикуваат, а не со кохерентност и сигурност. Ова поместување длабоко ја менува природата на политичкото дејствување: политичарите кои не генерираат доволно гнев, бес или конфликт стануваат невидливи. Оние кои произведуваат премногу стануваат алгоритамски фаворизирани. Платформите наградуваат поекстремна, директна содржина, обликувајќи го не само стилот на комуникација, туку и идентитетот на политичките актери.

Оваа логика не ги „зарази“ само политичарите. Таа ги трансформира и медиумите, кои повеќе не можат да ја игнорираат економијата на афектите. Под притисок на бројот на кликови, прегледи и постојаната борба за видливост, медиумите сè повеќе се префрлаат од информациски модел на реактивен комуникациски модел. Афективните критериуми стануваат поважни од професионалните, што значи дека темите се избираат според тоа каква реакција ќе предизвикаат, а не нужно според она што е јавно релевантно. Насловите се пишуваат како емоционални предизвикувачи, а не како анализи и најави за содржината. Поларизацијата ја произведуваат медиумите, бидејќи алгоритамските модели ги наградуваат спротивставените наративи. На крајот на краиштата, ова може да доведе до губење на посредничката улога на медиумите.

Кога редакциите почнуваат да функционираат според правилата на големите онлајн платформи, разликата помеѓу професионалното новинарство и дигиталната пропаганда станува сè поретка. Мамката за бес станува „норма за профитабилност“, а професионалните стандарди се луксуз што не секој медиум може да си го дозволи повеќе. Во таква социо-политичка средина, медиумите не само што посредуваат во политичкиот гнев, туку честопати и го произведуваат, легитимираат и засилуваат. Во авторитарните и хибридните политички системи, како што е Србија, мамката за бес долго време е инструмент на државна комуникација што се користи свесно и намерно. Механизмите се добро познати. Создавање „емоционални“ непријатели кои предизвикуваат гнев, со што се хомогенизираат поддржувачите и се одвлекува вниманието од структурните проблеми, економските кризи и политичката одговорност.

Афективните инциденти, од медиумски лудило до оркестрирани кампањи што ротираат со вртоглава брзина, наметнуваат бес како инструмент за управување со јавното расположение, а презаситената публика не може да го одржи вниманието на една тема доволно долго за да артикулира критичка дебата. Конечно, политичките фигури усвојуваат техники на инфлуенсери за да се синхронизираат со алгоритамската логика – се користат кратки видео формати, се персонализираат конфликтите и се создаваат вирални наративи. Целта е една – да се преплави јавниот простор со разни видови гнев со голем интензитет до степен до кој рационалната дебата станува невозможна. Во таков систем, и политичката релевантност и медиумската вредност се мерат според потенцијалот да предизвикаат силни емоционални ефекти – и кога гневот станува основа на комуникацијата, демократскиот дијалог се трансформира во деструктивна арена на реактивни конфликти на идентитетот.

(Авторката е српска теоретичарка за медиуми, текстот е објавен во radar.rs)

Filed Under: Колумни

САМИТОТ ОД БРИСЕЛ БАРА ПРОМЕНА НА ЛЕКСИКАТА ВО ВЛАДИНИТЕ КРУГОВИ ВО МАКЕДОНИЈА
КOНГРЕС НА ДУИ: АХМЕТИ НАЈАВИ ВЕТИНГ ЗА 34 ГОДИНИ И ИЗВРШЕН БАДИНТЕР
ХРВАТСКА СЕ ЛИЗГА ВО КОНФЛИКТ
СО „ВАРВАРИ“ НА ГОРКИ МНТ ОТВОРИ ОДАМНА ПРАЗНО ПОГЛАВЈЕ ВО ИСТОРИЈАТА НА НАШИОТ ТЕАТАР
ЏОЗЕФ СТИГЛИЦ: ОПАСНО Е ДА СЕ ИМА АВТОРИТАРЕН ЛИДЕР БЕЗ НИКАКВА КОНТРОЛА

Најново

  • САМИТОТ ОД БРИСЕЛ БАРА ПРОМЕНА НА ЛЕКСИКАТА ВО ВЛАДИНИТЕ КРУГОВИ ВО МАКЕДОНИЈА
  • КOНГРЕС НА ДУИ: АХМЕТИ НАЈАВИ ВЕТИНГ ЗА 34 ГОДИНИ И ИЗВРШЕН БАДИНТЕР
  • ХРВАТСКА СЕ ЛИЗГА ВО КОНФЛИКТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet