Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МАКЕДОНИЈА Е ВО ДЕМОГРАФСКА КРИЗА

January 6, 2026 Filed Under: Македонија

Живееме подолго, а нè има сè помалку: Македонија со минус 4.000 жители за една година

НИТУ КОРОНАТА НЕ ПОМАГА Наспроти очекувањата дека заради затвореноста на брачните двојки во домовите за време на короната, 2021 година означува старт на опаѓање на породувањата

Зад подолгиот животен век се крие тивка демографска криза. Сè помалку бебиња се раѓаат, додека бројот на возрасни и стари лица расте, менувајќи ја старосната структура на населението. Контрастот меѓу новиот живот и стареењето станува сè поизразен и сè потешко одржлив за државата.

Иако Македонците живеат подолго отколку пред една година, бројките од демографската статистика и понатаму испраќаат јасна предупредувачка порака – земјава продолжува да се празни

Очекуваниот животен век во Македонија лани се зголемил за една година и достигнал 76,6 години, но тоа не било доволно да се ублажи негативниот природен прираст. Во текот на 2024 година се родило 16.061 дете, а починало 20.201 лице, што значи намалување на населението за над 4.000 жители за само една година.

Позитивен природен прираст е забележан исклучиво во Скопскиот регион, додека сите други региони останале во минус. Најизразен раст во главниот град е регистриран во општините Сарај, со плус 8,4, и Чаир, со плус 5,5 на 1.000 жители. Спротивно на тоа, најголем пад на ниво на држава има во Ново Село со минус 14,8 и во Новаци со минус 13,7 на 1.000 жители.

Податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, објавен од Државен завод за статистика, покажуваат дека негативниот природен прираст трае континуирано од 2019 година наваму. Само во споредба со 2023 година, бројот на живородени деца е намален за речиси 700 – од 16.737 на 16.061.

Во четири региони – Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот – негативниот природен прираст надминал 4 лица на 1.000 жители, што е речиси двојно повеќе од државниот просек од 2,3. Во рамки на Скопскиот регион, најнизок прираст е забележан во Кисела Вода со минус 4,2 и во Карпош со минус 3,9.

На државно ниво, највисок позитивен природен прираст имаат Арачиново (+10,5), Студеничани (+9,7), Сарај (+8,4), Липково (+6,2), Чаир (+5,5), Зелениково (+5,3) и Шуто Оризари (+5,2). На другата страна од табелата се Ново Село (–14,8), Новаци (–13,7), Старо Нагоричани (–13,6), Кратово (–12,8), Берово и Чешиново и Облешево (по –10,3), како и Росоман (–10,2).

Трендот на опаѓање на бројот на новородени трае повеќе од една деценија – од 23.002 живородени деца во 2016 година. Најдраматичен пад е забележан во 2021 година, кога се родиле 18.648 деца, а починале 28.516 лица, што значело намалување на населението за речиси 10.000 жители.

ПРИРОДАТА СМИРУВА Вевчани е место каде нема разводи!

Структурата на живородените деца покажува дека 42,7 проценти се првородени, 38,1 проценти второродени, 13,2 проценти третородени, 3,7 проценти четвртородени и 1 процент петтородени. Најголем дел од мајките се на возраст меѓу 25 и 29 години (31,8 проценти) и меѓу 30 и 34 години (30,8 проценти).

Најчести причини за смртност остануваат болестите на циркулаторниот систем, кои учествуваат со 36,6 проценти, потоа неоплазмите со 19,6 проценти, како и ендокрините, нутритивните и метаболичките болести со 7,7 проценти.

Покрај демографските движења, статистиката покажува и промени во семејниот живот. Во 2024 година се склучени 11.066 бракови, што е за 1.600 помалку во однос на претходната година. Истовремено, бројот на разводи пораснал за 259 и достигнал 2.024.

На 1.000 склучени бракови, во просек имало 183 разводи. Највисок однос на разводи е забележан во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион – над 200 на 1.000 бракови, додека најнизок е во Североисточниот регион, под 140.

По општини, најмногу разводи на 1.000 жители има во Зрновци (888), Лозово (500), Росоман (461), Градско (437), Делчево (386), Дојран (363), Гевгелија (319), Кавадарци (316) и Центар (308). Најмалку разводи се евидентирани во Вевчани и Центар Жупа, каде што бројката е нула, како и во Сопиште (26,3), Липково (32,4), Арачиново (36), Сарај (44) и Пехчево (45,5).

(sloboden.mk – опремата е на Глобус)

Filed Under: Македонија

И ОФИЦИЈАЛНО: ДРЖАВАТА ЛАНИ СОБРАЛА ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА ПОМАЛКУ ПРИХОДИ
РЕК БИТОЛА Е ВО ПРЕДСМРТНА АГОНИЈА
ТРАМП, МАДУРО И ПРАШАЊЕТО НА ВЛАСТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА
ГОСПОД ЈА СОЗДАДЕ НОВАТА ЖЕНА НА ПЛАЖАТА НА СЕН ТРОПЕ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (160) ЗЕМЈАТА НА АГРЕСОРОТ Е ПОЛНА СО НЕПОКРИЕНИ ПАРИ

Најново

  • И ОФИЦИЈАЛНО: ДРЖАВАТА ЛАНИ СОБРАЛА ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА ПОМАЛКУ ПРИХОДИ
  • РЕК БИТОЛА Е ВО ПРЕДСМРТНА АГОНИЈА
  • ТРАМП, МАДУРО И ПРАШАЊЕТО НА ВЛАСТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet