Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МАКЕДОНСКИОТ ПАТ КОН БРИСЕЛ: ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД МАЃЕПСАНИОТ КРУГ (1)

March 2, 2021 Filed Under: Фељтон

Конечно треба да признаеме дека ЕУ не може да ни подари добар живот. Мора да имаме своја визија и свој план

НАГРАДА: БРИСЕЛ НА Балканот му испорачува или сечкан или изрендан морков, а тој се повеќе наликува на – стап

МАЛИНКА РИСТЕВСКА ЈОРДАНОВА

Пред петнаесетина години, во разговор со друга ветеранка од процесот на интеграција во ЕУ од регионот, ѝ се пожалив: „Го добивме морковот исечкан.“ Таа прокоментира: „А ние – рендан.“ Кога сега би се сретнале, веројатно би ѝ рекла: „Го добивме стапот. А заслуживме голем сладок морков.“ На некого надвор од „кругот на европската интеграција“ не би му било многу јасно за што зборувавме. Како добри ученици на европската интеграција, бевме го научиле главниот наратив: дека политиката на условеност значи добивање награда („морков“) доколку ги исполнувате условите, а доколку не – добивате казна („стап“).

Македонскиот случај од 2020 година покажа (или потврди) дека може да биде и обратно. Ако исполнувате, може да не го добиете „морковот“, туку „стапот“.

НОВИ БЛОКАДИ Кога Македонија аплицираше за членство во ЕУ во 2004 година, Брисел ни испрати порака: „Патот до Брисел е преку Охрид“. Го спроведовме Охридскиот рамковен договор, со којшто се стави крај на меѓуетничката криза од 2001 година. Пред две години ја добивме пораката „Патот до Брисел е преку Преспа“. Го сменивме името (Северна Македонија), затоа што Грција го бараше тоа, и покрај спротивната пресуда на Меѓународниот суд на правдата. Но, минатата година патот до Брисел повторно се затвори. Сега Бугарија се намерачи да ја смени македонската траса кон Брисел, овој пат преку Софија. Знаете што? Нема шанси. Знаете зошто? Бидејќи Бугарија сака да го смени македонскиот идентитет, злоупотребувајќи го процесот на пристапување во ЕУ и наметнувајќи сопствена искривоколчена верзија на историјата.

Оваа верзија задира не само во македонската, туку и во историјата на ЕУ, вклучувајќи ги нејзините антифашистички корени. Бугарските неосновани барања имаат повеќе последици врз македoнскиот процес на пристапување во ЕУ, но и воопшто врз процесот на проширувањето. Тие влијаат врз регионот и врз ЕУ, вбризгувајќи отров – потпалување национализам и конфликт, а со тоа ја поткопуваат и стабилноста.

Другите земји членки на ЕУ досега успеваа да ја спречат Бугарија да го наметне овој „нов пристап“ во процесот на пристапување, но не успеаја да ја спречат да го блокира, што доведе до ќорсокак. Во овој момент политиката за условeност е компромитирана, кредибилитетот на ЕУ е изгубен, a со тоа е загрозена во самиот старт новата, т.е. ревидираната методологија за проширување. За да биде кредибилен, процесот на пристапување треба да има реална перспектива, а неговата политика на условеност – заснована врз заслуги. Притоа, клучно прашање е како ЕУ ги користи двата основни инструменти на пристапувањето што се во нејзини раце – контрола на неговата динамика и агендата.

НАГРАДА: БРИСЕЛ НА Балканот му испорачува или сечкан или изрендан морков, а тој се повеќе наликува на – стап

ЕУ НЕ Е ПОДГОТВЕНА НА ПРОШИРУВАЊЕ Во моментов, процесот е бавен и членството не изгледа достижно. ЕУ едноставно не е подготвена за ново проширување. Ваква каква што е, тешко функционира и не сака нови, а особено не „проблематични“ членки.

Што се однесува на агендата, таа за државите од регионот значително се менуваше во текот на годините. Последниве години ЕУ со право го стави владеењето на правото на прв план. Сепак, ваквиот пристап го поткопуваат прашањата што немаат никаква врска и дури се спротивни на принципите на владеењето на правото – како што е бугарското вето, кое сега е на преден план на пристапната агенда. Така, еден од клучните услови во процесот на стабилизација и асоцијација – регионалната соработка, наместо средство за помирување во регионот, стана инструмент за притисок на државите од поширокиот регион кои се во поповластена положба – членки на ЕУ, врз оние од Западниот Балкан кои не се.

Иако сега не е подготвена за проширување, ЕУ сепак сака да има влијание врз Западниот Балкан, од геостратешки причини и заради одржување стабилност. Новата Стратегија за проширување укажува на „заострената геополитичка конкуренција“, што се однесува главно на влијанието на Кина и Русија во регионот, но и на Турција и на земјите од Заливот. Натаму, Западниот Балкан ќе продолжи да биде од клучно значење за управувањето со миграцијата. Во конкуренција на геополитичките прашања и прашањата на стабилноста, во игра е т.н. „стабилократија“, наспроти меритократија, која би била во корист на владеењето на правото.

Друг несакан ефект на промената на агендите е тоа што во заден план се ставени прашања како што се животната средина, енергетиката, пазарот, образованието, здравството… што се од витален интерес за граѓаните во регионот. Факт е дека овие прашања се високо на регионалната агенда, но тие не доминираат во националните дискурси. Она што доминира се делови од агендата на ЕУ, но прекршени преку призмата на националната политика – како бесконечниот натпревар на политичките субјекти за тоа кој е (наводно) покорумпиран и, неизбежно, кој е поголем патриот.

Конечно треба да признаеме дека ЕУ не може да ни подари добар живот. Мора да имаме своја визија и свој план.

(продолжува во следниот број)

Filed Under: Фељтон

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet