ГРИГОР СТОИМЕНОВ
Почитувани, конечно добивме и „Тапија“. Во извештајот на Европскиот парламент е наведено дека сме дел од „српскиот свет“, односно под силно влијание на тој свет, таа политика и тоа “замешателство“, (унгарско-српско-руско-кинеско), политика која не спречува да мрднеме напред на планот на евроинтеграциите. Ова во превод значи политика на „масовно заглупување на македонската нација“ дека некој ќе им го земе идентитетот, во функција на политички цели. Политика која се води свесно, со умисла, од страна на официјалните државни орган.
Да биде ситуацијата уште појасна и да ги потврдиме тезите наведени во Извештајот дека не се случајни, се погрижи премиерот и министерот за транспорт. Интервјуто или разговорот во службеното возило меѓу нив двајца е само уште една “имитација“ на она што го прави претседателот на Република Србија со неговиот министер за финансии, кога често се возат во автомобил и дискутираат за некои проекти. Навистина е смешно и дегутантно сето ова да се гледа кога веќе сме го виделе многу пати. Дајте дечки некоја креативност, вака не бива. Јас се уште не сум видел до сега ваква опседнатост со нечија политика и нечиј политички пи-ар, навистина не сум видел. Бар да беа некои проекти, се фалиме за 14 км пуштен автопат по 12 години, уф ама проекти! Тоа е пораз за целата наша држава.
Токму затоа не се согласувам во потполност со наведените тези во Извештајот на Европскиот парламент околу оваа тема. Јас мислам дека Македонија одамна е дел од Српскиот свет, само што сега со оваа политика е ставена на “најјако“, едноставно тоа е разликата. Исто така мислам дека ова “откритие“ на ЕУ воопшто не им пречи на Македонците, напротив, ние со гордост прифаќаме да бидеме дел од тој свет и од таа политика. Ние исто така со гордост прифаќаме да го носиме и да бидеме дел од тој (српски) идентитет.
Нас ни пречат единствено Бугарите во устав, затоа што тие (Бугарите) ќе ни го “земат идентитетот“ а на овие другите сами ќе им го дадеме или им го даваме, не мора да го земаат!!
Овој поим “српски свет“ воопшто не треба да се толкува погрешно. Терминот “Српски свет“ е синоним за една “политичка доктрина“ а воопшто не го означува српското општество и српскиот народ во целост. Доктрина која е во основа се она што е спротивно на ЕУ. Ова исто така нема врска со онаа замена на тези на премиерот дека ова “Српски свет“ било поврзано со “Отворен Балкан“, напротив концептот на Отворен Балкан беше поддржан од ЕУ. Македонците и понатаму ќе останат блиски и поврзани со српскиот народ на многу полиња и тоа е добро, но политиката на “српскиот свет“ не е политика од национален интерес за нашата земја, ние мора да имаме своја автентична македонска политика потпрена на столбовите на ЕУ и НАТО и западната политика, единствено така е гарантиран опстанокот на оваа земја и оваа нација. Сето друго е неизвесност и амбис. Треба политичарите да бидат свесни за ова.
Но еве конечно помина и тој “фамозен“ Извештај на Европскиот парламент.
ако што кажавме минатиот пат така и испадна. Тоа го потврдија и сите останати авторитети во Брисел дека нашиот идентитет ниту се добива ниту се губи во Европскиот парламент. На крајот мораше и пратеничката Јовева од Република Словенија да ни дообјаснува за она што треба на сите да ни биде јасно, ама изгледа дека ништо не е јасно. Истите нејзини зборови, како и интерпретациите на повеќе авторитети во Брисел, ги напишав во мојот текст минатиот пат, понекогаш се гордеам со тоа што ќе го напишам, но во исто време и се срамам од тоа на каков начин не перцепираат во Европа, па мора вака како на деца од второ одделение да ни објаснуваат околу идентитетот. Но некој од сето ова сакаше да направи политика и да биде “голем патриот“.
Токму затоа онаа теза на премиерот дека за прв пат во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ) поминал извештајот со одредници за нашиот јазик и идентитет е точна. Но точно е и тоа дека за прв пат вакви одредници се нашле во некој извештај! Затоа тоа “прв пат“ е манипулација, прв пат е затоа што немало до сега ваков случај да етаблирана и призната земја со сите нишани, земја апликант за ЕУ на која и се вметнуваат идентитетски одредници за да и го потврдат тоа што веќе е потврдено. Едноставно таков случај немало до сега. Следејќи го вчерашното интервју на премиерот заклучувам дека тој во суштина или не ја разбира или не сака да ја разбере суштината на проблемот. Повторно акцентот го става на тоа што Бугарија мисли и што вели бугарската политика. Треба да разбере дека токму затоа под притисок на Германија и Франција се издејствува овој компромис во 2022 година, наречен “преговарачка рамка“, за да веќе не зависиме од тоа што Бугарија мисли и сака да прави понатаму во врска со нашата евроинтеграција. Едноставно премиерот не може да разбере дека токму со преговарачката рамка се оневозможија сите алатки понатаму на Бугарија да не блокира. Или пак не сака да разбере???
Но, некоја „невидлива рака“, а знаеме каде е адресата на таа рака, не сака воопшто Македонија да биде дел од ЕУ и го попречува тоа, зошто и како се уште не знам, ама веројатно ќе ни станува јасно на сите полека, чекор по чекор.
