БЛАГОЈ ЗАШОВ
Наивност не може да ѝ се припише и на бугарската држава која склучила договор за размена на населението со Грција. За да ги избрка Грците од црноморските градови таа се согласила Грција да ги исели Македонците од Егејска Македонија и на нивно место да ги насели крајбрежните Грци од Бугарија, како и „православните Грци“, кои бегале од Турција. И за тоа двете држави потпишале посебен договор
Не знам дали еден бивш премиер на Македонија, чие име не сакам во оваа прилика да го споменам, беше првиот кој го спомена поимот „длабока држава“, што би значело држава во држава. Притоа мислеше, како што рече во едно свое неодамнешно интервју на некакви српско-македонски удбашки структури кои го кочат македонско-бугарското пријателство. Изјавите што тој ги даде пред бугарските новинари, веројатно ги кажал и на бугарските раководители со кои успеал да се сретне при неговата посета на Бугарија минатиот декември. Овој премиер, кој кога замина од власт во 2002 година, по завршувањето на мандатот полн со скандали (Тајван, судирот во 2001 г., продажбата на ОКТА со скандалозен договор со големи штети за државата) изјави дека во меѓувреме станал богат колку еден скромен бизнисмен. И сега се занимава со бизниси, а се обидува да биде актуелен во секој даден момент, за да не биде фрлен на буништето на историјата. Затоа тој настапува со тврдењето дека наводно во Македонија има сили кои како „длабока држава“, работат, покрај другото, и против зближувањето на бугарскиот и македонскиот народ,
Но, да размислиме дали такво нешто постои во Бугарија. Дали таму има сили кои дејствуваат како „длабока држава“.
Низ историјата е познато дека Македонците бегале во Бугарија, или се иселувале во Софија и околината (Владаја), од различни причини: економски, политички, револуционерни, образовни, а понекогаш и откако убиле некој турски бег, кој ги напаствувал жените и девојките во некое село. Таа била судбината на илјадници Македонци. Наивност не може да ѝ се припише и на бугарската држава која склучила договор за размена на населението со Грција. За да ги избрка Грците од црноморските градови таа се согласила Грција да ги исели Македонците од Егејска Македонија и на нивно место да ги насели крајбрежните Грци од Бугарија, како и „православните Грци“, кои бегале од Турција. И за тоа двете држави потпишале посебен договор. Тоа било првото етничко чистење на Македонците во Грција, но во тоа време било протолкувано како доброволна размена на населението.
Така во Бугарија се создала една македонска маса која станувала сè посилна. Тоа го забележал и францускиот новинар Виктор Берар. Тој во својата книга под наслов „Македонија“, Париз, 1900, вели:
„Овие Македонци ја дигнаа револуцијата во Румелија и, со добро или со сила, го припоија Филиппополи кон Софија. Во Владата на припоената Румелија и во владата на целото Кнежевство, тие сакаа да го покажат својот талент и со махинации да извлечат некоја корист. Но, во Софија, како и во Атина, овие браќа од странство беа добредојдени сè додека носеа приходи и беа покорни. Штом го побараа својот дел од добивката, почнаа да ги третираат како освојувачи. Во Софија македонските Бугари беа отстранети од власта и од јавните функции. Диктатурата на Стамболов, кој се насочи особено против нив, ги натера да се притајат, да почнат со ковење на заговор, и, конечно, да возвратат со силен удар со кој беше прекинат животот на тиранинот. Иако ослободени од Стамболов Македонците не ја намалија омразата против кнезот, кого го прогласија за негов соучесник. Згора на тоа, исчезнувањето на Стамболов не промени ништо во чувствата на автохтоните Бугари кон Македонците, ниту пак влијаеше на нивната лична положба во Кнежевството. Секогаш беа држани надвор од јавните работи, и тие, водени од личниот интерес, се свртеа кон нови патриотски концепции. Тие порано се залагаа и работеа за анексија на Македонија кон Бугарија, како што работеа и за анексијата на Румелија. Денес, предупредени од примерот со Румелија, кого го искорисија Бугарите, Македонците повеќе не сакаат бугарска Македонија. Можеби нивното влијание и нивното место би биле, исто така, ограничени како што се ограничени во сегашното Кнежество.
Тие сакаат македонска Македонија, една Македонија на Македонците, привилегирана, автономна или независна провинција, со каква и да било влада, под услов да е во нивни раце“.
