Со низ аактивности се одбележа оваа значајна годишнина за земјата.
На 27 март 2020 година Република Северна Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО. Со тоа, реализиравме една од нашите најважни стратешки цели, која беше заедничка и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. Членството во НАТО како стратешка цел секогаш имало силна поддршка од јавноста и широк натпартиски, меѓуетнички и општествен консензус. Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија.
НАТО е најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. НАТО е сојуз за колективна одбрана на земјите членки. Алијансата е воено-супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација, која обединува безмалку 1 милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП.
Со нашето членство во НАТО значително се подобри безбедноста и стабилноста во нашиот регион. Сега имаме поблиска соработка со сите наши соседи кои се членки на НАТО. Воедно, имаме и поблиска соработка со другите Сојузници кои се во нашиот регион. Нашето членство во НАТО го користиме и како шанса да дадеме активен придонес во функционирањето на Алијансата и на нејзиниот развој.
За Северна Македонија, зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните надворешно-политички приоритети. Силната посветеност на НАТО кон Западен Балкан како стратешки важен регион, е од најголемо значење за одржување на мирот и стабилноста во регионот. Овој пристап (промовиран на Самитот во Брисел во 2021 година и реафирмиран во новиот Стратешки концепт на НАТО) и долгогодишниот ангажман на Алијансата во Западен Балкан дадоа значајни резултати.
Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Ние не сме повеќе објект во гео-политичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања. Тоа значи дека имаме споделена одговорност и обврска да дадеме придонес кон одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста.
НАТО Сојузниците и членките на ЕУ ги делат истите вредности, НАТО и ЕУ играат комплементарна, кохерентна и меѓусебно зајакнувачка улога во поддршката на меѓународниот мир и безбедност. Северна Македонија целосно го поддржува унапредувањето на стратешкото партнерство НАТО-ЕУ, зајакнатите политички консултации и зголемената соработка за прашања од заеднички интерес, како што се воената мобилност, отпорноста, влијанието на климатските промени врз безбедноста, новите и нарушувачки технологии, човековата безбедност, агендата за жени, мир и безбедност, како и борба против сајбер и хибридни закани.
Историја на односите со НАТО
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република Северна Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
На 15 ноември 1995 година, тогашна Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. Во тоа време, земјата беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка, подоцна Евро-атлантски партнерски совет.
На 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акциониот план за членство.
Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО (Лисабон 2010, Чикаго 2012, Велс 2014 и Варшава 2016), беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името во рамки на ООН.
На Самитот на НАТО во Брисел, 11-12 јули 2018 година – Северноатлантскиот совет, на состанок на ниво на шефови на држави и влади, донесе одлука да ја покани Република Северна Македонија да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата.
На 1 август, 2018 година, Генералниот Секретар на НАТО упати писмо до Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО.
На 18 и 19 октомври 2018 година, на состанокот одржан во седиштето на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија успешно ги заврши пристапните разговори за членство на земјата во Алијансата.
На 21 јануари 2019 година, Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија упати писмо до Генералниот Секретар на НАТО во кое беше изразена подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон НАТО.
На 06 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји – членки на НАТО, во присуство на Генералниот секретар на НАТО и Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата.
По свечената церемонија во Брисел, започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји членки на Алијансата. Процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога Aмбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.
Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.
Конечно, на 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, Република Северна Македонија и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.
Република Северна Македонија, претходно, како партнер на Алијансата, и денес во својство на земја-членка на НАТО, активно придонесува во безбедносните мисии на НАТО, ЕУ и ООН, во регионот и во светот, со цел поддршка на мирот и безбедноста. Придонесот во меѓународните операции е во духот на стратешките определби на Република Северна Македонија за придонес кон глобалниот мир и безбедност и претставува уште една потврда за подготвеноста за споделување на предизвиците како полноправна земја членка на НАТО.
Би требало да се подвлече и активната улога на Република Северна Македонија во регионалната безбедносна соработка во рамките на САД – Јадранската повелба, со што земјата дава значаен придонес во натамошниот развој на безбеден, стабилен и економско просперитетен регион.
Самит на НАТО во Мадрид
Последниот Самит на НАТО се одржа во Мадрид (28-30 јуни 2022 година). Северна Македонија, како НАТО членка, учествуваше и беше претставена со национална делегација. Овој Самит ја постави стратешката насока на НАТО за иднината, осигурувајќи дека Алијансата ќе продолжи да се прилагодува на променливиот свет и да ги одржува безбедни своите граѓани.
Самитот на НАТО во Мадрид беше единствен и историски Самит. На самитот, организиран во исто време кога Сојузниците се соочуваат со војна на европскиот континент, лидерите на НАТО донесоа важни и трансформативни одлуки кои ја одредуваат стратешката насока на Алијансата за блиска и долгорочна иднина:
– Најблиските партнери на НАТО Финска и Шведска беа поканети да се приклучат на Алијансата;
– Лидерите го одобрија новиот НATO 2022 Стратешки концепт, план на Алијансата за следната деценија.
– Сојузниците дополнително се согласија за долгорочен пакет за поддршка за Украина и другите партнери изложени на ризик како Грузија, Молдавија и БиХ;
– Засилено одвраќање и напредна одбрана, најголема од Студената војна;
– Сојузниците се согласија да инвестираат повеќе во НАТО, и да се зголеми заедничкото финансирање;
– Приспособување на Алијансата кон новите предизвици;
– Потврдени се заедничките вредности на НАТО.