ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Режисерката Нела Витошевиќ на репертоарот на Македонскиот народен театар – Скопје го постави Макбет на Вилијам Шекспир. Користен е преводот/препев на Богомил Ѓузел, извршен продуцент е Симона Угриновска, сценографијата е на Константин Трпеновски а негов асистент е Моника Ангеловска, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска на која асистент и е Дафинка Балабанова–Алексова, композитор е Огнен Настасовски…
Освен идејата на Нела Витошевиќ да го постави Шекспировиот Макбет како приказна за нас/за денес, таа точно ја одбрала и актерската екипа, заедно со другите реализатори, знаејќи што сака да каже и како тоа треба да функционира низ преставата. Во нејзиниот концепт дејствието е сместено во денешен контекст. Во желбата на поединецот (и не само сам) за моќ – онаа која не познава граници, која применува најразлични нехумани средства да стигне до неа, односно до целта за власт и да се остане во/на неа. И неговата жртва – изгубениуот човек во небиднините на времево..
Претставата на Витошевиќ е бунт (макар и театарски) против она што ни се случува – кошмарно време без граници и уште помалку оправдувања или срам од/за општествените проблеми и нехуаното здраворазумно поимање за вистината/стварноста во која живееме. За, како вели Нела, гнилата состојба на духот. Секој сам и сите заедно.
Веќе ја спомнав комплетно добрата актерска екипа. Тоа се: Сашо Коцев како Макбет, Драгана Лошкова како Леди Макбет, Сенко Велинов како Кралот Данкан (лично се радува што Сенко е пак на сцената), Дениз Абдула како Малколм, Стефан Вујисиќ како Банко, Благој Веселинов како Макдаф, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска и Ивана Павлаковиќ (како Вештерки 1, 2, 3), Борче Начев како Рос, Славиша Кајевски како Ленокс, Исмет Шабановиќ како Ментен/Гатрдистот, Дарко Ристовски како Кетнес, Томислав Дабитковски и Ненад Анѓелковиќ како Убиец 1 и Убиец 2, Виктиор Бужаров како Сиворд, Филип Ивковски како Флинс, син на Банко, и Андриан Бориал е Мооче, син на Макдаф.
Моќен е влогот на режисерката и сета екипа да се создаде компактна претстава во која секој сам и сите заедно создаваат сценска приказна за (не)времево во кое сите сме заглавени/заринкани: секој во/со својот поглед кој, практично, ништо не покажува и никде не води. Затоа и соочувањето со реалноста е сурово/вистинито. И не само поединечно, туку како целина која ги отвора/посочува најзначајните битисувања во времево. Како она, на пример, кога Макбет вели „да бидеш она што си е ништо без да си сигурен во она што си“. И што понатаму? Тука, заринкан во безислезот. И евентуалната нечија верба во некогашен излез. Или пак ништожност кон претставата на оние кои живеат во свој затвотрен/сомнителен свет за неговата постојаност иако им е сосем јасно дека сето она што е сомнително (лажно) има свој крај.
Низ животот на јунаците на Макбет во режијата на Нела Витошевиќ нема излез, уште помалку надеж. Како и во животот ако го живееш со ширум отворени очи.
Во претстата на Витошевиќ и на сите други во неа, нема ништо што дава надеж. Или, како и каде. Во тоа е и нејзината отвореност преку која режисерката заедно со целата екипа, отворено говори/говорат кажува/кажуваат. Не покажува/покажуваат или бараат излез: само се отсликува налудничавоста на времево. Во тоа е и големината и разбуричканото чувство на задоволство кое трае и откако претставата поминала – и како простор и како време. Вистината што, иако ја знаеш, ти создава немир.
Витошевиќ и екипата, реков, само покажуваат. Го вперуваат зборот и речиси секој чекор на сцената, секоја промена или секој зрак на светлина или промена на светлото, музиката и најмногу односот на актерот кон ликот и кон целото дејствие. Сето ова станува моќна вистина за вистиината. Изградени/создадени низ процес на укажување (како со вперен прст) на сето она што не притиска, со кое живееме и, сепак, знаеме дека излезот е никаде.
Оттука е и вистината/мачнината што се понесува со себе по одгледувањето на претставата. Заедно со сознанието дека режисерката Витошевиќ и буквалнио целата екипа заедно, се во сценската/театарската приказна која ги отвора небиднините на животот. Која и замислува и уште потоа трае. Како што трае и чувството за нова/добра претстава на репертоарот во Македонскиот народен театар – Скопје.