Најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) потенцира на внимателност во однос на инфлациските ризици и нивното евентуално остварување, вклучително и на оние што произлегуваат од домашните фактори коишто влијаат на побарувачката, што може да наметне потреба од натамошни мерки

Во извештајот на ММФ за Македонија се вели дека во јануари годинава инфлацијата достигна 4,9 отсто, што бележи алармантно зголемување од најниското ниво од 2,2 отсто забележано во август минатата година.
Ова според Насир Селими – професор на факултетот за бизнис и економија при Универзитет на Југоисточна Европа значи дека ќе има просечен пораст на цените и нарушување на пазарот.
– Тоа значи дека се соочуваме со економска нестабилност, осиромашување на граѓаните за 4,9 отсто во однос на споредбениот период, нестабилност на реалната економија,зголемена невработеност, намалени економски активности на бизнисите… Просечни поскапувања и нарушување на пазарот, изјави Селими за Фронтлајн.
Според извештајот економијата на Северна Македонија продолжува да биде несигурна и под влијание на погрешни политики.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче посочи дека македонската економија се движи во погрешна насока, наместо напредок, сведоци сме на продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард.
– Во првите два месеци од 2025 година, реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43 отсто. За споредба, во истиот период минатата година биле реализирани 12,1 отсто. Сега, инвестициите во инфраструктура и економски развој се целосно запрени. Без капитални инвестиции, нема економски раст. Владата очигледно нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација и развој, иако ова им беше една од главните пораки. Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци како јасен индикатор дека стопанството слабее. Во декември 2024 година падот изнесувал 1,4 отсто, во ноември отсто, во октомври отсто а во септември цели 7,9 отсто. Без силна индустрија, нема економски раст и развој, рече Филипче.
Наспроти падот на капиталните инвестиции и индустриското производство, се продлабочува буџетскиот дефицит, што ќе придонесе за раст на и онака зголемениот јавен долг.
– Во првите два месеци од 2025 година, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што прибира. Владата создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрива со нови долгови. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да ги објави точните бројки. Државниот бројчаник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме а и кои се плановите за враќање на тие долгови, изјави Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека додека економијата се движи во погрешна насока, македонските компании се уште ја чекаат поддршката од унгарскиот кредит од 250 милиони евра. Останува непознато како што кажа Филипче дали овие средства ќе стигнат до економијата или ќе завршат во нетранспарентни зделки, а недостигот на информации создава сериозен сомнеж за начините на трошење на јавните средства.
Според опозициската ДУИ, извештајот на ММФ јасно го истакнува она што граѓаните го чувствуваат секојдневно: инфлацијата повторно расте, а животниот стандард значително се влошува. Во јануари оваа година, инфлацијата достигна 4,9 отсто, што претставува алармантен пораст од најниското ниво од 2,2 отсто забележано во август минатата година.
– Ова значи повисоки цени за основните прехранбени производи и сите животни потреби, дополнително оптоварувајќи ги семејствата кои веќе се соочуваат со големи економски тешкотии. Без административни мерки и контроли на цените, храната станува недостапна, додека неспособната влада продолжува да ја игнорира кризата што ги погодува најсиромашните слоеви на општеството. Оваа реалност станува уште потешка додека се приближуваме кон светиот месец Рамазан, кога граѓаните немаат основни услови за да ги нахранат своите семејства. Извештајот на ММФ исто така потврдува дека економијата на нашата земја продолжува да биде несигурна и под влијание на погрешни политики. Недостатокот на раст на продуктивноста само ја продлабочи економската криза и предизвика губење на конкурентноста. Дури и јавните инвестиции се на ниско ниво, оставајќи клучни проекти, како Коридорот 8, во застој, додека владата дава приоритет на проекти то служат на тесни интереси наместо на развојот, велат од ДУИ.
Оттаму наведуваат дека граѓаните се соочуваат со последиците од нејзините неуспеси: раст на цените, економска несигурност и целосен недостаток на поддршка за оние на кои им е најпотребна.
Во ова тешко време за нашите граѓани, бараме од владата итно да преземе мерки за да им помогне на семејствата кои едвај ги покриваат основните трошоци, велат од партијата на Али Ахмети.
(frontline.mk)