Дали наскоро ќе исчезне стариот стереотип за варварскиот Балкан ќе зависи не само од динамиката на европското интегрирање на Западниот Балкан. Тоа ќе зависи и од самите народи во тој регион
КИЦА КОЛБЕ
Каде завршува Европа и започнува Балканот? Во Виена! Во тоа веруваа Германците пред Првата светска војна. Во шеесеттите, кога од Балканот и од југот, од Грција, Италија и Југославија почнаа да пристигнуваат гастарбајтери во Германија, Балканот се помести погоре. Од тој миг Балканот почнуваше на железничката станица во Минхен. И во поранешна Југославија Балканот почнуваше јужно од Загреб. Балкан долго беше се‘ што е југоисточно од Средна Европа. Тоа беше стариот Балкан. Од него еден дел веќе е доместициран во ЕУ. Сега има само уште Западен Балкан. Тој настана со поместувањето на европската граница се‘ до крајниот балкански Исток – до Бугарија и Романија. Западен Балкан е технички термин во комуникацијата во рамките на ЕУ. Со него се обележани земјите кои во најскора иднина треба да станат членки на ЕУ. Тоа се земјите кои се простираат западно од планината Балкан. Иако намерата на европската администрација била да создаде географска ознака, сепак, и во ознаката Западен Балкан уште е жива негативната, грда слика за Балканот како воинствен, непомирлив предел, зад грбот на Средна Европа. Впрочем, името Балкан и отоманската администрација го беше избрала како географски поим. Но, тој во текот на балканската историја стана мрачниот близнак на Западна Европа.
Валтер Бенјамин ја рaзбираше историјата како писмо. Тоа ни‘ се отвора како порака само кога сегашноста ќе дојде во погодна констелација со минатото. Сегашната состојба во Македонија е една таква историска констелација. Нејзиното писмо може да се разбере само ако се толкува низ призмата на целокупната историја на создавањето македонска држава. Како држава во срцето на еден агресивен националистички Балкан. Таа историја сведочи дека македонската држава настана наспроти волјата на трите силни балкански национални држави. Да беше според нив, веројатно никогаш не ќе постоеше македонска држава. Поволната констелација за Македонија беше Втората светска војна и учеството на Македонците во ослободителната борба на југословенските партизани. Слична поволна констелација беше и прогласувањето на самостојноста на Република Македонија во процесот на распаѓањето на Југославија. Во денешната констелација Македонија – дури и со државно име Република Северна Македонија – има шанса да воведе нова парадигмата во односите со соседите. Таа од жртва на балканската националистичка историја може да стане промотор на една поинаква, европска мирољубива политика.
ИРАЦИОНАЛНА БАЛКАНСКА ИСТОРИЈА Пред речиси три децении, кога се распадна Југославија, повторно се појави старата балканска констелација околу Македонија. Онаа од времето по Балканските војни. Колку тоа и да беше неверојатно за сите генерации што растеа во мир во државата Југославија, искусните политичари во првата македонска влада уште добро се сеќаваа дека на стариот Балкан мирот најчесто беше исклучок, а војните правило. И во својата мудрост, особено онаа на првиот претседател Киро Глигоров, тие успеаја вешто да ја поведат Македонија до самостојност без пролевање крв. Се‘ до мигот кога на тој пат се испречи призракот на стариот Балкан – грчкото вето за името Македонија. Тоа, пак, во сета своја ирационалност е исто толку поврзано со ненадминатата траума која во Грција ја остави Граѓанската војна. Од тој миг иднината на Македонија падна во сенката на ирационалната балканска историја за која сите долги години веруваа дека е одамна завршена.
Но и тоа што некогаш беше Југославија, истовремено за целиот свет небаре преку ноќ пак стана стариот Балкан. Оној на недовршените балкански војни, кои продолжија меѓу останатите југословенски народи. Таа слика за мрачниот, разорувачки Балкан не беше никогаш исчезнала од историското паметење на Западна Европа. Крвавото распаѓање на Југославија ја потврди таа слика во најдрастичната форма. Сепак, иако Европа го познаваше милитантниот потенцијал на Балканот, таа предолго веруваше дека Југославија може да се спаси и дека разумот може да превладее. Од сведоштвата на претседателот Киро Глигоров денес е јасно дека Европската Заедница уште пред да се засилат војните им понудила на сите претседатели на југословенските републики придружно членство и значителна финансиска помош. Но, под услов да се сочува југословенската федерација. Тоа речиси сите енергично го одбиле. Трагично е што токму недостигот на поинаква визија од национализмот во двете најголеми југословенски републики доведе до стравотни војни, со неброени човечки жртви и уништување на речиси се‘ што беше заеднички изградено во Југославија. А за траумите што ги оставија тие војни во животите на преживеаните дури допрва ќе се говори.
