ЛИЛЈАНА МАЗОВА
За театарот и за публиката возбуда е кога на сцената се поставува/игра ѕекст од класиката, особено каков што е, на пример, Антон Павлович Чехов (роден на 29 јануари 1860 година во Таганрог, Русија, починат на 15 јули 1904 година, во Баденвејлер, Јужна Германија. Нови поставки на вечно актуелните драми на Чехов, со разлика од неколку дена, се одиграа во Белград и во Скопје. Прво „Вујко Вања“ во режија на Егон Савин во Југословенско драмско позориште – Белград, па „Галеб“ во режија на Нина Николиќ во Македонски народен театар – Скопје.
Овој „Галеб“ е режисерско/актерска претстава.
Којзнае по кој пат се докажува колку е Чехов севремен. Оваа поставка на „Галеб“ на сцената на МНТ е трета, по оние изведби во 1960 во режија на Димитар Ќостаров и во 1990 на Бранко Ставрев. Го паметам, меѓу другите, и „Галеб“ (по неколку гледања) на Томи Јанежич со Српско народно позориште во Нови Сад која траеше нешто помалку од седум (7) часа.
„Галеб“ Чехов ја напишал во 1986 година. Оригиналот се наоѓа во неговата куќа на Крим која е одамна спомен музеј на Чехов, во витрините во кои се и неговите „Вујко Вања“, „Три сестри“ и „Вишновата градина“, расказите, новелите… И задоволство, возбудливо е да се прошета по тој спомен музеј. „Галеб“ меѓу другото, е култна претстава на МХАТ (Московскиот художествен театар) на чија сцена била и праизведбата.
Нина Николиќ при поставувањето на „Галеб“ (премиера на 18 декември 2018) го испочитувала текстот на Чехов. Нема кратење, нема префрлање на сцени. Има само тек/дејствие што, како впрочем и сите драми на Чехов, го покажува/игра животот секаде и во секое време. Со јунаци кои талкаат низ животот – чисти, искрени, губитници, аутсајдери… Нивните животи се борба во/за она во што се верува и она што, според правилата на животот му следува.
Режија на Н. Николиќ го следи дејствието: да се прикаже „храброста на младите генерации автори во борбата со оние кои заминуваат од културната сцена, и кои и натаму се борат да ги задржат своите позиции во уметничките/театарските кругови и во општеството.“
И изведбата е сосем јасна: човек мора до крај да се бори за одбраната на себе, во она што верува и на она што му припаѓа по раѓање/природно: возвратена љубов. Ликовите веруваат и се борат за неа. Со различни состојби/случувања. Така е и било од векутума века.
Претставата комуницира на релацијата сцена – гледалиште. Особено со оние кои го знаат/сакаат Чехов. Атмосферата на сцената е сконцентрирана на животот на јунаците. Онаков каков што е: од една страна суров, од друга чист. Или онаков каков што е секогаш и секаде. Во секоја сегашност во која доминираат оние најскриени чувства – вљубувања, разочарувања, недоразбирања. Јасно – љубовта.
Драматург на претставата е Драгана Лукан Николоски која ги знае/разбира потребите на Нина Николиќ за создавање на претстава за љубовта. Во целина збор е за голем авторски тим кој кореспондира/соработува надоградувајќи се и себе и целиот процес на создавање. Сценографијата, ненаметлива и со отворен простор за игра на актерите е на Вишња Вујовиќ, прикладните костими за секој лик се на Ивана Каранфиловска Угуровска, композитор на одличната главна музичка тема е Влатко Стафановски, кореографијата е на Димитрис Соториу, видеото кое ги следи настаните на сцената и фотографиите се на Петар Кочишки…
Сепак најважното во претставата се актерите кои ги играат единаесете лика
И тука изборот на Нина Николиќ е соодветен на ликовите на Чехов. И по самото дејствие најдоминантни се Никола Ристановски како Борис Алексеевич Тригор и Дарја Ризова како Нина Михајловна Заречна. Обликувајќи ги ликовите тие ја обликуваат целата претстава. Иако е навистина тешко да се дојде/влезе во нив со страста или обликувајќи го животот кој се случува секогаш и секаде. Во минатото, сегашноста или иднината. Сеедно. Нивната заводлива и сигурна игра кулминира во последната сцена од вториот чин кога се сами, седнати на просцениумот кон гледалиштето.
Во тој сублимиран/концентриран живот рамноправно учествуваат и Петре Арсовски во ликот на Петар Николаевич Шамраев. Арсовски со овој лик ги одбележува своите пет децении актерска игра на сцената. Зрелоста и потребата да се биде таму кај што се припаѓа – цел еден живот на сцената, а најмногу на својата матична – Македонскиот народен театар, е настан што треба/мора да го следат и другите театри кон своите актери, оние кои го минале/минуваат животот на театарската сцена. Не помалку е важна и играта на Емил Рубен во ликот на Илија Афанасиевич Шамраев, кој исто како и Арсовски официјално го заврши пропишаниот работен век и докажува/покажува дека сцената е негов данешен, сегашен и иден простор.
Сосем сигурни ликови кои ја формираат сценската приказна се оние на сигурната и секогаш надоградена Сашка Димитровска како Полина Андреевна. Дамјан Цветановски како Константин Гаврилович Трепљев кој, и покрај младоста, веќе влезе и сега само потвдрува дека е актер кој сигурно чекори/создава на театарската сцена.
И другите ликови на актерите Звездана Ангеловска како Ирина Николаевна Аркадина, особено Славиша Кајевски како Семјон Семјонович Медведенко, Тина Трпкоска како Марија Илинична, Благој Веселинов како Јевгениј Алексеевич Дорн и Аксел Мехмед како Јаков, заедно создале тим кој создава, креира и се надополнува.
Оттука е и онаа сигурна сценска атмосфера која кореспондира со гледалиштето. Се разбира со оној дел кој го сака/почитува/знае Чехов и му се радува на средбата со него.
Препорака: гледајте го Чехов и посакувајте да го има и него и другите класици што почесто на нашите театарски сцени.
“