Изминативе неколку недели, низ земјава имаше мини-турнеја на која беа промовирани две дела – „Среќните луѓе не слават родендени“ на домашниот автор Сашо Кокаланов и „Животот на литературната класика“ на бугарскиот книжевен истражувач и критичар Пламен Тотев
Малку кој во земјава знае дека Тотев, како издавач, има преведено и објавено над 70 дела на македонски автори на бугарски јазик. Од друга страна, пак, се и македонски издавачи кои ја доближуваат бугарската култура и литература, се разбира на тие што читаат
„Ја како автор и писател сум мошне среќен и задоволен што моите романи ги преминуваат границите на Македонија, ете во соседна Бугарија. Пламен Тотев покажа еден сенс, едно чувство и за соседство и за добра литература. Јас сум од оние автори, меѓу последните што не преведуваат во Бугарија и навистина сум среќен и задоволен. Замислете на кој начин отидов во Бугарија како автор. Мене ме препорача мој читател, на која сум и бил омилен писател во детството. Тоа е Фросина Пармаковска. И тоа во најголемиот ковид. Но, таа препорака беше сосема доволна за сосема кратко време да се појават моите романи ‘Марта’ и ‘Сама’ и третиот роман, ‘Другата Марта’, како втор дел на романот ‘Марта‘“, вели писателот Горјан Петревски.
Споменатата Фросина Пармаковска, пак, е меѓу првите млади авторки од земјава чии дела се читаат и во соседна Бугарија. Романот „Вишнова хроника“ е преведен на бугарски јазик пред девет години, заедно со делата на повеќе други современи македонски писатели.
„Во однос на тоа што значи за мене тој превод, значи многу, затоа што е мој прв превод воопшто на друг јазик, а и на моите колеги тогаш своевремено. Понатаму Пламен ги објави речиси сите мои романи, последниот излезе сега неодамна, но во Бугарија се објавени ‘Одбројување’ и ‘Навраќање’. Она што можам да забележам е дека не е само објавување поради објавување, туку имам впечаток дека книгите живеат. Сите овие книги што ги споменав имаа своја промоција таму пред голем број читатаели. Денес преку социјалните мрежи лесно е да се добие фидбек, така што сум доста задоволна. Имам впечаток дека книгите си го наоѓаат својот пат до читателот“, посочува писателката Фросина Пармаковска.
Пармаковска и Петревски беа меѓу десетината писатели присутни на двојната промоција која имаше и мала турнеја низ земјава – на „Среќните луѓе не слават родендени“ од домашниот автор Сашо Кокаланов и „Животот на литературната класика“ на бугарскиот книжевен истражувач и критичар Пламен Тотев.
Освен за делата, на настанот се зборуваше и за издавачката мисија на Тотев. Еве како го претстави директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Софија.
„Го имаме на една страна овој човек што своето срце го подарил на културата и заради тоа има голема благодарност не само од нас, туку и од норвешки, шведски, грчки и од хрватски автори. На неколку фестивали што сме биле, тој е исклучителен култур-трегер и исклучителен организатор на културни настани“,
рече Сашко Насев , директор на македонскиот Културно-информативен центар во Софија.
„Особена страст имам за македонската литература. Затоа што, прво, многу ми е блиска како емоција, како тематика, како начин на пишување,“
вели книжевниот критичар и издавач од Бугарија , Пламен Тотев.
Најголема помош во изборот на дела Тотев вели дека има од неговиот колега Нове Цветановски кого го опишува како Кристофер Колумбо во македонската литература. Заедничката соработка ја почнале од првата средба во 2015 година.
„Не сто посто, не 102%, беше 600% успешна, затоа што на таа средба веднаш договоривме превод на шест книги од млади македонски автори и тие преводи мислам дека беа први преводи на друг јазик, освен на македонски. И беа излезната врата за тие автори на други јазици, односно надвор“, рече Нове Цветановски, издавач „Македоника литера“.
За изборот на делата кои ќе ги издаде, Тотев вели дека критериум му е книгата да го привлече како читател. Па, така ја добива желбата делото да го претстави и пред бугарската читателска јавност.
„Бев восхитен од првите книги што ги прочитав и ги издадов потоа – на Фросина Пармаковска ‘Вишнова хроника’ и ‘Сплаварот’ на Владимир Плавевски. Бев восхитен од тоа како современата македонска литература успева исклучително фасцинантно да пишува и за сегашноста и за минатото, нешто што е многу важно, зашто има многу модерни експерименти и во македонската и бугарската и европската литература за поинтересно да се пишува, стилот да биде поинтересен, но тоа секогаш не им се допаѓа на читателите,“ вели Тотев.
На прашањето дали наидува на негативни реакции поради акутелните случувања меѓу Македонија и Бугарија, тој одговара:
„Мислам дека ние сме луѓето што градат мостови – мостови и меѓу државите, меѓу Македонци и Бугари. Едноставно, тоа е нешто што има смисла. Додека политичарите се спремни попрво да ги срушат тие мостови.
– Ве прашувам особено ова прашање зашто интересно е што една од причините за раздор е токму јазикот. Јазикот на творење. За вас постои македонски јазик, постојат Македонци?
Да, точно е тоа. Можеби овде многу се експонира таа тема, а и во Бугарија, но факт е дека мнозинството од Бугарите, повеќето, ако земат да прочитаат една македонска книга, не би можеле да ја прочитаат. Не би можеле да разберат се што е напишано во неа. Можат да погодуваат што е напишано, но едвај би можеле да го разберат се, како кога би го прочитале на бугарски“, додава Тотев.
За другиот повод за настанот, промоцијата на романот настанат од сценарио „Среќните луѓе не слават родендени“ говореше авторот Сашо Кокаланов.
„Идејата ми беше да се обидам во книжевноста да се обидам да постигнам нешто што во филмот се нарекува филм во еден кадар. И затоа романот е напишан без нови редови, во еден здив. Идејата ми беше да бидам пократок искрено за да може и да се прочита во еден здив“, рече Сашо Кокаланов.
Двајцата автори на промоцијата беа најавени како перјаници на новото време. Но, секако не се и единствените.
Северна Македонија можеби нема пандан на Пламен Тотев, но секако има издавачи кои ги носат бугарските автори пред нашата публика.
„Драго ми е што оваа промоција вечерва беше збогатена со гостувањето на бугарскиот издавач и книжевен деец Пламен Тотев. Особено затоа што Пламен Тотев со неговата издавачка куќа дава голем фокус на македонската издавачка литература. Голем дел од македонските автори кои се издадени во „Или-или“ се преведени на бугарски јазик. Така што, ете и македонската литература ја доближува до бугарските читатели. Од друга страна, „Или-или“ има преводи на бугарски писатели. Тука е секако Георги Господинов којшто е многу популарен кај нас, неколку пати беше во Скопје, тие промоции беа одлично посетени. Тука е и Владимир Зарев, Капка Касабова“ вели Ненад Стевовиќ, издавач „Или-или“.
Секоја преведена книга и секој преведен автор се уште еден мост. А мостовите, можеби секогаш не придонесуваат за подобро разбирање, но без исклучок поврзуваат. Како инаку две страни би почнале да комуницираат.
(360 степени)