Партиите, особено оние од власта се натпреваруваат која делегација ќе биде побројна за време на инаугурацвијата на претседателот Трамп во Вашингтон. Голем дел од поканетите гости не заминаа, пред се оние од Балканот а ние може да гов ориме за најбројна делегација, која, се разбира ќе присуствува на церемонијата со билети од еден паралелен простор
„Вашингтон со поинаква оптика да гледа кон Балканот“, е идејата со која македонскиот премиер Христијан Мицкоски замина во Соединетите држави – јавува македонската редакција на Радио Слободна Европа. Новинарката Гаџовска Спасовска се повикува на последното интервју на
Мицкоски за новинската агенција МИА. Тој рекол дека има организирани неколку средби со водечки луѓе во новата администрацијаа во Вашингтон, но не соопштил детали. Ни владината служба не одговори на прашањата на РСЕ за повеќе детали за агендата на премиерот во Вашингтон.
„Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател“, се вели во кусото владино соопштение.
Наводно Мицкоски е предвидено да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, потоа со Девин Нунес кој е номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group”, и Каш Пател предложен за директор на ФБИ, како и со сенатори и конгресмени, пишува Дојче Веле повикувајќи се на владини извори.
Лутник и Нунес минатата година во јули беа во посета на Скопје. Според владиното соопштение на средбата се разговарало за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе земјава.
Доналд Трамп положи заклетва како претседател на Соединетите Држави во понеделник, 20 јануари, започнувајќи го својот втор, без континуитет мандат и завршувајќи го едно од најневеројатните политички враќања во американската историја. Денот на инаугурацијата традиционално беше посветен првенствено на раскошот и церемонијата. Еден претседател ја напушта Белата куќа, а друг се всеува во неа. Но, републиканецот Трамп, исто така, вети дека ќе потпише голем број извршни наредби за теми кои се движат од граничната безбедност до производството на нафта и гас на неговиот прв ден на функцијата.
Новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс прв положува заклетва на 20 јануари, а потоа и Трамп. Церемонијата ја водеше претседателот на Врховниот суд на САД, Џон Робертс, и таа започна точно на пладне локално (18:00 часот по наше време) пред Капитол. Трамп ја крена десната рака и ја стави левата рака на Библијата. Библијата по обичај ја држи сопругата на идниот претседател.
Заедничкиот конгресен комитет, кој ја надгледува церемонијата на полагање заклетва на територијата на Капитол, соопшти дека ќе издаде повеќе од 220.000 билети за настанот. Билетите се бесплатни и им овозможуваат на луѓето да ја следат церемонијата на територијата на Капитолот на САД кога претседателот и потпретседателот ќе положат заклетва. За оние кои сакаа да го гледаат настанот од дома, сите големи американски телевизиски мрежи го пренесуваа настанот во живо, вклучувајќи ги NBC, MSNBC, ABC, CNN, Fox News и PBS. Белата куќа исто така ќе обезбеди директен пренос на настанот.
Да нема забуна – на самата церемонија може да присуствуваат мал број лица и сите оние помпезни најавувања едноставно не се точни, бидејќи се и физички невозможни. Секако на Балканот имаше многу интерес кој навистина ќе биде во близина на Трамп а кој настанот ќе го гледа од прес собата.
Трамп одлучил да остави свој белег на настанот и стана првиот новоизбран американски претседател кој покани странски лидери на својата инаугурација, пишува Sky News. Досега претседатели и премиери на други земји не присуствуваа на инаугурацијата поради безбедносни причини и испратија само дипломати. Традиционално, на настанот присуствуваат поранешни американски претседатели, а годинава немаше изненадувања во овој поглед. Поранешните претседатели Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон ја красеа церемонијата. Претседателот во заминување, демократот Џо Бајден, рече навреме дека планира да присуствува на церемонијата и да биде сведок на трансферот на власта – учтивост што Трамп не му ја упати четири години претходно.
Кој е поканет на инаугурацијата, а кој не и зошто, бeше тема што интензивно се коментира во многу земји, меѓу кои и во регионот.
Бугарскиот претседател Румен Радев на новинарско прашање одговори дека имал покана, но не оди во Вашингтон. „За нас е многу поважно ние да ги разиваме односите со САД, кои се наш стратегиски партнер и сојузник, на сите нивоа и на највисоко политичко ниво. И јас мислам дека ќе продолжиме да работиме во таа насока“, кусо изјави Радев.
Очекувања има и соседна Србија. Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека очекува оти новата американска администрација ќе биде барем малку повнимателна кон аргументите на Србија од претходната.
„Не очекувам дека ќе го променат курсот, не очекувам некој голем пресврт во позициите на САД, пред се, за овие прашања кои се најважни за нас, мислам на Косово и Метохија. Но, верувам дека новата администрација ќе и даде простор на српската страна да ги изнесе своите аргументи и да се слушне српскиот глас – погласно и појасно“, изјави Вучевиќ на ТВ Прва.
Аргентинскиот претседател Хавиер Мили, силен поддржувач на Трамп, најави дека ќе присуствува. Друг јужноамерикански сојузник на Трамп, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, нема да може да оди. Неговиот пасош беше одземен по полициска операција како дел од истрагата за наводниот заговор за „државен удар“ за да се спречи неговиот левичарски ривал Луис Инасио Лула да Силва да се врати на власт во јануари 2023 година. а вчера Врховниот суд одби да му го врати за да патува во САД, пренесе АФП.