ПАТРИОТИЗМОТ НА ДРЖАВОТВОРНИОТ РАЗУМ За жал, денес во Македонија само малкумина ја поседуваат прагматичната државотворна мудрост на Глигоров. Нему никогаш не му недостигаше патриотизам. Само тој не беше ирационалноста на национализмот. Туку патриотизмот на државотворниот разум и интерес како највисока доблест. Таа доблест му недостига на сегашниот претседател Иванов, кој се раководи од фанатичниот национализам и од сервилноста на една криминогена партиска клика. Значајно е и тоа што Глигоров го раскажува за дебатата во македонското Собрание пред првиот Референдум. На сите пратеници им било јасно дека прогласувањето на самостојноста во толку напната состојба, особено со оглед на политиката на Милошевиќ, е рискантен чин. Во Хрватска веќе се водеше војна. Малкумина биле тие што верувале дека Македонија ќе може да помине без крвопролевање. Но во жестоката дебата токму еден од пратениците на ВМРО повикувал на тоа дека во таков историски миг за Македонија, Македонците не смеат да бидат разединети. Само тројца пратеници биле против одлуката за Референдум. Таква историска и државотворна свест денес се чини незамислива во контекстот на целосната национална и политичка разединетост на Македонците. Уште помалку замислива е мудроста на политичарите од првата македонска влада, кои во конечната разделба од Југославија – онаа од ЈНА и од нејзиниот арсенал од оружје – спречија да дојде до било какви конфликти. Глигоров раскажува дека во тие драматични денови една група на политичари на ВМРО се упатила да ја освои, со голи раце, воената касарна „Маршал Тито“. Тој во последен миг го повикал кај себе пратеникот на ВМРО Борис Змејковски и побарал од него да ја спречи таа лудост. Тој тоа веднаш го сторил. Од оваа историја треба да учат денешните политичари на ВМРО.
БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ Една од причините за ескалацијата на војната во Југослвија Глигоров ја гледа во непомирливите ставови на некои од членовите на југословенското Претседателство. Тоа, пак, е поука и за тоа колку е ризична за безбедноста на Македонија актуелната целосна блокада на политиката по референдумот од 30 септември. Тогаш, имено, кога се распадна пред очите на сиот свет државата Југославија, не требаше долго за непомирливоста и омразата да се рашири и кај југословенските народи, кои, од братски, станаа завојувани народи. Тие, чии претседатели ја одбија понудата од Европската Заедница да станат европски граѓани. Исто како што и денешните пратеници на опозицијата го одбиваат Преспанскиот договор. А притоа знаат дека со тоа ја одбиваат ЕУ и сета меѓународна заедница. Сето тоа им беше познато тогаш и на Милошевиќ и на Туѓман. И тие се одлучија да го одбијат посредништвото од Европската Заедница и од САД. Тие повеќе сакаа да станат ново-старите Балканци. По цена да се уништи се‘ што создаде Југославија. Секој од нив повеќе сакаше да одвојува една своја, само своја балканска војна. А пропагандата на војната брзо меѓу обичните поранешни југословенски граѓани ги рашири теориите на заговор. Тие, на кои и денес им веруваат многу Македонци. Во тие теории виновникот за распадот на Југославија беше ЦИА и Ватикан, Западот и Големите сили, кои во балканското митолошко паметење отсекогаш имаа улога на судбина. А Западна Европа, од своја страна, во новите балкански војни виде само потврда дека Балканот, бруталниот, варварскиот Балкан никогаш не бил мртов.