Балканските војни и потоа Букурешкиот договор ги разбија сите илузии на Македонците дека ќе имаат своја држава или автономија во рамките на Турција. Некои од нив, како на пример Тодор Александров, поверуваа дека тоа што Бугарија не можеше да го освои во двете балкански војни, ќе успее да го реализира ставајќи се на страната на Австро-унгарија и Германија во Првата светска војна. Но следуваше втората национална катастрофа на Бугарија и губење на излезот на Белото Море, факт кој беше потврден со решенијата на Париската конференција во 1919 година. Кон Вардарска Македонија, која Србите ја нарекоа Јужна Србија, беше приклучена и Струмица и околината.
Македонците во Бугарија како пропулсивен елемент, постепено се вградувале во бугарската држава. Тие политички се ангажирале, но постанувале и познати адвокати, инженери, новинари, судии, обвинители, генерали. Останал еден дел вклучен во организацијата ВМРО, кој сонувал да се создаде „автономна Македонија“. Организирале свои комитети, а често испраќале чети во Вардарска Македонија и тврделе дека се борат за ослободување на Македонија од Србите, која подоцна ќе се приклучи кон Бугарија. Биле држава во држава. Пиринска Македонија била нивна. Тоа дворот и бугарската влада го толерирале до 1934 година. Времето работело за бугарската држава. Политиката и образованието си го направиле своето. Македонците во Бугарија полека се претопувале во Бугари. Некои од нив се пројавувале како поголеми Бугари и од оние Бугари од Источна Бугарија. Така македонските Бугари ја дочекале Втората светска војна. Влијаеле Бугарија да се определи за Тројниот пакт, зашто со него, сега веќе нивната нова татковина, ја добивала и Македонија. На тој начин влијаеле Бугарија уште еднаш да ја избере погрешната страна и поради нив да ја доживее и третата национална катастрофа. По војната многу од Македонците и во Бугарија и во Македонија, кои учествувале на погрешната страна, биле судени. Дел од нив завршиле трагично. Останале нивните потомства да жалат за изгубената војна како и сите други Бугари.
Еден дел од Бугарите сепак, со помош на Црвената армија и со дозвола на Тито, во т.н. Отечествено-фронтовска војска од октомври 1944 година учествувале во операциите на протерување на германските трупи од Балканот. Продолжиле и на север до Драва. Сакале да стигнат и до Берлин, но нацистичка Германија во меѓувреме капитулирала.
По Втората светска војна била создадена Народна Република Македонија, како една од шесте републики во федерална Југославија. Со Бледскиот договор било предвидено Пиринска Македонија да се приклучи кон НР Македонија. Во 1946 година коските на Гоце Делчев биле пренесени од Софија во Скопје. Во Пиринска Македонија се отвориле школи на македонски јазик, Македонски народен театар во Благоевград, учители и глумци заминале на тамошниот македонски народ да му предаваат на македонски јазик и да изведуваат македонски пиеси.
Но политиката уште еднаш ги поделила Македонците. Информбирото ја уништило идејата за балканска федерација во која Македонците конечно требало да живеат заедно. Во исто време почнала Граѓанската војна во Грција. Илјадници Македонци загинале во таа војна, а многу деца, жени и старци морале да ја напуштат Грција. Тоа било второто етничко чистење на Македонците од Егејска Македонија.
Македонците кои живееле насекаде низ ,Бугарија морале конечно да се помират со судбината и сè повеќе, особено нивните потомци, да се вклучуваат во политичкиот живот на Бугарија како чисти Бугари. Ја прифатиле тезата дека Бугарија е „осакатена“ зашто најголемиот дел од Македонија нема да биде вклучен во Големата Санстефанска Бугарија. Пиринскиот дел од Македонија кој, за да се избрише како дел од Македонија, е преименуван во Благоевградски округ. А во него останале и Македонците кои во еден попис на населението биле запишани во друг избришани. Остаток од тие Македонци е организацијата Илинден-Пирин, која правно се бори пред европските институции. Бугарија плаќа казни. Но не ги признава како Македонци и не ги регистрира како организација или политичка партија.
