Македонскиот народен театар – Скопје на репертоарот има нова моќна претстава (премиера на 24 септември) „Бесачи“ на текст на Мартин Мекдона, во режија на гостинот Јавор Грдев (Бугарија).
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Режисерот Грдев најнапред одбрал актерска екипа со која, заедно соработувале и се соочиле со ликовите на „Бесачи“.
Актери кои ги играат ликовите (според редоследот на програмскиот лист) се: Никола Ристановски (Хари), Кире Ѓоревски (Муни), Јордан Симонов (Пиерпоинт), Камка Тоциновски (Алис), Дарја Ризова (Ширли), Благој Веселинов (Сид), Ѓорѓи Јолевски (Инспектор Фрај), Славиша Кајевски (Клег), Владо Јовановски (Бил), Гораст Цветковски (Чарли), Александар Микиќ (Артур), Александар Михајловски (Хенеси), Нелко Нелковски (Гувернер) и Трајче Ѓоргиев (Доктор). Извршен продуцент е Симона Угриновска, сценографијата е на Никола Тороманов на кој асистент му е сценографката Татјана Блажевска-Христовска, костимите се на Свила Величкова, а композитор на музиката е Калин Николов. Асистент на режисерот е Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот е на Благоја Б. Бошковски.
Претставата трае 3 часа (со пауза) и за целото времетраење го задржува вниманието на гледачот. Токму поради осмисленоста и компактноста на целиот тим.
Се работи за урбана драма за која режисерот (да го цитирам), меѓу другото, во програмскиот лист пишува: „Ако се загледаме внимателно во пиесата на Мекдона, ќе видиме дека тој уловил една вечна желба на публиката – да се претвори смртта во шоу, во панаѓур. Таа огромна желба на публиката е позната одамна. Тоа е единственото шоу што останува непроменето во времето. Публиката длабоко во себе љуби да стравува од смртта и да го сподели тој страв со другите во театарот…“.
И тоа е остварено. Особено од актерите. Секој создава свој лик, а сите заедно претстава што моќно комуницира и меѓу себе и со публиката. Токму како што е заилена: смртта претворена во шоу.
Смртната казна и сето она што се случува во/меѓу ликовите од драмата, актерите го „отвораат“. И го „затвораат“ низ призмата или вистината дека криминалот не служи (или не се исплаќа) никому.
Таа теза, како синтеза на претставата „Бесачи“, се гледа/остварува низ сите елементи на играта на актерите и на сите што се околу неа. Светот на „бесачите“ е бесмислен. Бесмислата води кон нова бесмисла. Затоа им веруваме.
Токму како што актерите веруваат во ликовите. И во заедничкото градење/создавање на претставата. И во текстот на Мекдона. И во режисерот Грдев. И во себе.
Ќе ја издвојам одличната игра на Никола Ристановски како Хари, одлиќната на Дарја Ризова како Ширли, на сигурните и одново одлични Кире Ѓоревски како Муни, Камка Тоциновска како Алис, Јордан Симонов како Пиерпонт, Владо Јовановски како Бил, Благој Веселинов како Сид, Славиша Кајевски како Клег, Александар Михајловски како Хенеси, Ѓорѓи Јолевски како инспекторот Фрај… На сите од претставата кои безрезерно се вградиле во ликовите и во целата идеја на режисерот Јавор Грдев.
И ќе додадам: одете во Македонскиот народен театар – Скопје да се соочите со текстот на Мекдона, со режисерскиот концепт на Грдев, со актерите…