Во истиот миг западниот демократски свет почна да говори за опасноста мрачната, разорна димензија на Балканот да ја „балканизира“ сета Европа. Интелектуалниот дискурс од крајот на деведесеттите поаѓаше од тоа дека сликата за варварскиот, атавистички, архаичен Балкан е само проекција на Западна Европа врз еден регион, кој од различни историски причини и‘ останал туѓ и непознат, мрачен и непристапен. Секако, истото важи и за сликата која Балканот веќе долго ја култивира за самата Западна Европа. Таа е или идеализирана или демонизирана. Така е и денес во длабоко разединетата јавност во Македонија. Сознанието, пак, на крајот на дваесетиот век беше дека и двете слики, онаа за Балканот и онаа за Западна Европа, се само „клишеа и стереотипи“. А тие самите се идеолошки калапи или закостенети предрасуди, кои никогаш не можат да ја пренесат своевидноста и реалноста на една земја или на еден регион.
Едно сознание, притоа, не беше доволно јасно истакнато. Тоа настапи дури откако завршија војните во Југославија. Имено, дека стереотипите, негативните слики на Западна Европа за Балканот се и самите производ на недостиг од конкретно историско искуство и комуникација со Балканот.
НЕЗАВРШЕНА БАЛКАНСКА ИСТОРИЈА Сликата за варварскиот Балкан не беше митолошка фантазија, иако стереотипот е често полезен за митологизација. Варварскиот Балкан е незавршената балканска историја. Тој деструктивен Балкан не е само географија. Тој е, пред се‘, начин на мислење и на однесување. Тој е менталитет на народите кои небаре постојано живеат во неопределеноста помеѓу Западот и Истокот. Помеѓу Окцидентот и Ориентот. Балкан е неспособност да се постави колективното, државното добро над поединечното. Балкан е затвореност во својата национална слика и во своите партикуларни интереси. Мрачниот Балкан е начин на однесување кое во изборот помеѓу здравиот разум и безумноста на националната гордост најчесто го избира второто. Непомирливиот Балкан е производ на неспособноста за комуникација и недостиг на визија за заедништво, во локални и во глобални рамки. Сето тоа е многу различно од европското искуство по Втората светска војна. Отаде постојаното недоразбирање помеѓу Европа и Балканот. Впрочем, Балканот и самиот не се доживува себесе како дел од Европа.
Дали наскоро ќе исчезне стариот стереотип за варварскиот Балкан ќе зависи не само од динамиката на европското интегрирање на Западниот Балкан. Тоа ќе зависи и од самите народи во тој регион. Имено, од тоа дали тие конечно ќе изградат европска самосвест. Од тоа дали ќе го надминат искушението на македонските националисти кога се прашуваат – „а зошто да не сме во унија со Русија или со Кина”? Европа не е само избор. Европа е природна припадност на Балканот. Германскиот новинар Тео Зомер, во септември во колумната за неделникот „Ди Цајт“ напиша дека во мигот се заканува „балканизација на Балканот“. Со тоа тој мисли на повторна балканизација на делот од Балканот кој уште не е во НАТО и ЕУ. Имено, Западниот Балкан. Долго време зафатена со внатрешни проблеми и финансиски потреси, ЕУ како да го остави настрана Балканот. Тоа, според него, доведе до еден вид вакуум во кој сега политички и стопански се пробиваат други субјекти: Русија, Турција, Саудиска Арабија, но, пред се‘, Кина. Кинезите инвестираат во обновата на инфраструктурата, Саудиска Арабија гради џамии и верски училишта, а Русија стратешки бедеми. „Сите тие заедно во мигов се обидуваат однадвор да го балканизираат Балканот“, пишува Тео Зомер. Се‘ додека сите земји од Западниот Балкан не се најдат под покривот на ЕУ, конфликтниот потенцијал на тој европски регион нема да се намали. А со тоа не ќе може да се гарантира ниту демократијата. Според него, ЕУ мора дотогаш да одржува над земјите – кандидати еден безбедносен чадор, за да го спречи понатамошното балканизирање на Балканот однадвор. Навистина, ЕУ мора да најде и други начини на тесна соработка со земјите како Македонија. Таа е премногу мала и кревка за да се извлече со своја сила од „живиот песок“ на криминалот, корупцијата, беззаконието и насилството во кое пропадна во долгите години на чекање да се реши спорот со Грција.