За разлика од германското, португалското претседателство е повнимателно во официјалните документи. Не се споменуваат Северна Македонија и Албанија
МАЛИНКА РИСТЕВСКА ЈОРДАНОВА
Од 2010 година, по Лисабонскиот договор, покрај програмата на претседателството на ЕУ, кое трае шест месеци, се воведе и Програма на т.н Трио. Триото го сочинуваат три држави кои редоследно претседаваат со ЕУ. Во програмата на Триото Германија – Португалија – Словенија (1 јули 2020 година – 31 декември 2021 година) изрично се поздрави одлуката за почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија, се потврди перспективата на регионот за членство во ЕУ со цел „да продолжи процесот на проширување кон Западен Балкан“, врз основа на новата методологија.
Програмата на германското претседателство беше поконкретна во однос на земјите за кои следен чекор се пристапните преговори, нагласувајќи дека Германија „се подготвува за започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, преку подготовка на рамката за преговори за овие две земји“.
За разлика од германското, португалското претседателство е повнимателно во официјалните документи. Не се споменуваат Северна Македонија и Албанија. Целиот текст за регионот се сведува на: „Ние ќе го продолжиме процесот на проширување на Западен Балкан врз основа на новата, покредибилна и поефикасна методологија, како и напорите за стабилизација и интеграција во регионот и ќе ја поддржиме Европската комисија во однос на тековните реформски процеси во тие земји“. На овој начин претседателството е коректно во однос на континуитетот на Програмата на Триото, но не презема никакви конкретни обврски. Не се најавува ништо спектакуларно. Што се однесува, пак, до редоследот на надворешно-политичките приоритети, најзначаен во Програмата е приоритетот на ревитализација на односите со САД, но од регионите посебно Магреб, поширокиот регион на Северна Африка, како и Блискиот Исток.
За разлика од официјалните текстови, изјавите на португалските претставници беа малку повеќе контрадикторни. Најпрвин одекна изјавата на амбасадорот на Португалија во ЕУ, објавена од Бугарската државна агенција БТА и пренесена од многу македонски медиуми. Секако таа беше интерпретирана како поволна за Бугарија, зашто според амбасадорот „не било во ред Бугарија да се попречува за кочење на процесот на проширување“. Натаму во изјавата се тврдеше дека Португалија нема да брза со заклучоци за проширувањето.
Потоа стигна една поинаква порака од шефот на амбасадорот – португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, повторно пренесена од бугарските медиуми – овојпат од Бугарското национално радио. Силва изјавил дека Португалија ќе се обиде да организира првата меѓувладина конференција и дека отворањето на преговорите меѓу Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на претседателството. Истакнал и нешто што може да се толкува во наша полза – дека ЕУ поставила многу барања до Северна Македонија, која спровела многу важни реформи, па дури и го сменила своето име. Дури, најавува дека интензивно ќе разговара со владите на двете земји за да се надминат „недоразбирањата“.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, пак, дипломатски изрази позитивни очекувања – дека португалското претседателство ќе продолжи онаму кадешто застана германското. Најави и испраќање на дипломат во Лисабон – добар, иако малку задоцнет чекор.
Реално гледано, ќе биде тешко да се очекува придвижување во текот на португалското претседателство – поради изборите во Бугарија, но и поради големите „недоразбирања“, односно суштествени разлики меѓу бугарските и македонските позиции. Сепак, за нас ќе биде клучно овие шест месеци континуирано да се соработува на политичко и на дипломатско ниво со португалското претседателство, со двете држави од триото – Словенија и Германија, а секако и со другите држави членки на ЕУ.
Во текот на португалското претседателство може да се очекува повторно во Советот на ЕУ да се актуелизира темата: Северна Македонија и Албанија – заедно или одвоено, со оглед на тоа што Албанија е близу до исполнување на условите што ѝ беа поставени за почеток на преговорите во март минатата година. Секако, и албанските парламентарни избори во април 2021 година ќе бидат значајни за нивното портфолио.
Можно е интензивирање на процесите по април годинава, но прашање е дали ќе има доволно време за сериозно навраќање на темата до крајот на јуни.
И на крајот – сакале или не, за оние што подолго го следат процесот, неизбежна е асоцијацијата на Лисабонската декларација, со која во 1992 година се бараше во името на нашата држава да нема „Македонија“ за да биде призната од тогашните Европски заедници. Сепак, ја има.
(крај)