Со оглед на нивното влијание, од социјалните медиуми се до оние мејнстрим, тие се многу високо пласирани во општеството, особено ако првите три столба – извршната и законодавната власт, како и правосудството го губат своето традиционално место
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Добро е што вестите обично ги ставаат за крај прилозите за спортот и временската прогноза. Најверојатно дека само така ќе се случеше на пладневниот дневник на Телма во саботата (27 март во 15.30 часот ) одбележувањето на едногодишницата во НАТО да не дојде на опашката, ама беше на крајот на класичната низа на вести. Почна со нашите на вакцинација во Србија, еден доста долг прилог, потоа имавме вест за протестот на ВМРО пред Министерството за здравје со говорниците, па изјава од неколку политичари дека не треба да има попис (неизбежниот Павле Трајанов беше меѓу нив, да не се секираме дека нема некој од власта) и така измина дневникот, се до 16.00 часот кога дознавме за високиот гостин во Скопје, прелетот на авионите на НАТО над Скопје (добро, нив ги чувме а телевизијата и онака е според Маклуан само продолжение на човечките сетила), за говорите на присутните во една касарна каде се одржа воено дефиле а каде имаше и инспиративни говори. Таа вест беше набиени во толку кус временски простор што тоа ги рушеше и физичките закони. Добро, може да прифатиме дека имало случајно совпаѓање на пропагандната дневна агенда на оние од Шампитата и заклучоците на колегиумот на Телма за првиот ден на викендот.
Како и да е, ако тоа се случува со дузина телевизии во истиот миг, во најголемиот дел од нив (исклучок беше јавниот сервис) тогаш можеме само да прифатиме дека црвено-црните многу полесно ги учат своите кадри дека медиумите можеби не се седма сила, туку се помрднале кон врвот. Особено во земји каде првите три сили (законодавната, извршната власт и правосудството) паѓаат се’ пониско. Па со земјата, односно со јавното мислење, владеат оние кои се поитри и кои се држат до проверените методи како онаа „секоја лага повторувана со денови станува вистина“. Па, така ќе биде и со кампањите за вакцинирањето и одржување на пописот каде антикампањите се одамна стигнати на целта во трката за вистината.
Впрочем на оние агитатори кои секое утро влегуваат во зградата на Плоштадот ВМРО веројатно им е јасно дека изразот „седма“ не го расчистиле ниту медиумските теоретичари.
Во земјите од англосаксонското говорно подрачје се користи изразот четвртиот сталеж (fourth estate) а слично било и во францускиот, шпанскиот и италијанскиот јазик.
За бројот „седум“ секако има објаснување – преземен е од рускиот политички говор, каде постојат шест сили (во форма на шест држави од пред 150 години) а медиумите (тогаш само печатот) бил оценет како седма, еден вид на интернационална моќ
Зачидувачки е како власта кај нас се уште се раководи од тој „компас“ од времето на руските цареви а актуелната опозиција, пред се ВМРО ДПМНЕ, лесно сватила каква е позицијата на медиумите. И покрај крајно расклатената позиција на партијата на Мицковски, внатрешните расцепувања, секојдневното фаќање во лагата на партиските гласмоговорници, тие остануваат високо позиционирани во дневните обврски на новинарите. До скоро сосема лесно се гледаше дека на политичарите кои чекорат на десната страна на улицата им се дозволува читање на одговори од телефони или гледање кон т.н. идиоти, дека се толерира кога тие гости во студиото праактично се закануваат или ги потсетуваат водителите на „своите права“, бидејќи, нели, се подразбира дека „раката на ВМРО е долга“…
Оттаму, секоја кампања на оваа партија си има своја огромна поддршка од – кај нас – првата сила и на тој начин подржуваната групировка ги компензира сите свои мани, кои се големи како врата, ама ние добиваме целосно искривена композиција во која се сместени реалните општествени вредности. Така е и со.спроведувањето на пописот после 20 години статистичка темница, како и со борбата против пандемијата. Кај соседите на земјава научиме да ја броиме секоја вакцина ама заборавивме да го следиме бројот на заболени и починати, како и големите проблеми со транспарентноста, кои се дел од пејсажот после здравствената битка. Место да се добие мотивација која ќе обединува и формира свеста во општеството за ретко тешките моменти во земјата, добиваме една огримна петта колона во земјата, со помош на медиумите како клучна алатка на турските серии на деструкцијата.
Еве, среде кампањата на ВМРО ДПМНЕ против пописот – и дома и во странство – медиумите во најголема мерка најдоа начин, како што е јавено од штабот на споменатата партија да го обезвреднат телефонското јавување кај Мицковски од страна на високиот американски функционер Метју Палмер. Па наспроти директните пораки на американскиот дипломат, каико што ќе забележи Нова, „кои сугерираат конструктивност од страна на ВМРО ДПМНЕ во политичките процеси и нивно вклучување, наместо деструктивно однесување, во преговорите со Бугарија и во успешно спроведување на пописот, како две приоритетни државни прашања, известувањето од ВМРО ДПМНЕ ги премолчува главните пораки кон нив“. Ова не може, да додадеме, без за тоа да постои медиумско затемнување! Палмер? Кој Палмер?
Затоа амбасадата на САД во Скопје ќе извести дополнително дека „од Мицкоски е побарана конструктивност, како и комуникација со останатите во општеството во врска со отворениот спор со Бугарија и во врска со претстојниот попис“. Партијата на Мицкоски пак, во соопштението до јавноста известува, но без напомена на пораките кои ги примил од соговорникот, „дека станало збор за пописот и за односите со Бугарија, како и за функционирање на правната држава и други политички теми“, но нивното соопштение не навестува или не посочува дека од ВМРО ДПМНЕ се бара поинакво однесување по овие теми.
Така тоа го сватиле и бројните колеги а пред се нивните уредници што треба да значи дека ВМРО ДПМНЕ не мора да ги послуша повиците за пресврт кај бојкотот на пописот. Вчера требаше да има разговор во четири очи меѓу Заев и Мицковски во Клубот на пратениците, со понудени опции од власта пописот да може да се пролонгира за еден месец, за да може попишувачите да се вакцинираат, но не може да се очекува дека пописот ќе оди во некаков рикверц. Таква е позицијата на менувачот веќе две децении и затоа се дозволиви секакви маниупулации, пред се на изборите, кои се главна цел на опозицијата во мигот! Оттаму, тие инсистираат на ситуација – прво локални избори а потоа може и попис. Крајот веќе се знае – пописот ќе се оевива во септември, попишувачите ќе бидат вакцинирани и веројатно голем дел од населението што треба да влезе во нивните тефтери. Но изборите сепак ќе дојдат подоцна, во втората половина на октомври. Ќе се менуваат во меѓувреме прописите околу гласањето, пред се околу фамозниот фингер-принт, но и околу потребата земјава на следните парламентарни избори да биде една изборна единица.
Разрешницата сепак како тригер го има телефонското јавување на Метјку Палмер. Ова медиумните во најголем дел нема да го истанат и промената на политичката клима ќе се врзува со нечија лична политичка мудрост. Нема да се кладиме коој ќе биде тука Соломон.