Ова здружение не го слушнавме да говори за нашиот словенски ген во време кога тоа беше passé во време на груевизмот . А сега Манифестот го става акцентот на нашите словенски фиданки. Неволката по членовите на здружението се појавува во фактот дека и Украинцирте се исто така Словени, кои згора се обидуваат да го бранат својот суверенитет
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Иако од многу официјални извори и сосема јасно беше соопштено дека никој до сега не побарал војници на Северна Македонија да војуваат во Украина и тоа како барање не произлегло ниту од земјава, ниту, пак, од НАТО (https://vistinomer.mk/sredba-kovachevski-stoltenberg-rusija-da-deeskalira-vo-ukraina-i-da-prodolzhi-diplomatskiot-dijalog/) во Македонија се јавија одредени кругови кои се обидоа да ги исполат своите антизападни чувства на оваа тема. Затегнатоста на украинските граници беше за нив добар повод за манифестација на проруска настроеност, преку проблематизирање на нашето зачленување во западните сојузи и секако – потпишувањето на Преспанскиот договор како некаков критизерски континуум..
Појавата на групата која се нарекува Македонски манифест со соопштение во кое постои не е за изненадување за оние кои ги познаваат нивните активности. Во соопштението https://republika.mk/vesti/makedonija/makedonski-manifest-ne-za-nato-makedonski-vojnici-vo-ukraina/ тие, меѓу другото го има и следното барање:
„Македонски манифест“ ги повикува сите чесни и неодродени Македонци да му кажат НЕ на НАТО за вовлекување на Македонците во евентуална братоубиствена војна на македонскиот со рускиот народ. НЕ за испраќање на македонски НАТО-војници во исто така братска Украина. Западната здивена НАТО-алијанса треба да знае дека рускиот и македонскиот народ во минатото пиеле од ист јазичен и идентитетски извор. Нивната прагенеза е заедничка, заедничка и со другите словенски народи, и тоа е втиснато како царски печат во македонската меморија. Македонците и Русите се фиданки на иста семејна лоза и затоа тие не можат да војуваат едни против други“.
Освен што таа група нема никаков доказ дали и како НАТО ќе се ангажира во одбрана на Украина од агресијата на својот источен сосед, постои во манифестот еден речник што е дел од недозволена форма, и кога се работи за сопствената земја, која пак е член на Алијансата – „здивена НАТО агресија“ е еден од тие изрази.
Пред се во последните децении агресијата е видлива токму кај Кремљ. Треба ли да се потсетиме на одземената територија во Источна Осетиа (2009), која припаѓаше на Грузија?! Или анексијата на Крим (2014) и тоа со војници кои не ниосеа никакви државни обележја (!), како и претворање на дел од територијата на Украина (Донбас) во истата таа година во боиште со последица од речиси два милиони протерани граѓани, само на украинска страна, мниогу убиени војници и уништена економија, која по ниту едно толкување (правно и политичко а не „поетско“) е форма на неоправдана агресија! Зошто татнежот на тенковите, ако доаѓа од Истокот, треба да биде третиран поинаку од класично преземање на дејствија со воени средства, односно од претворање на политиката со повисок степен на агресија (Клаузевиц). Нема никаква двојба дека токму Руската федерација се пресметува со своите соседи, со кои дури има потпишано два посебни договори – за основање на Заедница на независни држави и на Организација за колективна безбедност, која обврзува на заедничка одбрана а не на одземање на територии на посилниот од послабиот. Потписниците во тие акти од 1992 година создадоа своевиден пандан на ЕУ и НАТО, само што Кремљ кога сака брани одредени држави (режими) како Казахстан или Белорусија а кога не сака, се однесува империјално кон нив! Да не го споменување и случајот со Ерменија која не така одамна како потписничка на договорите очајнички бараше помош во судирот со Азербејџан (зеја која излезе од споменатите договори) но доби само игнорирање! Кој води тука една недоследна и агресивна политика?
Обидот да не се гледа на тие навистина груби, но случени настани како да не постоеле кај домашните русофили под изговор – како што се вели во прогласот – дека имаме , „ист јазичен и идентитетски извор“, едноставно е надминат одамна и е апсурден по многу основи. Дали Украинците не се со исти идентитетски папиларни линии? Се, секако и да не навлегуваме длабоко во историјата: тие се позначајни во оформување на источнословенската цивилизација. Навистина во обраќањето на оваа група до јавноста се говори за историјата (прагенеза), но таквиот третман никако не може да се земе со онаа доза на романтизам како кај Македонскиот манифест ако се знае пак судбината на Украина која е многу послична со нашата во јужнословенското опкружување.
Значи, да не потегнуваме симболика со фиданки, бидејќи сите словенски народи ни се подеднакви блиски, па и украинскиот! Впрочем, членовите на Маниферстот имаа стиснати усни кога официјалната политика на Груевски (од 2009 година) го промени таквиот наш идентитет, претворајќи не во антички народ кој нема никаква врска со словенската матица. Како тогаш не им пречеше нашето „делење“ од словенските фиданки? Лицемерно, неки!?
Затоа сега не треба да се прават никакви прескакулици во времето и просторот, особено не кон времето на ладната војна, со некакви црно-бели претстави за работите. Русија била со векови империјална сила и си имала своја стратегија и кон Македонијна како народ и змеја; го има тоа и сега и кај актуелните државните политики на Кремљ, кои почесто биле ненаклонети отколку наклонети кон нас!.
Врзаноста за НАТО сојузот и произлегува од таквите искуства на македонскиот народ во минатото а државната политика во таа насока беше дел од сите политички раководства, само што Манифестот имаше и празни периоди во своето дејствување. Членовите на ова здружение се сметаат за повластени бидејќи се „национално освестено“, што е до сега невидено нагрдување на поголем дел од граѓаните кое на сите анкети се изјасниле за наш влез во НАТО и ЕУ. Тие членови се: Ефтим Клетников (поет), митрополиотот Агатангел, Стојан Стојков (композитор), Запро Запров (диригент), Алдо Климахн (писател), Цветан Гавровски (професор), Слободан Пренџов (професор) , Наташа Котлар (историчар), Ристо Никовски (ексамбасадор), Сотир Костов (правник), Алексамндар Русјаков (писател), Фима Клетникова (поетеса), Дардан венетски (правник) и Нестор Огинар (професор).