Се зголемува бројот на општини со негативен прираст – во овој период тој број е најголем и изнесува 48, или тоа се 60 проценти од општините во државата, анализира Дончо Герамисовски, експерт за статистика
Миграциските движења со отселувањето и доселувањето во земјава, односно надворешните миграции се со нецелосен опфат, така што немаме релевантни податоци за пообемни и веродостојни анализи за бројот и структурата на населението.
– Веќе подолго време се кажува, посочува, анализира, констатира и прикажува состојбата со населението во земјава, односно за демографските состојби. Во услови на немање спроведен попис на населението веќе подолг временски период од 16 години, што е несфатливо и неприфатливо во Европа, а и во целиот свет, не можеме да ја знаеме состојбата со бројот, структурата и сите преостанати белези за полот, возраста, образовната, економската, етничката, социјалната, станбената, земјоделската и преостанатата структура на населението во земјава – оценува еден од најсттарите експерти за статистика кај нас Дончо Герасимовски, во една свој анализа. – Меѓутоа, какво е природното движење на населението од аспект на живородени деца, умрени лица, умрени доенчиња и природен прираст на населението може да знаеме Затоа, во овој момент можеме слободно да ги анализираме податоците што се објавени како претходни дури и за првиот квартал од 2018 година. Според истите, може да констатирам дека трендот на намалување на бројот на живородени деца или наталитетот и натаму се намалува, а со тоа и природниот прираст на населението.
Што е за сериозност? Дека сѐ е помал бројот на живородени деца и сѐ е помал бројот на населението во 60 отсто од општините.
Што значи тоа? Големо иселување од земјава, доаѓање до степен на длабока демографска старост на население, до затворање основни училишта, особено во селските населени места, односно во руралните општини, и до раселување на малите населени места.
Врз основа на што го заклучува ова Герасимовски? Во првите три месеци од 2018 година во шест од осум региони имаме појава на негативен природен прираст на населението. Тоа значи дека во истите е намален бројот на населението по природен пат. Потоа во 48 општини имаме појава на негативен природен прираст на населението, а во десетина со еден, два, три позитива, што е рамно на нула. Сето ова говори дека Македонија се празни, дека малите населени места се раселуваат и дека населението е старечко.
Во првите три месеци од 2018 година бројот на живородени деца изнесува 5.255 и е помал за 85 во однос на истиот период од 2017 година, или за 1,6 отсто. За разлика од нив, бројот на умрените лица е намален и со тоа е ублажен негативниот природен прираст на населението. Во овој квартал од годината, за разлика од претходната, има појава на 700 помалку умрени лица, односно нивниот број е 5.432.
По региони, продолжува Герасимовски шест имаат негативен природен прираст, и тоа: пелагонискиот за 339, источниот за 173, вардарскиот за 74, североисточниот и југозападниот за по 70 и југоисточниот за 38. За разлика од нив, скопскиот и полошкиот регион имаат позитивен природен прираст, или во овие два региони има повеќе живородени деца отколку умрени лица.
На ниво на региони, најмалку живородени деца има во источниот регион 334, а умрени се 507. Потоа следуваат вардарскиот со 375 наспроти 449 умрени, североисточниот со 417 наспроти 487 умрени, југоисточниот со 454 наспроти 492 умрени, југозападниот со 469 наспроти 539 умрени, пелагонискиот со 491 наспроти 830 умрени, а најмногу живородени деца има во полошкиот – 759 и во скопскиот регион – 1.956.
Заради појаснување и добивање поцелосна слика и претстава каква е состојбата по општини добро е јавноста да знае во кои општини има најмногу живородени деца, а тоа се: Куманово со 260, Тетово со 255, Чаир со 252, Центар со 208, Аеродром со 204, Битола со 189, Гостивар со 179, Струмица со 171, Прилеп со 159, Кисела Вода со 155, Карпош со 140 итн.
Но, многу е битно, spored ovoj stru;wak, кои општини и колку имаат појава на негативен природен прираст на населението. Таквите општини стануваат се помногубројни и нивниот број во овој период е најголем и изнесува 48, или тоа се 60 проценти од општините во државата. Според тоа кои се тие општини и какво е зголемувањето на бројот на населението по природен пат во истите карактеристична е појавата на руралните општини, и тоа: Арачиново, Боговиње, Липково, Желино, Долнени, Студеничани, Теарце, Чучер Сандево, Чашка итн. Во овие општини има повисок природен прираст на населението отколку во големите општини и градови, како што се: Битола, Прилеп, Гевгелија, Виница, Велес, Кочани, Пробиштип, Неготино, Крушево, Кратово, Демир Хисар, Демир Капија, Валандово, Пехчево итн., кои се градски општини.
Од сите овие анализи, кои се многу и пошироки, може лесно да ја согледаме демографската состојба на населението во земјава. Впрочем, имаме појава на намалување на населението во околу 50 проценти од општините, и тоа со децении, посебно во поголеми и градски, како што се: Берово, Пехчево, Делчево, Кочани, Виница, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Битола, Прилеп, Демир Хисар, Демир Капија, Македонски Брод, Ресен и во голем број рурални.
Ваквиот природен прираст на населението ни укажува на тоа каква е состојбата во селските населени места, односно констатацијата е дека скоро половина селски населени места се веќе раселени, а тоа ќе го покаже пописот на населението, кој треба да го дочекаме ако се спроведе во 2020 година. Кога ќе се објават податоци, ќе видиме.
На крајот и мислење и констатации зошто е ваква појавата, кои се причините и што се очекува од ваквите состојби. Со намалувањето на природниот прираст на населението, односно на бројот на живородени деца, се добива старечко население, празни училишта утре и немање можност за задоволување на пазарот на трудот итн. Причините за ваквите појави се иселувањето од земјата, немањето средства за егзистенција, лошите услови за живот, сиромаштијата, намалувањето на склучувањето бракови, намалувањето на наталитетот…
За ваквите појави се донесени и низа документи, и тоа демографски преку демографска политика, која е всушност систем на мерки и активности што треба да ги преземе државата и како да влијае врз демографските процеси. Тоа се резолуции, стратегии, програми и така веќе втора деценија. Но од многуте донесени мерки не се добиени очекуваните резултати, односно не се постигнати резултати.
Во сето ова потребна е поголема ангажираност, пропаганда, развој и тоа рамномерен, како и континуирано следење, анализирање и насочување на мерките и активностите. Потребите налагаат и формирање некој орган за демографските процеси.
(Авторот е демографски аналитичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика)