ЛИЛЈАНА МАЗОВА
На еден од најголемите режисери на Балканот и чест гостин на европските и светски сцени Паоло Маџели (Италија) му се исполни желбата: по три децении пак да постави претстава во Македонија (после две во Драмски театар и една во Македонскиот народен театар – Скопје). Се врати на сцената на Македонскиот народен театар со режијата на „Еден месец на село“, по истоимениот текст на Иван С. Тургењев. Меѓутоа и со недоразбирања во концептот, наспроти главно силната актерска екипа.
Претставата се подготвуваше од пролетта и сега (од 29 септември) се игра на Големата сцена на МНТ – Скопје. Драматург е Жељка Удовичиќ, преводот е на Катерина Коцевска, сценографијата е на Лоренци Банчи, костимографијата на Мануела Паладин-Шабановиќ, а композитор на музиката е долгогодишниот соработник на Маџели – композиторот Љупчо Константинов. Како, впрочем, и поголемиот дел од овие речиси постојани соработници на Маџели.
Константинов е и единствениот кој нема асистеннт, сите други наведени имаат.
Претставата е голема продукција, се игра на Големата сцена на МНТ, со екипа од петнаесеттина актери. Внимателно и со доверба одбрани. Ја играат севременската приказна за распадот на светот во кој се препознаат општочовечкие промашувања и неуспеси.
Во едно семејство, во една куќа на село во која по сплет на околности тоа лето се собираат различни луѓе/ликови, се плетат настани и љубов. Завршува со заминување на речиси сите без никој да се заврти назад.
Според редоследот на ликовите/актерите на програмскиот лист играат: Ѓорѓи Јолевски (Аркадиј Сергеич Ислаев, богат земјопоседник), Сашка Димировска (Наталија Петровна, негова сопруга), нивниот син детето Коља во алтернација го играат децата Лука Софрониевски, Димитар Илијевски и Александар Цветковски, Дарја Ризова (младата девојка Вера Александровна, штитеничка на семејството), Катерина Коцевска, како гостинка (Ана Семјонова Ислаева, мајка на Ислаев), Тина Трпкоска (Лизавета Богдановна, гувернанта и воспитувачка на Коља), Александар Микиќ (Шаф, Германец, домашен учител), Никола Ристановски (Михаил Александрович Ракитин, домашен пријател), Стефан Спасов и Дамјан Цветановски (во алтернација ликот на Алексеј Николаич Бељаев, студент, учител на Коља, и исто во алтернација ликот на слугата Матвеј), Нино Леви (Афанасиј Иванич Бољшинцов, сосед), Сашко Коцев (Игнатиј Иљич Шпигелски, доктор) и Ана Стојановска (Катја, слугинка).
Драмата повеќе од век и половина се изведува на разни сцени. Се сеќавам и на нејзината постановка во Загреб исто во режија на Паоло Маџели, на изведба на БИТЕФ во Белград, на изведба во Москва… За секоја од изведбите битен е изборот на актерите и нивната емоција да „влезат“ во нив. Секогаш, како и во МНТ тоа е екипа на добри/силни актерски индивидуи кои ја почитуваат тимската игра.
Маџели ја следи темата за љубовта, идеалите, копнежот по среќата, вљубеноста… Како и можниот одговор на прашањето зошто тие не можат долго да траат.
„Еден месец на село“ има и проблеми барем на две нивоа. Првото е што иако долго се работеше – долги беа и прекините на работата на режисерот со екипата. Маџели (!) паралелно работеше на неколку проекти. На пример, по петнаесеттина дена по премиерата во МНТ тој веќе имаше и премиера во ХНК во Загреб – „Мачка на вжештениот лимен покрив“.
Затоа и на сцената добар дел од екипата, многу е јасно токму поради индивидуалниот пристап и во полза на партнерот и вкупната атмосфера, речиси сама си ги дооформувала ликовите, во зависност од сопствената почи кон нив/себе и почит кон партнерот. Ова се елементи кои и ја создале и ја одржуваат претставата.
Таа посветеност на заедништвото на сцената се во играта на Дарја Ризова, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Нино Леви, Сашко Коцев, Стефан Спасов и Дамјан Цветановски – секоја почит кон нив за концентрираната играта, Катерина Коцевска и Ана Стојановска. И на малите кои го играат детето Коља.
Овие актери, во однос на ликот што го играат и меѓусебната комуникација, го испочитувале и Тургењев и сложно се споиле во заедничката цел: јасни и точни ликови, јасни и точни настани, емоции, приврзаност, различност, концентрација/внимание. Кон ликовите на Тургењев и себеси самите.
На сцената двор, меѓу трски, смирено ја играат навидум идиличната „селска приказна“ за вљубувањето на две жени во еден човек. Се случуваат и други љубови. Заедно оваа актерска екипа, со автентични и ефектни ликови, се надополнуваат без некој некому да се наметнува.
Сашка Димитровска како Наталија е лик полн со емоции и вистина за нејзината вљубеност во младиот студент и учител на нејзиниот син Коља, искрена жена која таа достоинствено ја игра низ сите ситуации во кои е. Дарја Ризова како младата Вера, штитеничка на семејството Ислаев, како и Никола Ристановски во ликот на домашниот пријател Ракитин со многу умешност го отсликуцаат животот/состојбата во која се нашле. И Нино Леви како соседот Бољшинцов е одличен убедлив партнер, како што се и Александар Микиќ и Сажко Коцев кои од секоја реплика зрачат со вистината за ликот.
Од тимски реализираната претстава (реков со прекини и работа без режисерот Маџели), „избегал“ Ѓорѓи Јолевски како земјопоседникот Аркадиј Сергеич Ислаев. На мирниот, добродушен и полн со љубов/доверба кон сопругата Наталија и другите жители на имотоѕ и дојдените, му го „додал“ својот изразен темперамент/игра. Тој е надвор од контекстот и од играта на другите актери. И од текстот на Тургењев, а веројатно и режијата на Маџели. И во тоа нема вистина. Напротив, непотребна жестина, бучност и погрешниост кои се надвор од приказната на Тургењев за она што е приказ на селската идила во која е и самиот доброчуден Ислаев.
„Еден месец на село“ има иднина: доколку се воеднаи играта на Јолевски со другата актерска екипа.