Македонија по балканските војни била распарчена, а со тоа и Македонците. Се случувало едно семејство да биде поделено во три држави по осмиот коридор. Како што е и случајот со семејството на Миле Стефановски и неговите двајца браќа и потомците познатите Горан Стефановски (писател) и Влатко Стефановски (музичар). И во оваа прилика ќе ја раскажам приказната на сега покојниот Миле Стефановски, што од него ја чув во осумдесеттите години, престојувајќи службено со него во Тирана. Семејството Стефановски е по потекло од Дебар. Почнале делбите и еден дел се преселил во Тирана, другиот дошол во Скопје, а третиот заминал за Бугарија и се населил во Варна. Еднаш, ми раскажуваше Миле, бев поканет на крштевка кај еден од братучедите кои живеат во Варна. По церемонијата во црквата се собравме на ручек кај родителите на машкото дете. Во еден момент таткото го соблече детето го стави на својата лева дланка, го сврте на запад кон Софија и со десната рака го плесна по газето велејќи: „Расни малечок да владееш со Бугарија“. Бев изненаден од тоа што го чув, рече Миле. Татко му на детето објасни: „Ние Македонците во Бугарија од многу одамна го имаме тој обичај со нашите новороденчиња“. Ова кажува многу.
Во тоа време со Бугарија владеел источноевропски сталинистички систем, а по смртта на Сталин советски комунистички режим на чело со Тодор Живков. Неговото доаѓање на власт било искористено да се развие бугарскиот национализам кон Македонците до крајни граници. Тогаш се поставени основите за идната политика на Бугарија, која владее и до денес. Тогаш во Бугарија побегна и Македонецот Венко Марковски и „постана“ голем Бугарин, та напиша една своја пофална песна за Тодор Живков. Ја читав како млад дипломат. Подоцна најверојатно се покаја откако под необјаснети околности загина неговиот син. Но тоа е друга приказна.
Бугарија во 1991 година се откажа од комунистичкиот багаж, но не и од бугарскиот национализам на Тодор Живков и од учењето за македонското прашање. Со генерации Бугарите беа и сè уште се учени дека Македонија е бугарска земја, која неправедно им била одземена. Се оправдуваа националните катастрофи и погрешната политика на одделни бугарски влади при избирањето на погрешната страна во војните. Единствено што било исправно била Санстефанска Бугарија, чие траење како што е познато од историјата било само четири месеци. Но и тоа било доволно за митот за Санстефанска Бугарија и во 1991 година националниот празник да се утврди на 3 март, односно денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор и создавањето на една таква „целокупна Бугарија“.
Во јануари 1992 година Бугарија прва ја призна Македонија како држава. Во тоа веројатно улога имале и македонските Бугари. Но, како што нѝ објасни поранешниот бугарски претседател Жељу Желев, при една средба во Давос кон крајот на тој месец, со тоа не се признаваше македонската нација и македонскиот јазик. Значи признавање со задршка. Условено признавање. Признавање кое долги години потоа Бугарите ќе го користат за да добијат поени пред Македонците, кога ќе ги „најдат во тесно“.
Се потсетувам на една анегдота од мојот престој во Стразбур како постојан претставник на Република Македонија во Советот на Европа. Еден висок функционер во Советот, во една прилика во 1994 година ми рече: „Господине Зашов, вие имате проблем со Грција околу името Македонија, но ќе го решите со компромис. Но, вие во иднина ќе имате поголем проблем со Бугарија. Тој ќе се отвори кога Бугарија ќе смета дека е дојдено времето.„. Не верував во тоа што го слушнав и му објаснував дека Бугарија прва ја призна Македонија, дека имаме добри односи, дека нѝ помагаше за време на грчката економска блокада. Сепак времето дојде. Тоа е оваа 2020 тешка вирусна година, кога Македонија требаше да ги почне преговорите за зачленување во ЕУ. Бугарското вето беше поставено, но и критикувано од сите други членки на ЕУ. Чешка и Словачка блокираа некакво компромисно решение прифатено од Бугарија.
И по долгото објаснување за настаните кои се случуваа во претходните стотина години се враќам на почетното кажување за „длабоката држава“. И се прашувам. Дали Македонците во Бугарија, оние асимилираните, оние кои се чувствуваат Бугари, зашто тоа е нивно индивидуално право, се длабоката држава во Бугарија. Онаа која ја одведе соседна Бугарија во три национални катастрофи и можеби сега сака да ја одведе и во четврта. Меѓу тие Македонци е и господин Кирил Топалов, кој како социолог е член на бугарскиот дел на Мешовитата историска комисија. А такви како него, потомци на Македонците, кои постанале поголеми од Бугарите, има многу во Бугарија. Длабока држава.
Скопје, 15.1.2021 година