Веќе е јасно дека оваа влада нема намера да се помрдне ниту милиметар кон евроинтеграциите, зошто е тоа така и каква агенда имаат ќе видиме. Едноставно не сакаат никако во ЕУ. Тоа се гледа од нивните јавни настапи, од нивните политички ставови, едноставно се гледа од авион. Еден ветеран од нивните редови, поранешен амбасадор, излегува на национален медиум и вели дека не треба да се бориме за влез во ЕУ туку можеме и сами да тераме, затоа што многу мали држави успеале да опстојат сами без ЕУ. Но знаете споредбата со други земји е прилично глупава. Но исто така не знам кога овој ветеран ја зборува вистината? Дали ја зборуваше вистината во периодот во 1998 година кога беше “егзалтиран“ од тоа што еве конечно сме блиски со Бугарија или сега кога е дел од “српскиот свет“, навистина не знам кога ја зборува вистината. Приказната дека браниме идентитет и оние флоскули “не по секоја цена во ЕУ“ е веќе депласирана и делегитимирана од многу фактори, оваа мантра е лажна!
Но имаат сепак една сериозна агенда! Како да произведат еден “гневен Македонец“ кон сите, Македонец кој ќе кука над својата судбина, дека некој му прави нешто и никој не го сака, тоа е агенда која веќе ја гледаме.
Сега имаме и “силен аргумент“ за да не ги направиме уставните измени затоа што ни го “избришаа јазикот и идентитетот“ во европскиот парламент.
Тоа е, за жал пропагандата е посилна од се.
Секако дека огромен дел од нашиот народ се уште сериозно ја перцепира и верува во овој наратив, дека еве ни го земаат идентитетот ама ние не го даваме, ќе се бориме!!
Почитувани, нема такво нешто!!
Европскиот парламент е асамблеја на претставници од различни политички провиниенции. Таму може да се слушне се и сешто. Нема да навлегувам во оние националистчки тиради на грчките и бугарските европратеници. Тоа е се дозволено во парламентот и нема никаква причина ние да се грижиме околу тоа. Во парламетот може секој се да каже, што ќе му падне на памет.
Извештајот на ЕП претставува само патоказ околу тоа каков курс треба да фатиме понатаму и да ги нотира нашите слабости и добри страни. Извештаите на ЕП не обврзуваат никого. Таму не се одлучува за идентитет. Немаше никаква потреба да се спомнуваат и отвораат идентитетски прашања во извештајот. На крајот дојде до овој компромис, едноставно да се избришат овие теми од извештајот.
Изјавата на еврокомесарката Марта Кос во врска со нашиот идентитет беше одлична и темелна, за оние што ја разбраа. За оние што не ја разбраа не вреди ниту да се објаснува, останатото е се пропаганда. Го убедуваат народот дека некој се обидел нашиот идентитет да го претстави преку нашата кујна и нашите специјалитети, “пинџур идентитет“ што не е точно, тоа е една симплифицирана политичка пропаганда.
Оваа изјава беше во насока на тоа да ни ја објасни длабочината и тежината на поимот идентитет на еден народ. Тоа е нешто што го пишуваме и објаснуваме овде кај нас. Не знам само колку текстови самиот сум напишал на оваа тема, уште пред Преспанскиот договор, ама што вреди? Но еве сега и еврокомесарката го објаснува сосема истото. Габаритот на нашиот културен идентитет, нашиот фолкор, уметност, нашите манастири, нашата храна се длабоко поврзани со нашиот народ и тоа е всушност идентитет кој никој не може ни го земе. Што се однесува до оној меѓународно-правен идентитет, идентитет на државата и нација, тоа одамна го имаме стекнато и никој не може да ни го земе. Исто така и нашиот јазик кој е веќе признат и етаблиран и во институциите на ЕУ.
П.С. Деновиве одекна една вест пренесена од Бугарските медиуми, всушност информацијата наводно била потврдена и од тогашниот Бугарски конзул во нашата земја, дека нашиот актуелен премиер, во 2008 година аплицирал за Бугарско државјанство. Тоа не е ништо страшно ниту недозволиво, се е согласно закон, исто како што е се согласно закон и за нашите околу 216 илјади граѓани (информацијата од Бугарското МВР) кои веќе имаат Бугарски пасош и се носители на права и обврски и во соседна Бугарија. Но Македонците се уште чекаат на премиерот инаку “голем борец против Бугарите“ да се изјасни дали е оваа вест точна. За сега демантот од неговата партија не е некако убедлив, едноставно таму кажуваат се само тоа што треба не го кажуваат.
Минатата недела исто така се случи нешто што се нема случено никогаш пред тоа. Градоначалничката на Скопје, на нашиот главен град, на мојот град, беше физички нападната пред очите на сите нас, пред очите на МВР, од страна на некои “али експрес команданти“. Денес овие што се во општина Чаир, кои се во владејачката коалиција, абе цела општина им е дивоградби и никому ништо, тие се добрите Албанци ама ДУИ се лошите. Постоеше обид од владините претставници како и од партиската пропаганда на социјалните мрежи да се забошоти сето ова и да се претстави дека вината била кај градоначалникот на Скопје, “таа прва клоцала“. Таква беше аргументацијата. Но под притисок на јавноста нешто се смени.
Оние кои со години ги слушавме како “врескаа“ за пајакот и полицајката додека беа во опозиција, денес не им одговара да понесат одговорност. Кога ќе им кажете дека нешто не е добро тие Ви велат “ќе видите на 19 октомври дали не е добро“. Едно знам, дека оние што политиката ја разбирале само како личен рејтинг, никогаш не завршувале славно.
(libertas.mk)