Пере Јованов од Струмичко свири на виолончело под отворено небо во Токио, како еден од шесте кои имаат дозвола за такви изведби. Неизоставен дел од репертоарот се и Македонско девојче, Јовано, Јованке, Со маки сум се родила…
Пере Јованов е веќе дел од урбаниот пејзаж на Токио. Седнат на столче, на тротоар, на клупа или во тревник, со виолончелото во неговите раце… малкумина останале рамнодушни на неговите изведби на класична или поп-рок музика, а неизоставен дел од репертоарот се и Македонско девојче, Јовано, Јованке, Со маки сум се родила… Деновиве беше возбуден бидејќи имаше концертната промоција на неговото прво це-де со арии од италјански опери (обработени за виолончело и пијано) во пијано-придружба на Наоми Јошимура од Јапонија. Ова е приказната на Пере Јованов (32) од Куклиш, Струмичко, раскажана за порталот „Факултети“.
Основно училиште завршил во родното село а средно во музичкото училиште во Штип. Во неговата фамилија музиката отсекогаш била важен дел од секојдневието.
– Пред мене, татко ми се занимаваше со музика, свиреше бас-гитара во локален бенд, па сестра ми изучуваше клавир уште од рана возраст. Така и јас откако знам за себе сум опкружен со музика, со звуци, инструменти, партитури, и мојот интерес и љубовта кон музиката ги чувствувам како вродени. Кога имав 8 години, паралелно со основното училиште, се запишав во нижата музичка школа „Боро Џони“ во Струмица и почнав да учам клавир, теорија на музиката, а подоцна и контрабас – раскажува Пере.
Средбата со виолончелото била сосема случајна. Кога завршил нижо музичко, сакал да продолжи со контрабас и во средно. Се запишал во музичкото училиште во Штип, но тогаш таму не се изучувал тој инструмент, ниту бил предвиден во наставен план, па немало ни професор. Му го предложиле инструментот најблизок на контрабасот – виолончелото.
Матурирал и се запишал на Kонзерваториумот „Г.Б. Мартини“ во Болоња (Италија) каде што дипломирал во 2013 година – насока „музичар изведувач“ – виолончело.
Пере во Јапонија живее веќе пет години. Таму завршил случајно. Во текот на престојот во Италија, од 2005 до 2013 година, на еден од неговите настапи се вљубил во девојка од Јапонија. Таа девојка денес му е сопруга и заедно живеат во Токио.
– Во однос на работата, се доживувам себеси како фул тајм виолончелист. Примарната дејност ми се настапи на јавни места. За настапи на овие локации надлежни се градските власти на Токио кои издаваат дозволи за да можете да свирите. Изборот се прави на конкурс/аудиција која се вика „Хевен артист“. За да биде појасно колку е тешко да се добие таа дозвола, покажува фактот дека секоја година конкурираат околу 150 кандидати, а се издаваат само пет дозволи. Јас бев меѓу тие пет во 2015 година. Паралелно работам и како професор по виолончело, држам приватни часови, настапувам на музички фестивали, организирам концерти итн. – раскажува Јованов. Вели дека Македонија и Јапонија имаат повеќе разлики отколку сличности.
– Слично е гостопримството на луѓето и кај нас и овде, а разликите почнуваат од самиот воздух што се дише, храната што се јаде, средината во која се живее, па сѐ до животните вредности во кои веруваат луѓето. Патем, тоа е и пресудно во кој правец ќе се движи општеството – објаснува музичарот.
Пере често настапува во паркови, трговски центри, метро-станици итн. Вели дека луѓето што доаѓаат на неговите настапи внимателно ја слушаат секоја нота, се трудат да ги разберат суштината и убавината на делата… Понекогаш, кога свири македонски песни, некој од публиката што не знае каде се наоѓа Македонија го прашува дали е тоа тропски остров?
– Тоа веројатно се должи на фактот што нашата музика и ритам будат топли чувства. Често се изненадувам кога ќе добијам пофалби. Јапонците најчесто реагираат на песните: Со маки сум се родила, Македонско девојче и Јовано, Јованке. Кон мене како личност и кон тоа што го работам се однесуваат со голема почит. Често наоѓам писма во куферот од виолончелото во кои ми пишуваат какви емоции им пробудила музиката. Секој ден има и понекоја интересна случка – од понуди за брак (од девојки што не знаат дека сум оженет) до донации од 100 евра (кога навистина некому ќе му ја погодам песната) – раскажува Пере.
Изведува дела од разновиден репертоар – од македонски народни песни, југословенски шлагери, до поп и рок-дела, класична музика. Што ќе изведе во текот на денот, најмногу зависи од расположението и од моментот.
– Може да биде класично дело, поп-рок, македонско… Но, за да ѝ ги пренесам на публиката, мора прво мене да ми се допаѓаат. Не можам да свирам нешто што им се допаѓа на другите, а мене не ми значи ништо – вели виолончелистот.
Секаде во светот класичните инструменти и музика се привилегија на оние што може да си ги дозволат затворени сцени – опера, филхармонија. На прашањето колку е важно музиката да стигне до пошироката публика, до секојдневниот човек, тој вели:
– Важно е, и тоа како! За жал, не многу луѓе имаат навика да посетуваат театри и филхармонии, тоа е секаде така, но откако ќе слушнат како звучи виолончелото во живо, коментираат: „Како порано не сум знаел за тоа задоволство?!“
Иако многумина имаат впечаток дека јапонската култура е прилично затворена, Пере вели дека неговото искуство го покажува сосема спротивното. „Јапонците не се воопшто затворени како луѓе, можеби се малку срамежливи“. Тој се труди што повеќе да ја промовира македонската култура и често е поканет од македонската амбасада во Токио на разни настани. Тогаш свири македонски песни.
– Кога Јапонците имаат пред нив човек кој преку музиката им буди некоја емоција, ги симнуваат сите маски и се отвораат 100 отсто – раскажува Јованов.
(fakulteti.mk)