САД ги ставија Груевски и Мијалков на црна листа. Американскиот Стејт департмент ја прошири листата и со фирмата на Груевски која што тој ја отвори минатата година во Унгарија. САД се одлучиле на ваков чекор поради вмешаност во корупција. Опомената со овој чин е и до Шампитата, најскапата партиска резиденција на континентот, од каде во овој миг се организираат квази социјални немири: знаеме кои сте!
Американското Министерство за финансии ја прошири црната листа, на која се најдоа имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. На листата се најде и фирмата што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. KFT. ( I.C.I.C. LTD.), со адреса во Унгарија, која што е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.
Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.
Додека ја извршувал премиерската функција, „Груевски бил вмешан во акти на корупција кои вклучувале користење на неговото политичко влијание и моќ за лична корист“, наведува Стејт Департментот. Според информациите на САД, „Груевски ја злоупотребил функцијата со барање и примање мито во замена за владини договори, злоупотребил јавни фондови и се мешал во изборниот процес за сопствена корист и политичка корист за партијата“.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков исто така бил вмешан во коруптивни зделки за лична корист, наведува Стејт Департментот. Слично како Груевски и тој „ја злоупотребил функцијата со барање мито во замена за владини договори и се мешат во изборниот процес“.
Мерките коишто ги презеде САД се однесуваат и на нивните семејства. Тоа значи дека Груевски, Мијалков и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД.
На листата која што е објавена во понеделникот (11.04) се најдоа повеќе имиња од регионот, а најголем дел од нив се од Србија, Албанија и од Босна и Херцеговина. Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии (ОФАЦ) воведе економски санкции на седум физички лица и еден ентитет во четири земји од Западен Балкан.
Проширувањето на црната листа е донесено во согласност со декретот на претседателот на САД, Џо Бајден од минатата година со кој им се дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија.
Декретот носи наслов „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.
Се шири црната листа на САД насочена кон сите што работат против Договорот од Преспа. Последните најави од Белата куќа се дека со неа можат да бидат опфатени и држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција. Ова за Гласот на Америка го изјавил портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали администрацијата на Бајден планира да ги прошири санкциите и кон лица од други држави, конкретно од Грција, која е потписник на Преспанскиот договор, поради што и подлежи на одредени обврски за негова имплементација.
Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западен Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање, рекол портпарол на Стејт департментот.
Тој претходно истакна дека одлуките за додавање нови имиња на црна листа се „предмет на внимателен, дисциплиниран процес, и важи само во најсериозни случаи“. На прашањето дали извршната наредба на Бајден опфаќа и граѓани кои јавно се спротивставуваат на Договорот од Преспа на социјалните медиуми, портпаролот тогаш истакнал дека намерата на САД не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење и оти САД охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западниот Балкан.
Според него, „извршната наредба е алатка да се таргетираат оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, и помага да се зацврсти основата за мир, безбедност и стабилност во регионот“. Извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности.
Да се потсетиме дека претседателот на САД, Џо Бајден, на 8 јуни лани издаде декрет за земјите од Западниот Балкан со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите лица кои работат против клучните договори во регионот. Секое лице кое директно или индиректно го спречува или е закана за спроведување на Охридскиот рамковен договор, или за Преспанскиот договор, ќе се најде на црната листа на САД. Декретот го потпиша претседателот на САД, Џо Бајден им дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија.
Потенцијалните злоупотреби и нарушувања се наведени во седум точки во декретот на Бајден. Па така, на црната листа може да се најде секој кој директно или индиректно ги нарушува мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан. Понатаму, секој кој директно или индиректно се впушта во акции или политики кои ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот. Секој кој извршил или поддржал злоупотреби на човекови права. Секој кој бил вмешан, директно или индиректно, во корупција или поткуп, вклучително и владини претставници на сите нивоа. Третата точка од декретот ги наведува и сите договори во регионот кои САД ги сметаат за клучни, а чии противници и лица кои работат против нив ќе се најдат на црната листа. Освен Охридскиот и Преспанскиот, тука се уште и Дејтонскиот мировен договор, Резолуцијата 1244 на ОН, како и Хашкиот трибунал, и други.
(користени текстови на агенции)