Новиот фемицид во Битола е уште еден аларм за институциите. На ова се надоврзува и Обвинителството со нови сознанија за серискиот убиец од Старо Нагоричани кои се окарактеризирани како фемицид. Одново се јави невладиниот сектор со аларм што го слушаме постојано ама се чини без ефект

Минатата недела во Битола e убиена 31-годишната битолчанка Ајнет Вејсел, мајка на четири деца. Ја убил нејзиниот сопруг со кого не живееле заедно. Убиство се случило во населбата Баир. Убиецот е лишен од слобода и се наоѓа во полициската станица во СВР Битола. Сопругот е на возраст од 33 години и е осомничен дека си ја убил сопругата, а како повод за фемицидот се наведува семејна расправија и недоразбирања кои траеле подолг период.
Роднините на убиената денеска во шок велат дека несреќната жена била избодена до смрт со нож и дека од нанесените убоди ѝ немало спас. Сопружниците биле разделени, недоразбирањата меѓу нив биле чести, но жртвата не пријавувала заради децата, велат сега ожалостените роднини.
„Често трпеше насилство, убиецот не можеше да се помири дека го остави и со децата замина кај нејзиниот татко. Ѝ велевме да пријави, не го стори тоа, и сега еве што се случи“, велат родини на убиената жена.
ОЈО Битола издаде наредба за обдукција за починатата, а од лице место се подигнати траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење.
Во меѓувреме селата околу Старо Нагоричане цела година живееле во страв од серијата напади врз жени – четири завршиле со смрт, а две со преживеани сведоштва што му ги раскажале на надлежниот обвинител. Жртвите биле жени, дел живееле сами, а психијатриското вештачење покажало дека осомничениот бил целосно свесен и пресметлив додека убивал
Основното јавно обвинителство-Куманово ја прошири истрагата против 26-годишниот Трајко Б. од селото Драгоманце, кој сега се сомничи за четири убиства и две обиди за убиства, сите врз жени од регионот на Старо Нагоричане. Според обвинителите, станува збор за прв случај во Македонија каде што сериски убиец се гони и за новото кривично дело – фемицид.
Обвинителот Љубомир Лапе на брифинг со новинарите соопшти дека психијатриското вештачење покажало оти осомничениот не страда од психичка болест, бил свесен за своите постапки и целосно пресметлив во моментите кога ги извршувал делата.
Според истрагата, злосторствата се случувале во период од една година. Првата жена, за која Обвинителството има докази, била убиена меѓу 5 и 7 јануари 2025 година, втората – по точно шест месеци, третиот обид му бил неуспешен, жената што ја нападнал на 22 јули ја избегнала смртта. Серијата напади ја интензивирал годинава, ново убиство извршува на 17 или на 18 јануари, а починатата жена од каде што почна истрагата, ја убива во периодот меѓу 27 јануари и 12 февруари. Меѓу двете убиства од оваа година има уште еден обид, нападнал повозрасна жена на 9 февруари. Па така, СВР Куманово поднесе нови кривични пријави против 26-годишниот осомничен и тоа за убиство на Ј. А. од Драгоманце и С. К. од Клечовце, како и за обид за убиство врз две жени – С. А. и Р. Т. Претходно против него веќе беа поднесени пријави за убиствата на М. С. од Челопек и М. М. од Куманово, која живеела во Старо Нагоричане.
По ексхумациите и обдукциите, Судска медицина утврдила дека жените починале од насилна смрт. Биле извршени три ексхумации, но кај една од починатите жени не било потврдено дека смртта е поврзана со осомничениот. Обвинителот Лапе откри дека осомничениот го познавал добро регионот и најверојатно познавал и дел од жртвите. Не откри детали за начинот на убиствата, ниту дали имало сексуално насилство, повикувајќи се на интересот на истрагата.

„Има доволно докази за обвинение кое очекуваме да биде поднесено за околу еден месец“, рече Лапе.
Паралелно со истрагата против осомничениот, СВР Куманово поднесе кривични пријави и против двајца мртвопроверители од кумановската болница за „несовесно вршење на службата“, откако кај дел од жртвите првично била констатирана природна смрт.
Три граѓански органзиации – Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Платформа за родова еднаквост и Мрежа за заштита од дискриминација се јавија со соопштение дека најостро го осудуваме новиот фемицид што се случи во Битола. Се додава дека ова не е изолиран случај, туку е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените. Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме. И покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите. Наместо ефикасна превенција, брза реакција и координирана институционална заштита, повторно сведочиме на загубени животи.
Само во првите месеци од 2026 година веќе се изгубени повеќе животи како последица на семејно и родово базирано насилство. Ова е алармантен континуитет на насилство врз жените, проследен со слаба проценка на ризик, бавни институционални реакции и култура на неказнивост. Дополнително загрижува и сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата, од кои дел завршија со напади со ладно оружје и ученици во критична здравствена состојба. Насилството прераснува во сериозна општествена епидемија.




