Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – СВЕДОШТВО ЗА ГЕНЕРАЦИИТЕ ОД ГРАДСКИОТ АСФАЛТ

May 15, 2018 Filed Under: Ревија

Интензивно работена во изминатава половина декада, во Младинскиот културен центар беше промовирана Македонска рок енциклопедија (1963-2018) – Прв том, чиј приредувач е Тошо Филиповски. Оваа пионерска објава е издание на „Corpus Delicti Records“ и содржи податоци за 333 македонски групи и артисти од различни музички жанрови, повеќе од 400 фотографии и прецизни податоци за нивните снимки, изданија и концерти

ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ

ВЛОЖЕН ТРУД Во првиот том се вложени пет години работа

МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА не е само книга во која, налик на сличните објави во светот, е направен обид да се сублимира сето она што е изблик на младешкиот бунт и креативност во одреден временски период на еден даден простор. Во случајов од некаде таму раните 1960, па се до денешни дни. Од првите пребирања по гитарските жици во надеж да се симнат бит хитовите емитувани на тогаш омиленото Радио Луксембург како единствена лектира и се* до денес кога потем стигматизираниот рокенрол реално израсна во бастион пред атаците на турбоизираната свест, нуспродуктот на овдешното поимање на демократијата и разнебитувањето на било каквите вредности.

Затоа Енциклопедијата, чиј приредувач е Тошо Филиповски, за која некои ќе кажат дека е „капитално дело“, „историски потег“…бла, бла, бла… многу поумесно би било да ја толкуваме како вистински, неоходен „документ за младешката (суб)култура во Македонија на прекршувањето на вековите“.

Како сведоштво на ентузијазмот на генерациите израснати на градскиот асфалт. На нивниот презир кон постојното. На инаетот да бидат свои и да ја канализираат младешката енергија во плодотворни цели кои во многу нешта ги надраснуваат музичките рамки. Независно дали во фокусот биле бит музиката, рокенролот, џезот, блузот…панкот, хеви-метал баражите, хип-хопот, електрониката, ска и пост-панкот, регето, њу-вејвот, дарк звуците, експерименталните проблесоци…Дали притоа сето тоа било зачинето со нашето генетско ритмички неправилно пулсирање на крвта во жилите. Или можеби од силната, незгаслива потреба да се биде вистински свој. Поинаков. Оригинален во океанот на вкрстувања од познатото. Онаков, кон каков што несомнено тежнееле БИС-БЕЗ, ЛЕБ И СОЛ, ТРИАНГЛ, КОНКОРД, МИЗАР, АРХАНГЕЛ, ДЕН ЗА ДЕН, АНАСТАСИЈА, БАСТИОН, ЛАСТ ЕКПЕДИШН, ЧИСТА ОКОЛИНА, С.А.Ф …ФОЛТИН, БЛА БЛА БЛА и БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.

СО ЛЕГЕНДИТЕ Филиповски (втор од десно) со легендите на тојк сцената – Ситна Ситновски, Васја Ивановски и Љупчо Јолевски

И за што несомнено сведочат носачите на звук што зад себе ги оставале, концертите и перформансите овде, по регионот и во светот, пожолтените страници на весниците, радиските и телевизиските записи кои во меѓувреме исчезнаа од видокругот на обичните конзументи гладни за поинаква понуда.

БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА И ова е група која има свое место во рок историјата на земјава

те, затоа тротомната книга која е плод исклучиво на ентузијазмот и инаетот на еден таков вљубеник, во случајов Филиповски, панкер по животна определба, наместо очекувано четиво полно со факти за раѓањето и растот на сцената, за оние кои сосема малку или многу, мноооогггггуууу повеќе оставиле трага на неа, се престорува во субверзивна книга која ќе биде трн во окото на оние од власта кои и не милуваат да ја делат „славата“ на локалново буниште со некои таму „отпадници“. Со оние којшто со гордост ги носеа привилегиите и лузните од еднопартискиот титоистички систем, распадот на некогаш заедничката држава, премрежињата од балканските војни и судири, неизживеаниот суров капитализам, глумењето „демократија“… Таквите кои и не се двоумат многу да ти ја плукнат вистината право во очи. Оти такво е нивното поимање на реалноста. Чесно, искрено и бескомпромисно. Рокенрол.

И, да се разбереме, како пионерски потег оваа урбана библија несомнено е дека ќе мора да ги прележи и детските болести. Во неа веројатно ќе има „неопростиви“ грешки, погрешни „години“, „заборавени“ бендови и поединци…и така во недоглед. Можеби ќе се фрла и со дрвја и со камења кон нејзиниот потписник кој имаше големи топки и исправен рбет да го истурка проектот кој живееше одамна како идеја, но кој не се обистини од мал милион причини. Што реални, што насетувани.

ЛАПИ ДАРИЈ Мизар во легендарната сцена во Загреб – Лапидариј

И сето тоа не држи вода оти МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА (веруваме) не е замислена како затворена книга. Напротив таа неминовно го бара честото проветрување, проверување на еднаш запишаното, наново визуелизирање… Нејзиното допишување не е само обврска на авторот, туку пред се и над се на генерациите кои со сета своја енергија допрва ќе ја имаат мисијата да го бранат урбаниот начин на живеење во срединава во која непрестајно завиваат трубите на турбо-телалите и нивната незгаслива потреба да си ја мерат самобендисаноста. И, глупоста – се разбира.

Конечно МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА е куршум испукан во срцевината на убедувањето дека сме тиква без корен. Таа повеќе од многу самонаречени дела е изблик за нашиот идентитет овде и сега и за нашата опстојба на оваа толку значајна и примамлива раскрсница на стрвниците. За нашето поимање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Книга – мост кој води до нашето обично јас. И, се разбира, до другите со иста или слична емоција и размисла. Планетарно.

(Радио Слободна Европа)

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet