ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Ќе избираме претседател на Републиката! Тоа е сериозна и одговорна работа. Претходно пишував за тоа, колку е сериозно да се избере претседател на „натовска“ држава, каква што ние за кратко ќе бидеме. Затоа овие претседателски избори, се повеќе од само избор на претседател на Републиката.
Етиката бара средствата да бидат усогласени со целта. Погрешна е онаа, целта ги оправдува средствата. Но изгледа, ние во Македонија сме навикнати да ја практикуваме таа втората максима, особено за време на избори. Од тука, во име да се победи на избори, оправдано е да се служиме со се, па и со ширење на лажна надеж, извртување на вистината, злоупотреба на семејства… се на се, тоа во политикологијата е забележано како „валкана кампања“.
Тоа се практикува насекаде низ светот, особено во „старите демократии“, па од тука можам да заклучам, дека работите во Македонија на оваа тема, може да очекуваме да се подобруваат после некои дваесет до триесет години, од денес…првенствено мора да има промена на генерацијата, па после се друго. Првата максима вика, ако сакаш чиста победа, чесен избор, легитимитет и легалитет на твоето управување, тогаш мораш и можеш да користиш, односно ти е дозволено да се служиш само со чисти, чесни, легитимни и легални изборни алатки.
Од сите „лоши алатки“, најлоша е онаа давање, ширење на лажна надеж. Тоа е така, зашто предизвикува долготрајни последици по политичарот како личност или политичкиот субјект, што продуцирал лажна надеж. Најдобар пример за тоа се плеада досегашни македонски политичари, без да ги именувам, од причина што се премногу, а последен случај е СДСМ и нивните ветувања за „живот“ во Македонија.
Пред се, ветувањето дека сериозно ќе се направи дисконтинуитет од начинот и методите на управување на „груевизмот“. Многумина поверуваа во тоа, почуствуваа надеж. Зашто надежта е душевна состојба, верување во нешто, но и дека тоа нешто ќе се исполни. Денес, после половина мандат од СДСМ, многумина изгубија надеж, се разочараа, ги повреди таа душевна состојба и сега се најголемите непријатели на СДСМ.Тие се оние 100.000 и кусур гласови, кои им недостасуваа на СДСМ за време на референдумот. А зошто им се налутија? Па поради давање на лажна надеж! И толку, тие на подолг рок ќе бидат „непријатели“ на СДСМ.
Кај нас немаме проблем со „сеење надеж“, туку со нештото кое треба да ја исполни таа надеж. Тука веќе креваме раменици. Немаме идеја. А да ги прашаш, зошто посегнавте по методот на ширење на лажна надеж, повторно само кренати раменици.И се така, во круг. Сега сме за кратко, пред влез во изборна кампања. Ќе избираме претседател на Републиката! Тоа е сериозна и одговорна работа. Претходно пишував за тоа, колку е сериозно да се избере претседател на „натовска“ држава, каква што ние за кратко ќе бидеме. Затоа овие претседателски избори, се повеќе од само избор на претседател на Републиката.
На овие избори, ќе се утврди траекторијата по која сите ние ќе се движиме, во времето кое доаѓа.Токму затоа е важно, времето на лажни ветувања, на сеење на лажна надеж од страна на политичарите, да остане зад нас. Криминализацијата на таа практика е повеќе од оправдана. Редно е да има одговорност. После добивање на мандати неисполнување на дадените ветувања, поради предизвикани материјални и душевни штети кај народот, избраниот политичар да понесе кривична одговорност. Па он нека продолжи да лаже. Да сее лажна надеж. Можеби така, ќе успееме да го скратиме тој повеќедецениски период на трансформација и ќе бидеме пример и за „старите демократии“.
Иако како секој граѓанин ме интересира поведението на секој политичар, без разлика на политичка определба, сепак дворот на СДСМ го оставам за расчистување на нивните душегрижници. Јас ќе се обидам да подрасчистам во мојот вмровски двор. Зашто ако ти смрди твојот дом, не можеш да зборуваш за оној на комшијата. Во контекст на лажната надеж, секое ветување од страна на политичарите, за суспендирање на Преспанскиот договор, во краткиот период кој следува, е безочно лажење на граѓаните и обид преку такво лажно ветување, да се соберат гласови. А тоа, после успешни избори, ќе кошта премногу.
