За 4 години избрани само 8 а разрешени око 100 суѕдии во основни судови. Судскиот совет четврта година не врши редовен избор на судии за празните места во основните судови, туку само разрешува поради пензионирање или нестручност. На овој начин, судовите во Македонија функционираат на работ на законскиот минимум со број на судии за и натаму да останат основни судови, а не одделенија на некој поголем суд
САШЕ ДИМОВСКИ
Почнувајќи од 2015 година, Судскиот совет речиси и да нема направено редовен избор на судии во основните судови во Македонија, со исклучок на 8 судии избрани во 2016 година, а разрешил, поради пензионирање или други причини, околу 100 судии за овој период. Поради ова, голем дел од судовите или се на работ на „кворум“ според планираниот број на судии за соодветниот суд или се делегираат од еден во друг суд кандидати само да се задржи статусот Основен суд и да не се укине и преименува во „одделение“ на поголем суд.
Според законите за судови и за Судски совет, за судија на Основен суд се избира само кандидат кој има завршено Академија за обука на судии и јавни обвинители. Но, кај нас, такви кандидати веќе нема, а „дупката“ се појави бидејќи една генерација кандидати за судии „заглавија“ на Академијата, чекајќи управните судови да ги решат жалбите на одредени кандидати, кои иако на дното на листата по освоени поени, со помош на судиите се најдоа на високи места на листата.
Според официјалните податоци на Судскиот совет, еве како се менувала сликата за бројот на судии од 2015 до сега, во 2018 година.
Во 2015 година, Судскиот совет не избрал ниту еден судија за испразнетите места во основните судови , туку одлучил да размести судии од еден во друг суд за период од една година и така да го ублажи недостигот на судии.
Најмногу делегирани имало во скопска единица, поради многуте празни места што останаа по апсење на речиси сите судии од одделот за прекршоци, во аферата „Јустиција“.
Во 2015 година биле разрешени 35 судии и тоа: 29 поради пензионирање со навршени 64 години старост, 1 судија починал, 4 судии сами побарале да бидат разрешени, а еден судија е разрешен откако бил осуден со правосилна судска пресуда.
Советот во 2015 година разрешил еден судија од Основниот суд Скопје 1, кој бил осуден за „несовесно работење во службата“ со изречена условна осуда, казна затвор во траење од 9 месеци, условно за 2 години.
Жалбениот совет во Врховниот суд на Република Македонија, пак, ја прифатил жалбата од судија на ОС Радовиш, кој претходно бил разрешен од Судскиот совет поради нестручно и несовесно вршење, па од 27.05.2015 година судијата бил вратен на работа во радовишкиот суд.
Во 2016 година, Судскиот Совет избрал 26 судии во сите судови во Република Македонија, но од нив само 8 во основните судови каде што има најголема потреба, а сите избрани биле кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители. Но, овој избор ни оддалеку не помогнал во недостатокот на судии, па повторно било извршено префрлање на судии од еден во друг Основен суд.
Судскиот совет во 2016 година постапувал по 3 барања за разрешување на судии и тоа, еден од Охрид, и двајца судии на ОС Скопје 1 Скопје, но не донесел одлука за нивно разрешување. Советот во 2016 година, разрешил 28 судии поради пензионирање, а двајца судии починале.
Во наредната, 2017 избрани се само 5 судии во повисоките судови и ниту еден во основните судови: во Врховниот суд на РМ е избран 1 судија, во Апелациониот суд Битола – 1 судија и во Апелационен суд Скопје – 3 судии.
Во текот на 2017 година, Советот за испразнетите судиски места во судовите според постоечката систематизација не изврши избор на судии, бидејќи сите кандидати кои ја завршија почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители се избрани за судии или јавни обвинители – наведува Советот во својот отчет за сработеното во 2017 година. И овојпат се пополнувале местата со делегирање на 5 судии од еден во друг суд низ Републиката. Кон оваа бројка се додава и одлуката од 13.03.2017 година, за времено упатување на судијата од Врховниот суд на Република Македонија, Стојанче Рибарев да биде в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје.
Советот во текот на 2017 година постапувал и по 7 барања за поведување постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција. За двајца судии на ОС Скопје 1 Скопје, за кои барања се поднесени во 2016 година, истите се отфрлени. Судија од Охрид бил разрешен, откако претходно со правосилна пресуда бил осуден на затворска казна за примање поткуп.
Се барало разрешување на судија од Радовиш, но и оваа постапка била запрена. Била поведена постапка за разрешување на судија од Охрид кој не ги објавувал донесените пресуди и истиот е суспендиран. За судија од Тетово во 2017 било побарано разрешување, бидејќи судејќи кривичен предмет, откако било поднесено известување од ОЈО Тетово за откажување од кривично гонење против обвинетите, не донел решение за запирање на постапката, туку истата ја продолжил и донел пресуда со која обвинетиот го огласил за виновен. Оваа постапка, како и постапките против 5 судии на Врховниот суд и тројца на Апелациониот суд Скопје сè уште траат.
Судии на Апелациониот суд Скопје и судии на Врховниот суд на Република Македонија постапувајќи по жалбите на Специјалното јавното обвинителство сториле повреда предвидена во чл.75, ст.1, алинеја 2 , в.в. со чл.74, ст.1, алинеја 2 од Законот за судовите – наведува Судскиот совет.
Во 2017 година биле пензионирани 21 судија, 2 судии починале, а еден сам поднел оставка, со што бројот на судии повторно значително се намалил.
На почетокот од 2017 година има 20 активни судии помалку во однос на почетокот на 2016 година. На крајот од 2017 година има 26 активни судии помалку во однос на крајот на 2016 година. Просечно во 2016 година имало 576 активни судии, а во 2017 години 553 активни судии во сите судови – заклучува Судскиот совет.
Според националната структура, на крајот на 2017 година, во Македонија имало 410 судии Македонци, или 75,92% и 92 Албанци, или 17,03%. Од вкупниот број на судии, 280 се мажи или 40,37%, а 322 се жени, што претставува 59,63%. Еве како изгледа целосната национална и полова структура кај судската фела во Македонија според официјалните податоци на Судскиот совет:
Во судовите во Виница, Делчево, Берово, Свети Николе, Крушево, Кратово, нема ни по тројца судии, што е законски минимум за овие судови да го задржат статусот на Основен суд и да не преминат како „одделенија“ на поголемите судови.
(Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.)