Поддржувачот на Трамп, унгарскиот претседател Виктор Орбан, рече навреме дека размислува да дојде, како и италијанската премиерка Џорџија Мелони. Кинескиот претседател Си Џинпинг нема да присуствува и покрај поканата, но ќе испрати свој претставник, потпретседателот Хан Женг, јави Ксинхуа.
Советникот на Трамп, Илон Маск, извршен директор на Tesla и SpaceX, Џеф Безос, основач на Amazon и Марк Цукерберг, извршен директор на Meta, се очекуваше да седнат видно на церемонијата.
Владината делегација од кај нас, која ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде сочинета од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Дополнително во посебна режија „карти“ за Вашингтон набавиле и собранискиот спикер Африм Гаши и неговиот коалициски партнер, министерот за здравство Арбен Таравари.
„Учеството на лидерите на Влен на овој голем настан, е доказ за силните врски што лидерите на Влен, како претставници на Албанците во Владата на Северна Македонија, ги изградија со новата американска влада“, се вели во партиското соопштение.
За албанската опозицијата проблемот лежи во нетранспарентноста на Владата, околу потрошените пари за ова патување.
„Кој ги плати билетите за присуство на овој настан? Овој натпревар меѓу претставниците на Владата и институциите да патуваат во САД и да демонстрираат „западен имиџ“, додека Македонија останува блокирана во интеграциските процеси, е неприфатливо лицемерие“, се вели во соопштението од опозициската Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и ја повикаа Антикорупциската комисија да ги провери трошоците.
„Сметам со новата администрација, посебно земајќи ја во предвид дека премиерот Мицкоски има лична близина со министерот за трговија, господинот Лутник, тој беше и присутен во нашата земја пред неколку месеци. Што значи дека тука конкретно можеме едно позитивно поместување да направиме“, изјави Муцунски во интервју за ТВ Телма.
Но, дел од македонските аналитичари сметаат дека владините очекувања од новата американска аминистрација се премногу оптимистички.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски вели за РСЕ дека Доналд Трамп е нетипичен американски претседател којшто сака сам да креира односи на лична основа, но кога станува збор за меѓународни односи, во американската дипломатија е клучно влијанието на секоја земја засебно.
„Не е наивно, туку е претерано оптимистички да се очекува дека САД ќе изградат некакви посебни релации за соработка со Македонија, и да имаме ние одлучни економски или надворешно-трговски релации од проста причина што Македонија не само што е премногу мала, туку е ставена во контекст на поширок геополитички регион како Балканот“, вели Атанасовски. Според него, прашањето дали ќе се направи значителен исчекор во македонско-американските односи различен од досегашните 33 години, ќе добие одговор откако ќе биде инаугуриран Трамп и ќе бидат поставени новите насоки од американската администрација.
Поранешниот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, кој беше и вицепремиер за евроинтеграции, смета дека промените во Белата куќа по изборот на 47-миот американски претседател првично ќе значат адаптирање на приоритетите на американската надворешна политика на глобалната сцена, пред сè, кога се во прашање релациите на САД со Европа, Русија, Кина, Блискиот Исток, како и Латинска Америка.
„Определено индиректно влијание врз Балканот, а со тоа и врз Македонија, може да се очекува од евентуалниот нов концепт за завршување на руско-украинската војна, улогата на НАТО во нашето пошироко соседство, и можните иницијативи за решавање на конечниот статус на односите меѓу Белград и Приштина. Нашите билатерални односи не се оптоварени со отворени прашања, и се очекува поддршката што ја добиваме на политички, економски и безбедносен план да продолжи“, изјави Наумовски за РСЕ.
Според неодамнешната изјава на поранешниот претседател Стево Пендаровски, од администрацијата на Трамп може да се очекува барање за зголемени трошоци во одбраната за земјите членки на НАТО. Северна Македонија од 2020 година е членка на Алијансата и за одбрана одвојува 2 проценти од македонскиот буџет.
Од друга страна, пак политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека владиниот оптимизам е реален. Тој гледа низ призмата на актуелната политичка состојба во регионот како и на изборот на нова политичка влада во Бугарија. Незири смета дека во оваа ситуација кога во соседна Бугарија е избрана нова влада, со помош на американски дипломатски притисок ќе може да се издејствува и одблокирање на евроинтегративен пат на земјава.
Мицкоски, неколку пати досега во јавност истакна дека во изминатава половина година бара поддршка од меѓународните партнери за уставните амандмани со кои би се вметнале Бугарите во Преамбулата да бидат со одложено дејство. Македонскиот државен врв бара тие да стапат на сила по завршувањето на преговорите со Европската Унија.
„И францускиот предлог кој беше постигнат во 2022 година, беше резултат на силната американска инволвираност, и како резлутат на тој ангажман дојде до одблокирање на бугарското вето“, вели Незири.
Инаку македонско–бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, а двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ откако ќе го измени Уставот и ќе ги вметне Бугарите во Преамбулата.
Незири очекува дека во наредниот период, САД ќе одигра клучна улога, создавајќи дипломатски притисок врз Бугарија за да се обезбедат гаранции дека нема да има дополнителни барања кон земјава на евроинтегративниот пат.
(користени се главно домашни извори за овој настан)