Ако веќе имаме намера да застанеме зад такво ветување, мора да кажеме и како ќе го реализираме?!? Дали преку дирекна промена на Уставот?!? Дали преку Анекс на Преспанскиот договор?!? Како, на кој начин?!? И најважно, што им нудиме наподржувачите на евро-атлантската интеграција на земјава, во услови на итенревизионистички пристап кон актуелниов Устав? Се разбира доколку сакаме гласови, од такви како мене. Фактите говорат дека Македонија е далеку од можноста за таква агенда. А градење на политика, која не се базира на факти, е премногу штетна за самиот промотор на таа политика.
Во таа насока, доколку нашиот кандидат Гордана Силјановска – Давкова, продолжи со оваа реторика и се задржи на ревизионистичкиот курс, преку практикување на методот на „сеење на лажна надеж“, дека ќе го вратиме името на Републиката, како Република Македонија, ризикува да направи трајни и несогледливи штети на нашата партија ВМРО ДПМНЕ. После, се надевам на успешни избори за нас и нереализирање нa даденото ветување, кога ќе се соочиме со разочарувањето на оние кои поверувале во лажната надеж, тоа ќе има такви последеци, што дирекно ќе не спречи да победиме на следните парламентарни избори. Со оглед на фактот што госпоѓа Силјановска доаѓа од левата провиниенција на политичкиот спектар во земјава, за неа последиците ќе бидат минорни, но за нас десничарите и активисти на ВМРО ДПМНЕ, тие последици ќе бидат траорни. Не смееме да дозволиме на ВМРО ДПМНЕ да и се случува она што денес му се случува на СДСМ!
Професорке Силјановска, морате да покажете чувство и за нас вмровците! Не може толку себично, сите карти да ги изгориме во овие избори. Можеби за Вас, овие избори се се или ништо, но за нас вмровците се само една етапа, еден мал чекор до целта. Мораме да мислиме на иднината, не само на актуелниот момент.Мора да им понудиме излез на граѓаните од оваа состојба, а не само да пловиме врз нивните емоции. Зашто после изборите, се надевам со победа, граѓаните ќе осознаат дека сето тоа било нереално ветување и ќе не казнат на, за нас најважните, парламентарни избори.
Штом таа работа со името, му стана јасна и на Груевски и истото го истакна во едно од неговите писанија на ФБ, тогаш на сите ќе ни стане јасно, колку е саатот. Само да не биде предоцна и да не се изгуби премногу време во погрешни ветувања и верувања?!? Не е во ред да живееме во лажна надеж или да шириме таква “надеж”!
Најголемата грешка на ВМРО ДПМНЕ, не е одлуката да бидете Вие кандидат или било кој, туку одлуката да остане надвор од процесот на “атлантизација” на Македонија. Но уште поголема грешка ќе биде, ако останеме надвор од процесот на “европеизација”. Тогаш едноставно ќе нема простор за политичко дејствување. А Вие морате да појасните на сите нас, како до европеизација на Македонија, преку итен ревизионистички пристап на воспоставениот процес? И го имате мојот глас! Дојде време за одлука, ќе понудиме иднина за земјата и граѓаните или ќе се удавиме во минатото?!? Јас сум за иднината! Вие за што сте?!?
Потребна е понуда за просперитет на младите, поизвесна иднина за бизнисот, работниците и земјоделците, но и помирна старост на пензионерите. Тие работи се меѓусебно поврзани, а решението за сите проблеми е во европската иднина, не во балканското минато. Токму поради тоа „сеење на лажна надеж“, движењето за бојкотот на референдумот се претвори во чудовиште, кое денес не се контролира. Сега се сврте против својот творец, творецот на чудовиштето.Тоа е цената на непринципиелната политика, која не е базирана на вредности, туку на интереси. Потребна е масовна излезеност на овие избори, граѓанска должност е да се гласа, со цел да се одлучиме за каква иднина сме, врз база на понудата, која ќе ја добиеме од кандидатите, во текот на кампањата.