Се разбира, треба да се има предвид дека врз двоумењето влијаат многу фактори, а не само интелигенцијата, и дека резултатите треба да се разберат како индикатори за статистичка поврзаност. Со други зборови, не може да се каже дека секој што се двоуми дали да се вакцинира е неинтелигентен, и обратно
Луѓето што одбиваат да се вакцинираат во просек имаат пониски когнитивни способности, односно понизок коефициент на интелигенција, според големото истражување објавено во списанието „Брејн, бихејвиор енд имјунити“.
Двоумењето дали да се прими вакцина е под влијание на голем број фактори
Со оглед на тоа што стекнувањето колективен имунитет против коронавирусот е главен предуслов за враќање во нормален живот, научниците спровеле многубројни истражувања за време на пандемијата за влијанието на различни социјални, бихевиорални, културни и други фактори врз двоумењето за вакцинирањето, пренесува хрватскиот портал Индекс.
На пример „Пју рисрч“ открива интересна корелација помеѓу различни фактори и неподготвеноста што владее меѓу Американците во однос на вакцинирањето. Во истражувањето на „Пју рисрч“ било откриено дека на двоумењето влијаат возраста (помладите луѓе повеќе се двоумат од оние што се над 65 години), етничката припадност (Азијците најмалку се двоумат, а црнците најмногу), религиозноста (атеистите најмалку се двоумат, а евангелистичките протестанти најмногу), политичката припадност (конзервативците повеќе се двоумат, а либералите помалку).
Во друго истражување „Пју рисрч“ откри дека постои силна врска меѓу недовербата кон вакцините и недовербата кон владата, и дека двоумењето значително зависи од нивото на образование.
Првото истражување поврзано со коефициентот на интелигенција и двоумењето за вакцинирање
Авторите на ново истражување во воведот пишуваат дека за време на пандемијата биле откриени неколку фактори што даваат јасни предвидувања за нивото на двоумење кон вакцинацијата против ковид-19. Но, иако постојат истражувања што покажале дека луѓето со пониско ниво на когнитивна способност имаат проблеми со нефармаколошките епидемиолошки мерки (држење растојание, носење маска итн.), улогата на интелигенцијата во одбивањето вакцина не била претходно испитана.
Научници, претежно епидемиолози и психолози од Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Единбург, одлучиле да ја тестираат врската помеѓу резултатите од низата тестови на интелигенција и двоумењето за вакцинирање, врз основа на извештаите за сопствените ставови. Истражувањето било спроведено откако успешно била тестирана вакцината на „Астра зенека“.
Користени се податоци од илјадници учесници. Во истражувањето биле користени податоци од ковид-анкетата што ја следи пандемијата и е составен дел од истражувањето „Разбирање на општеството“, кое следи десетици илјади домаќинства во Велика Британија на различни теми. Неделата непосредно по објавувањето на резултатите од успешното тестирање на првата ефективна вакцина (ноември/декември 2020 година) биле собрани податоци за намерата на 11.740 лица (6.702 жени) на возраст од 16 до 95 години.
Резултатите од тестовите на општите когнитивни функции биле утврдени врз основа на шест теста собрани во главното истражување „Разбирање на општеството“, пред почетокот на пандемијата.
Меѓу учесниците, околу 17,2 отсто или 1.842 од нив изјавиле дека се двоумат околу вакцинацијата.
Авторите прво ги контролирале резултатите на таков начин што ги исклучиле можните влијанија на возраста, полот и етничката припадност. Ова било важно да се направи затоа што било очекувано постарите, кои со невакцинирање ризикуваат повеќе, помалку да се двоумат.
Исто така, тимот направил приспособувања за менталното и физичкото здравје и за статусот на заштита на домаќинствата, но тие немале влијание врз резултатите.
Од друга страна, спроведената контрола за степенот на образование довела до делумно слабеење на резултатите. Со други зборови, степенот на образование влијаел врз двоумењето (пообразованите помалку се двоумеле), но дури и кога било исклучено неговото влијание, веројатноста за влијанието на интелигенцијата врз двоумењето останала значителна.
Колку е помала когнитивната способност, толку е поголем скептицизмот кон вакцината!
Тоа и се очекува затоа што постои корелација помеѓу коефициентот на интелигенција и степенот на образование, и тоа во двете насоки. Имено, не само што луѓето со повисоки когнитивни способности во просек постигнуваат повисоки академски достигнувања, туку истражувањата покажаа дека секоја година образованието го зголемува IQ за околу три поени.
Авторите откриле дека колку се помали когнитивните способности на учесниците во истражувањето, толку повеќе се двоумат кога станува збор за вакцинирањето.
Сепак, научниците истакнуваат дека нивното истражување има едно важно ограничување, а тоа е дека се заснова на изјавите на луѓето за нивните намери, а не на нивното вистинско однесување. Со други зборови, авторите немале информации кој од учесниците всушност се вакцинирал, а кој не.
Поинтелигентните се помалку збунети и помалку заведени од лажните вести
Во извештајот научниците презентирале можна поврзаност што ја забележале.
– Неточните информации на социјалните мрежи може да го искомплицираат донесувањето одлуки, што доведува до тоа луѓето со пониски резултати на когнитивните тестови да се двоумат – заклучуваат авторите.
Се разбира, треба да се има предвид дека врз двоумењето влијаат многу фактори, а не само интелигенцијата, и дека резултатите треба да се разберат како индикатори за статистичка поврзаност.
Со други зборови, не може да се каже дека секој што се двоуми дали да се вакцинира е неинтелигентен, и обратно.