Во Сингапур 80 проценти од 5,7 милиони жители се вакцинирани со две дози против Ковид-19, објави на Фејсбук министерот за здравство Онг Је Кунг. Комплетната вакцина ќе ја завршат со крајот на септември. Кај нас заклучно со викендов се вакцинирани со две дози 521.784 лица, при што опфатени се над 51 отсто од оние над 40 години. Делта сојот ја подигнува лествичката за колективен имунитет
Само голем опфат на населението со вакцинација може да ја смени сликата со епидемијата на Ковид-19 и новите мутации коишто се реална закана. Најновите прогнози на здравствените лица се дека е потребно да се постигне праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто кај населението за да се спречи ширењето на вирусот. Но, овој праг ќе може да се постигне само ако со вакцинацијата бидат опфатени и адолесцентите. По намалениот интензитет на имунизацијата изминатиов период, поради недостиг на вакцини, С. Македонија сега се соочува со нов предизвик – вакцини доволно има, ќе има ли и интерес кај граѓаните, со цел да се постигне повисок праг на имунитет пред најавите за нов посериозен есенски корона-бран.
Министерот за здравје кон крајот на јуни велеше дека епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, немаше нови случаи, болниците беа празни. Прогнозите му беа дека крајот на епидемијата ќе може да се прогласи кон крајот на август или почетокот на септември – доколку 28 дена по ред нема појава на нови случаи и починати. Впрочем ова беа укажувањата и на министерот за здравство Венко Филипче, епидемиологот Драган Даниловски, раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика, проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација и д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија, коишто учествуваа на дебатата за „Вакцинацијата и предизвици со Ковид-19“ во пресрет на есента.
Оттогаш, за само нецели два месеци ситуацијата се смени од корен – ние како земја сме на листата на небезбедни земјо од аспект на корона вирусот! Според Ројтерс ќе бидерме во друштво со уште пет држави, меѓу кои Косово, Црна Гора и Либан, а ако ни е за утеха, во ова група влегоа и САД и Израел.
Двајца службеници во институциите на Европската унија потврдија за Ројтерс дека Советот на ЕУ денеска ќе ја објави својата одлука за отстранување од листата на епидемиолошки безбедни трети земји за вкупно шест земји, вклучувајќи ги и САД.
Отстранувањето од списокот значи дека на земјите-членки им се советува повторно да воведат забрана за влез на патниците од овие земји, така што истите веќе нема да ги исполнуваат условите да влегуваат без ограничувања за несуштински цели како туризмот и бизнисот. Според Ројтерс, одлуката за повторно воведување забрана за влез на американски патници е донесена во петок, 27 август, но официјално ќе биде објавена дури во денеска, 30 август.
Сите шест споменати земји неодамна пријавија зголемен број случаи на коронавирус откриени на нивната територија. Во САД, каде живеат 328,2 милиони жители, од почетокот на пандемијата се откриени вкупно 38.158.495 случаи, од кои 169.512 во последните 24 часа, откриваат податоците на Светската здравствена организација.
Додека Израел, кој досега вакцинираше околу 80 проценти од своето 9,053 милиони жители, регистрираше 8.078 случаи во последните 24 часа, со што бројот на заразени лица од почетокот на пандемијата достигна 1.031.810.
Поради зголемувањето на бројот на случаи, SchengenVisaInfo.com веќе со денови известуваше дека ќе се врати забраната за влез на Американците кои патуваат во ЕУ за несуштински цели.
Листата на ЕУ на епидемиолошки безбедни трети земји е листа на земји кои не се членки на ЕУ/ЕЕА и кои се сметаат за безбедни во услови на пандемија на коронавирус поради ниските стапки на инфекции, а на земјите-членки им се советува повторно да ги отворат границите за несуштинските патници од овие области.
Списокот се разгледува секои две недели, а земјите -членки не се законски обврзани да го применуваат. Жителите на Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан, од друга страна, се сметаат за жители на ЕУ заради целта на оваа препорака.
Првата листа беше објавена на 30 јуни 2020 година, додека последен пат беше разгледана на 15 јули 2021 година, кога Украина беше додадена на неа.
Во моментов, се состои од следниве 23 земји: Албанија, Ерменија, Австралија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Брунеи Дарусалам, Канада, Израел, Јапонија, Јордан, Либан, Црна Гора, Нов Зеланд, Катар, Молдавија, Северна Македонија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур, Јужна Кореја, Украина, Соединетите Американски Држави, како и Кина , што се уште е предмет на потврда за реципроцитет.
