БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Муличковски почина оваа недела на 93 години. Неговите колеги се простуваа со него, славејќи го како нивен важен вучител и голем архитект. Но, еднакво значаен е Муличковски заради неговата храброст да говори јавно во тие мрачни времиња, заради борбеноста од која не се откажуваше на своите 84 години
„Што е слободата на изразување“, прашува Салман Ружди и објаснува: „Без слобода да може да се навреди некој, таа престанува да постои“. Затоа и великанот на македонската архитектура, Петар Муличковски, пред 11 години кога правев интервју со него во „Нова“, изјави: „Скопје 2014 е глупост и срам.“ Тоа е времето на Груевски, на груевизмот, кога наградениот проект на Владата, ремек- делото на Муличковски беше претворено во криминална, циркуска креатура, за која дури му било и понудено да биде консултант за идејните решенија за новата, барокна фасада.
Муличковски почина оваа недела на 93 години. Неговите колеги се простуваа со него, славејќи го како нивен важен вучител и голем архитект. Но, еднакво значаен е Муличковски заради неговата храброст да говори јавно во тие мрачни времиња, заради борбеноста од која не се откажуваше на своите 84 години, заради слободата за која ретко кој во тоа време се бореше, заради свесноста дека немаме избор, затоа што ако стравот не води во тешки времиња, подобро сами да се закопаме во срамот.
Муличковски не се бореше само за своето дело, не, секако дека не. Тој говореше за опасноста од уништување, крадење, фалсификување на сите дела во оваа држава, тој предупредуваше на историскиот, културен, општествен геноцид за кој малку луѓе го креваа својот глас, храбро, гордо, без оглед на свесноста за последиците.
И затоа- оваа земја ќе стане навистина држава тогаш, во оној момент кога ќе стане свесна за луѓето кои ја раѓале, ја растеле, ја негувале, граделе, ја создале. Тогаш кога ќе знае да им се оддолжи на Илинка Митрева, Петар Муличковски, на таткото на Младиот отворен театар, Љубиша Никодиновски-Биш- луѓето кои заминаа последниве две недели. Ако властите не сакале да им се оддолжуваат додека биле живи, имаат обврска за иднината- да покажат дека тоа се луѓето кои навистина вределе во оваа земја, и конечно- и затоа токму се тие што ја создале.