Земјава во средата излезе од кругот на земји во кои ниту еден граѓанин не е вакциниран, благодарејќи на донација на северните соседи – Србите. . Генерално конфузијата со вакцините продолжува понатаму – цените на овој производ скокаат во мигот кога политиката стана слаб, исплашен фактор Дури и заедниците како ЕУ коленичат пред фармацеутите. Во таква констелација на силите ние најмалку можеме да очекуваме поволен „распоред на ѕвездите“. Барем не сме веќе virgo intacta кога е во прашање овој вид на боцкање
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
На граничниот премин Табановце, српскиот претседател, Александар Вучиќ ги предаде на премиерот, Зоран Заев, вакцините во првата фаза, односно 4650 вакцини од компанијата Фајзер. По првата фаза ќе следува и втората веројатно намента за оние кои веќе еднаш ја почувствувале иглата во рамето. Тоа, како што кажа министерот Филипче, тоа ќе бидат лица во бел мантил кои чекорат во црвената зона во ковид центрите. Такви граѓани имаме некаде околу 8.800 лица, што значи дека добиените „Фајзерови боцки“ во првата и втората етапа ќе бидат доволни за половина од овие приротетни лекари-пациенти! Дали е среќна околност фактот што во прв момент се пријавија само 50 отсто од приоритетните? Што би се рекло – таман, ако се земат во предвид само она што го донесе претседателот Вучиќ на Свети Трифун на Табановци, иако министерот Филипче потоа ја подигна лествичката на 70 отсто доброволци од оваа група – лица кои секој ден имаатконтакт со ковидот.
Овие доброволци, приде, ако ги има, ќе чекаат на ред со другите приоритетни лица (тоа се граѓани постари од 70 години со коморбидитети, како и одредени професиии кои се во ризична сфера на инфицирање). Тие треба да се надеваат на милост на кинескиот произведувач на вакцини „Синефарм“ кој веќе ни одложи достава на вакцини (200.000 парчиња). Тоа требаше да се случи деновиве кога со авион на Визер требаше да пристигне пратката за нас и Црна Гора преку Будимпешта. Дознаката за Унгарија ќе ја има а за нас – не, бидејќи заради кинеската Нова година вработените во фармацијата биле помрзоволни и не успеале да ја изработат нормата. За Унгарија празникот не е важен, тоа е позначајна земја на патот на свилата од нас. Ќе чекаме, како и секогаш.
Македонија е нормално лесна жртва на глобалната политика – оној кој одржувал врски со источните земји, како Србија, ќе добива и руски и кинески вакцини и тоа ја држи во имунолошка кондиција: таа е најдобра по степенот на степенот на опфатот на населението со вакцини.
Нормално, во регинот ние сме „црната овца“ иако во светот има 130 држави каде не стигнала нииту една вакцина. Јасно, вакцини и тоа 1.000 парчиња стигнаа и во Албанија, таа не е во тој круг, каде Еди Раме на таинствен начин (а по негов ненадеен пат во САД) донесе такво симболично количество и успеа да ја тргне земјата од листата на вакционерското вирго интакта. Хрватска почна со вакцинација, па прекина бидејќи се дозна дека во резерва нема за втора вакцина за оние кои веќе ја добиле првата. И така натаму – паниката е општа. И кај големите и моѓни држави и оние кои се минорни и не се никаков пазар. Еден белградски новинар ова го наслови како „Кој те има, тој те нема“ ситуација…
Како пример се наведува Европската унија која веќе има платено за 2,3 милијарди дози вакцина за корона. Оние кои ги примиле парите – шест западни производители би требало да ги покријат сите 450 милиони жители на ЕУ и тоа не со по две, туку со по пет вакцини ако треба Ама, тие вакцини одвај да ги има „во трагови“. За нешто конкретно тешко е да се рече.
