И покрај очевидното притискање на големите булдожери од Европа последниот предлог на Скопје за Република Илинденска Македонија не помина. Пред се кај опозицијата и во Македонија и Грција во услови кога и тука и таму се бара консензус и кога опозицијата во двете земји на прашањето му приоѓа дуќанџиски, на огромна штета во двете земји
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни. А денес на сите ни се потребни чуда.“ Ова беше пораката на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во пресрет на утрешниот состанок меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија, на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан. Димитров учествуваше на еден од панелите во Софија, заедно со бугарскиот и хрватскиот премиер Бојко Борисов и Андреј Пленковиќ и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.
Веројатно под впечаток на „на моменти тензичната расправа“ (Нимиц) во Атина на 12 мај, со колегата Коѕијас, министерот за надворешни работи изгледаше најскептичен во главниот град на Бугарија во тој миг. Впрочем тој го знаел ставот на својот колега од спротивната страна кон предлогот, што тој потоа јавно го шепнал на некој грчки весник со што практично во неговата земја е започнат поширокиот отпор кон македонскиот предлог.
ГОЛЕМИТЕ ИГРАЧИ И сега е веќе јасно дека и големите сили (Германија, Британија, Франција) се обидувале да го приволат грчкиот премиер Ципрас да попушти во однос на предлогот што тогаш сме го ставиле на маса – „Република Илинденска Македонија“. По тоа групно малтретирање со грчкиот инает доаѓањето на британската премиерка во Скопје делуваше како штафета која ја пренесува пораката на европските лидери со оние кои евентуално би имале нешто против тој одвај протнат предлог.
Што имаше чудно во таквиот развој на ситуацијата?
Најнапред Ципрас својата конференција ја одржа неколку часови после онаа на Заев, кој мораше да брза да стигне во Скопје да и биде домаќин на Меј. Грчкиот премиер посакувал да има прес само со грчките новинари, бидејќи, во тие моменти немало превод на англиски или друг јазик (на домаќините, на пример) што ја покажува потребата да и се обрати само на својата јавност дома, веројатно стравувајќи од пречекот. Колку да се верува во преведените фрагменти тој лично го прифаќа предлогот, но веројатно во заднината подготвува делкање на идните „тараби“.
ТАЈМИНГ Зошто Ципрас своето одбивање на предлогот исто така го соопшти два часа после пресот на Заев во Клубот на пратениците на 19 мај? Веројатно откако се виде дека предлогот „Република Илиденска Македонија“ практично во Македонија нема да има плебисцитарна поддршка, иако, тоа е сосема јасно, кога би се одело на референдум предлогот со историска конотација би минал и како име и за внатрешна употреба. Претходно грчкиот премиер започна поединечни визити кај своите политички фактори, одејќи според системот еден по еден, можеби за да му даде време на Заев ако ништо друго да ги тестира локалните фактори „колку тежат“ во илиденското прашање! Имено, Ципрасовиот повеќе од умерен оптимизам на крајот на софискиот самит секако извирал од импресиите кои си ги има од сопствениот двор каде, видовме, дури и претседателот на Комунистичката партија, од кого би требало да очекуваме да поддржи било каков предлог, само спорот да се тргне од масата, а сега тој покажува еден десничарски ракурс! Секако, Цуипрас си го има на грбот и сопствениот министер за надворешни работи…
Идејата на Заев и неговата екипа секако беше да се отстрани дефинитивно античкото идентитетско преображение со нешто што е потемелно, пореално со историските факти и што прави да не се наруши меѓунационалната кохезија внатре (за оние Албанци кои се скептични, а не се малку, препорачувам да го препрочитаат говорот на актуелниот парламент читан лани во Крушево на 2 Август!). Така би можел да се проголта полесно условот уставни промени кај нас, дури и со ентузијазам.
ЕФЕКТОТ НА ПРЕДОЛГИТЕ ПРЕГОВОРИ Но, како што пишува во својот последен текст во „То вима“ солунскиот професор Јанис Армаколас сега имаме случај, како што вели тој, кога гигантскиот национализам на претходните скопски власти место да се победи од Атина се добива спротивен ефект. „Но сега речиси се постигнува токму спротивното. Всушност, продолжение на спорот за името придонесе за поткопување на националниот интерес, и покрај патриотска реторика која беше и е плашт“.
„Сега е време – продолжува професорот Армаколас – да се погледне кон иднината и да се види големата слика на долгорочен интерес на Грција и на Балканот. Во Скопје денес постои искрена умерена и анти-националистичка влада. Сите заинтересирани за влез во ЕУ и НАТО и за економскиот и социјалниот развој на земјата. Ова го изразуваат млади и динамични слоеви кои се згрозуваат од национализмот и антиката на Груевски и бараат можност за преземање на европскиот проект, во соработка со Грција. Тие не ја гледаат својата иднина ниту со Турција на Ердоган, ниту пак со Русија на Путин, туку во демократските општества на Западна Европа“ – предупредува солунскиот интелектуалец.
Двете опозиции, македонската и грчаката си дадоа обострано вештачко дишење. Решавањето на проблемот за актуелните влади секако ќе беше успех и за двете страни. Барем за македонската опозиција сигурно дека нејзините огради кон ерга омнес ќе ја разголеа во нејзината наводна „патриотска мисија“. Тие повеќе не пееја никакви патриотски песни туку само говореа за новодни принципелни држења за скутот на неподготвеноста на било каков напредок на земјава кон интеграциите, со што се најдоа во заедничко оро со политичарите од Неа демократија. Во обострана трка кој од нив ќе го држи марамчето на ороводецот.
Последните вести ги потврдуваат претходните хроники на проблемот. Во Солун е грубо нападнат солунскиот градоначалник Бутарис, кој е промотор на приближувањето на двата народи, од група грчки националисти, се разбира. И можеби поважното е – телефонското јавување на американскиот потпретседател Пенс на грчкиот премиер Ципрас. Ова секако е само знак дека и големите играчи се заморени од нечие инаетење. Чие, не е потребно веќе да се погодува.