Според стандардот на куповна моќ, Македонија е на ниво од 42 отсто од просекот на ЕУ, тв рдат црногорски исражувања. Нивото на цените на лебот и производите од жито во Македонија изнесува 55,5 отсто од просечното ниво на цените во Европската Унија и е 3 пати пониско од нивото на цените во Швајцарија, земја со највисоко ниво на цени на овие производи, покажуваат наши статистички податоци
Црногорскиот Завод за статистика Монстат ги објави Бруто домашниот производ (БДП) и реалната индивидуална потрошувачка по глава на жител, според Стандардот за куповна моќ (ППС).
„Од земјите членки на ЕУ, највисок БДП по глава на жител според стандардот на куповната моќ е забележан во Луксембург, чие ниво е повеќе од два и пол пати повисоко од просекот на ЕУ, и изнесува 268 отсто од европскиот просек, додека Бугарија е на најниско ниво со 57 отсто од просекот на ЕУ“, соопшти Монстат.
Од земјите во регионот, Хрватска има највисок БДП по глава на жител според стандардот за куповна моќ, што е 70 отсто од просекот на ЕУ, додека Црна Гора е на второ место со 48 проценти од просекот на ЕУ.
Србија е на ниво од 44 отсто од европскиот просек, Северна Македонија на ниво од 42 проценти, Босна и Херцеговина на ниво од 33 отсто, додека Албанија е на ниво од 32 отсто од европскиот просек.
„Реалната индивидуална потрошувачка по жител според СКМ, според конечните податоци меѓу земјите-членки, се движеше од 65 отсто од просекот на ЕУ во Бугарија, до 144 проценти од просекот на ЕУ во Луксембург“, посочува Монстат.
Двојно поевтин леб од европскиот и трипати поевтин од швајцарскиот јадат гражаните на Македонија. Оокажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Македонецот троши 30 проценти помалку од жителите на земји со повисока куповна моќ. Во дел од овие држави просечните трошоци по глава на жител се и 18 отсто над просекот на Европската Унија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Сепак, со оглед на висината на платите, реалните трошоци за храна по глава на жител ја сместуваат Македонија во групата земји со релативно ниска куповна моќ.
Нивото на цените на лебот и производите од жито во Македонија изнесува 55,5 отсто од просечното ниво на цените во Европската Унија и е 3 пати пониско од нивото на цените во Швајцарија, земја со највисоко ниво на цени на овие производи.
„Најевтиниот леб е 2 франка, а има и леб од 500 грама за 3.5 франци. И овде има евтини маркети. Млекото не е многу поскапо за разлика од Македонија. Во Швајцарија превозот е скап, меѓуградски се патува со воз, исто и до селата, а онаму каде не се поврзани со железница се патува со автобус“- вели Македонец кој живее во Швајцарија.
Млекото, сирењето и јајцата во земјава се поевтини за 2 пати од просекот на нивото на цените на групата земји чие ниво на цени е рангирано со над 30 отсто од нивото на цените на ЕУ, покажуваат статитичките податоци.
„Лебот во Данска чини 9 круни, млекото е 8.95, сирење 24 круни, компири 16 круни, мелено месо 49 круни за пакување од 800 грама. Ако се работи за леб од килограм, тој чини 19.95 круни. За облека маиците се околу 100 круни, фармери од 300 до 500 круни, јакни од 500 круни па нагоре. Седум круни се еднакви на едно евро. За овдешните плати кои во просек се 2000 евра не е скапо“ – раскажува македонска државјанка која живее во Данска.
Нивото на цените на овошјето, зеленчукот и компирите е 3,6 пати повисоко во Швајцарија отколку во Македонија, каде што ценовното ниво за оваа група производи е најниско споредено со другите европски земји.
Цената на алкохолните пијалаци во Република Македонија е на најниско ниво во Европа и изнесува 62,6 проценти од европскиот просек.
Безалкохолните пијалаци во Норвешка се 3 пати поскапи од оние во Република Македонија, чие ниво на цени е 64,4 % од просекот на ЕУ.
Нивото на цените на облеката и обувките во Република Македонија, споредено со другите европски земји, е повисоко само од Бугарија и Турција и е на ниво од 80,9 отсто од просекот меѓу земјите членки на Унијата. Во Македонија нивото на цените за облека и обувки е 49 отсто од нивото на цени во Исланд, каде што цените во оваа група производи се највисоки во Европа.