„Европската унија ја извалка најважната задача во моментот: набавката на вакцини. Тоа во големм обем и наштети на европската идеја. Но, наместо самокритика, слушаме дека ситуацијата се подобрува”, напиша Маркус Фелденкирхен, колумнист за неделникот Шпигел. Едно досие од Универзитетот во Оксфорд покажува дека седум земји се побрзи во имунизацијата од која било членка на ЕУ. Според уделот на првите дози дадени во однос на населението, Израел е убедливо во водство (56 проценти од населението), следен од Обединетите Арапски Емирати (35), Сејшелите (31), Велика Британија (14), Бахреин (10), САД (9) и Србија (околу 7).
Во Европската унија, разликите се забележуваат: Малта вакцинираше дел сличен на српскиот, а Бугарија само околу еден процент од населението.
Впрочем, на пазарот на вакцини има навистина кармакашија. Дури на 29 јануари, вакцината Астра Зенеке стана третата одобрена од Европската агенција за лекови. Вакцината Бионтек / Фајзер се користи од крајот на декември, а Модерна од почетокот на јануари. Ако сè’ оди како што треба, вакцината Џонсон и Џонсон ќе биде одобрена кон крајот на февруари. Но, досега се испорачани премногу малку дози. Да бидат работите уште полоши, нема опфат на луѓе постари од 65 години во клиничките студии на Астра Зенека. Иако Европската агенција исто така ја одобри вакцината за стари лица, германската комисија за вакцинација препорача да им се дава само на младите. Во Германија, каде се вакцинирани околу 2,5 милиони лица дури 70 отсто од граѓаните се незадоволни од доцнењето.
На Европската комисија и се префрла дека во преговорите користела лангзам стратегија: полека преговарала, дека се ценкала. До крајот на март САД ќе добијат вкупно 220 милиони дози од „Фајзер“ и „Модерна“, додека ниту четвртина од таа бројка нема да стигне до Европската унија. Но, додека Вашингтон склучуваше договори со производителите многу пред да се знае резултатот од клиничките студии – Европската унија делувала колебливо. Договорот со Astra Zenek е од август, со Biontek / Pfizer од ноември и Moderna во декември. Се вели дека Париз фаворизирал еден свој произведувач (Кјурвек односно Санофи) ама тие се и сега многу далеку од одобрување а Берлин прифатил да почека од солидарност и сега сите во Унијата ја плаќаат цената а секако и оние (како нас) кои чекаат донации од Брисел.
Со пазарењето наводно ЕУ добила најдобра цена. Тоа беше откриено случајно, кога белгиската министерка за финансии Ева де Блекер, по грешка го објави ценовникот на Твитер. ЕУ ја плаќа дозата Фајзер од 12 евра, додека Израел, според некои податоци, потрошил двојно повеќе. Оние кои се денес „генерали после битка“ сметаат дека Европејците ќе направеле подобро ако не ја бараале цената. Сега имаат добра цена, ама немаат вакцини во раце. Има и контра-мислења.
Амстердамскиот весник „Фолксткрант“ потсетува дека сепак, за разлика од Британците и Американците, Европската унија не само што добила подобра цена, туку и ја одобрила вакцината „за итни случаи“, што значи дека производителите се одговорни за можните странични, несакани ефекти. „Под нормални околности, таквата стратегија би ги заслужила сите пофалби. Но, со оглед на политичките, економските и социјалните трошоци на пандемијата, заклучокот е дека ЕУ требаше да посвети повеќе внимание на брзината отколку на цената“- тврдат други извори
Во рамките на својата политика „како што ќе каже Западот“ Македонија во стартот треба да добие еден скромен колач од типот на вакцината „Астра Зенека“. Од Ковакс информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината“, информираат од Министерството за здравство. Тоа значи дека од вакцината АстраЗенека во првите три месеци од годинава би можеле да се очекуваат минимум 36.120 дози за спроведување на вакцинирањето на населението.
По многу борби, каде опасноста од забрана за извоз на вакцини падна од Брисел, Астра Зенека вети дека ќе испорача 40 милиони. Како што рече Френк Шоркопф, експерт за европско право од Универзитетот во Гетинген, нема да има никакви судските процеси. Бидејќи на ЕУ не и требаат компензации, туку вакцини.
Македонија до летотѕо нема да има вакцини, во најдобар случај со кој би дошла до една шестина од населението, да речеме. Ова не значи дека пописот може да ја подобри оваа перспектива.