Како се движеа работите кај нас по ова прашање? Првичните укажувања до појавата на британскиот сој на вирусот беа дека е неопходно да се постигне имунитет кај 65 до 70 проценти од населението. Новата Делта варијанта на вирусот ги усложни работите. „Делта варијантата е толку продорна, толку позаразна што потребен е праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто за да има мало ширење на вирусот. Добра вест е што природниот имунитет штити и од индискиот вирус“, вели професорот Драган Даниловски.
Заклучно со викендов се вакцинирани со две дози 521.784 лица. Се цени дека 51 отсто од возрасните над 40 години имаат примено барем една доза од вакцините а 26 отѕсто од населението над 18 години до 39 имаат примено брам една доза (тоа е младата популација).
За да се мотивира населението што побрзо да се вакцинира во текот на летото, пред евентуалниот продор на Делта мутацијата на почетокот на есента, Министерството за здравство започна и со теренска вакцинација по 20 јули. Идејата е со возила на здравствени домови, во оддалечени рурални места да се врши дистрибуција на вакцините, складирани во мали фрижидери.
„Гледаме во повеќе земји во Европа и во светот различни сценарија, многу земји се соочуваат со Делта варијантата на вирусот, кој има дупла мутација и е по заразен од британскиот сој на вирусот. Во некои земји се случува и тоа што и покрај вакцинацијата се соочија со нов бран“, вели Филипче. Иако нема точни податоци, сепак искуствата се дека вакцинираните имаат полесна форма на вирусот и дека сите актуелни вакцини практично штитат и од оваа мутација на вирусот со висока ефикасност.
„Индискиот мутант, Делта варијантата која ја имаат 92 земји не можеше да избегне и нас. Треба да учиме на туѓите и своите искуства и да се поставиме проактивно во однос на заканите од Делта варијантата. Треба да се работи на јавното здравје со вакцинација, нема друга опција од тоа во што пократко време да се опфати што поголем број граѓани со две дози на вакцина. Гледаме во Израел што се случува, шампиони беа и сега се соочуваат со пораз на број на случаи на Делта варијантата, бидејќи испадна дека само 55 отсто од населението се вакцинирани со две дози“, укажува професорот Даниловски.
Во однос на тоа дали треба да се вакцинираат младите лица, д-р Александар Петличковски смета е исправно, бидејќи во спротивно се остава празен простор каде вирусот би се раширил.
Препораката од СЗО е дека онаму каде достапноста на вакцините не е доволна за поголем број од населението, вакцините за деца треба да бидат второстепени. Кога би се вакцинирале деца, треба да се даде приоритет на оние кои се со хронични болести или со состојби кои ги ставаат во ризична категорија. Потребната покриеност за имунизација е 80 отсто на населението. „Без вакцинацијата на адолесцентите, на лицата над 16, односно 18 години, не може да се разговара за потребната покриеност“, вели Александра Грозданова, националната координаторка за имунизација.
Иако не постои вакцина без несакани ефекти, здравствените работници укажуваат дека станува збор за многу мал број случаи, поради што може да се заклучи дека вакцините се исклучително безбедни. „Најдобра и најбезбедна е онаа вакцина којашто ни е достапна во моментот“, вели Петличковски.
Неделно три или четири случаи се пријавуваат со лесни несакани ефекти од вакцинацијата. Најчесто станува збор за покачена телесна температура, локално црвенило и слично. Единствена сериозна компликација којашто се појави е кај млада девојка која што имаше тромб по вакцинирање со „АстраЗенека“ во Србија, потсети министерот Филипче, по што македонските здравствени власти одлучија оваа вакцина да се аплицира само кај лица постари од 60 години.
Деновиве Сингапур објави дека го минал „рубиконот“ на колективната имунизација.
-Поминавме уште една пресвртница, каде 80% од нашата популација ги доби двете дози од вакцината. Тоа значи дека Сингапур направи уште еден чекор напред, да бидеме поотпорни на КОВИД-19. Тоа е резултат на колективниот напор на многу луѓе кои работат зад сцената, и луѓето од Сингапур излегуваат да се грижат за себе и за луѓето околу нив. Вакцинацијата продолжува со голема брзина. Над 4.300 индивидуи, примија вакцина која им беше аплицирана од страна на домашните тимови за вакцинација. Секоја недела, продолжуваме да примаме околу 700 барања за домашна вакцинација. За да се исполни побарувачката, и благодарение на над 200 волонтери лекари и медицински сестри, а исто така и помошта на САФ, ние тројно го зголемуваме бројот на тимови за домашна вакцинација од 11 на 33 тимови. Како резултат на тоа, сега можеме да го преполовиме времето на чекање од 8 недели на 4 недели. Наша цел е да ги завршиме сите домашни вакциниции до крајот на септември – објави министерот за здравство Онг Је Кунг.