Деновиве некои од переспанските хроничари не потсети на судбината на Љапчевци – кои дале и бугарски и српски највисоки политичари. Експретседателот Плевнелиев е по потекло од едно село до Драма. Како и еден член на македонско – бугарската комисија од „таа страна“. Во еден текст на Глобус од 2007 година се потсетивме на Станишев, Татарчев. Ризов, Љапчев и многу други поранешни и актуелни политичари во Република Бугарија кои имале македонско етничко потекло
ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ
Многумина Македонци или нивни потомци ја раководеле Бугарија во минатото, а и денес тие заземаат клучни позиции. Списокот на тие што биле или се нејзини премиери, министри, пратеници, академици и генерали е многу долг. Голем број од нив се ресенчани или, пак, потекнуваат од ова мало гратче крај Преспанското Езеро. Пред десетина години на ранг-листата на стоте највлијателни бугарски личности во минатото, што ја направија историчарите на Софија, се најдоа дури четворица ресенчани, кои беа побројни и од софијанците.
За тоа како се случувало, а и денес се случува Македонци или нивни потомци да палат и да жарат на бугарската политичка сцена, има повеќе причини. Прво, по поразот на Илинденското востание и по сите војни на македонските простори, по Балканските и по Првата светска, многу македонски семејства се засолнале во Бугарија и таму останале. Освен тоа, тие што не побегнале своите деца ги испраќале на школување таму. Второ, Атина и Софија на неколку наврати извршиле размена на населението, а сите тие луѓе што морале присилно да ја напуштат Егејска Македонија биле Македонци. И трето, што можеби е најважно, бугарската егзархија, која имала свои училишта низ цела Македонија, на талентираните Македончиња им создавала услови да го продолжат школувањето и по завршувањето ги ангажирала на раководни места.
Секако, на чело на списокот на Македонци во политичкиот живот на Бугарија треба да се стави ресенчанецот Андреј Љапчев, кој се искачил на највисоките скалила на власта во Бугарија. Тој во два наврата, од 1908 до 1911 и од 1918 до 1919 година бил воен министер, а од 1926 до 1931 година премиер, кога всушност ја спасил бугарската држава, која западнала во голема криза по загубените војни кои ги водела токму поради Македонија, која ја сметала за своја територија.
Андреј Љапчев е роден во 1868 година. Се школувал во Битола и во Солун, а економија и финансии завршил во Цирих, Берлин и во Париз. Бугарските историчари го издвојуваат како еден од најголемите политичари и највлијателни луѓе од нивното минато. По Првата светска војна, како воен министер, од името на Бугарија го потпишал Солунското примирје, со што е ставен крај на втората национална катастрофа на Бугарија, како што се нарекува поразот на нејзината војска во оваа војна. Како премиер, бугарската држава ја водел мошне успешно во исклучително тежок период и има голема заслуга за нејзиното востановување како нормална европска држава. Од тоа време позната е неговата изрека за тоа како треба да се раководи. Често велел: “Со кротко, со благо и со малку ќотек”.
Интересно е да се каже дека братот на Андреј Љапчев во тоа време живеел во Белгред и таму направил успешна кариера. Еден период бил министер во српската влада. По логиката на тоа време, секој Македонец се определувал за својата националност според тоа во која држава се наоѓал. Андреј се определил како Бугарин, а неговиот брат како Србин.
НАЈВЛИЈАТЕЛНА ЛИЧНОСТ И еден друг бугарски премиер има ресенски корени. Станува збор за Андреј Луканов, кој беше ликвидиран во 1996 година пред неговата куќа во Софија. Тој беше една од најзначајните и највлијателни личности во посткомунистичкиот период на Бугарија. Историчарите го определуваат како една од најсилните политички фигури, не само меѓу бугарските социјалисти, туку воопшто меѓу сите политичари на современа Бугарија. Многумина го сметаат за творецот на пазарната економија во таканречениот преоден период на транзицијата на бугарската држава.
Интересно е тоа што Андреј Луканов бил братучед со Иван Татарчев, потомок на еден од основачите на ВМРО и видна личност во бугарскиот живот при крајот на минатиот век. Нивните баби биле родени сестри, ресенчанки. Татарчев за време на убиството на Луканов беше главен обвинител на Бугарија, трета функција според значењето во бугарската држава. Инаку, двајцата братучеди приватно не се трпеле, а нивната нетрпеливост произлегувала од тоа што едниот бил левичар, а другиот десничар. Во 1992 година Татарчев повел и обвинение против Луканов, по што тој шест месеци одлежал во затвор. За Татарчев треба да се каже дека се смета за поголем Бугарин отколку самите Бугари. А и во Бугарија се смета дека најдостојните и најцврстите бранители на бугарската кауза се токму Македонците кои се определуваат како Бугари. Татарчев ќе остане запаметен по тоа што чувствува голема омраза кон Македонците во Бугарија и додека беше на функцијата, често им правеше сериозни проблеми, нарекувајќи ги со разни погрдни зборови.
И првиот бугарски дипломат Симеон Радев е ресенчанец. Бил миленик на Егзарх Јосиф, човекот кој преку бугарската егзархистичка црква и преку училиштата побугарчил могу Македонци. Тој му помогнал на Радев да се школува во Цариград, по што направил блескава кариера како бугарски дипломат. Како свој амбасадор, Софија го испраќала во повеќе градови низ светот и бил прв бугарски делегат во Друштвото на народите во Женева. Бил член и на бугарската делегација при потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 година, кога всушност е распарчена Македонија, и при потпишувањето на Солунското примирје во 1918 година, по Првата светска војна. Се зборува дека тој се заложил кај бугарскиот цар за Павел Шатев, кого, велат, го спасил од сигурна смрт.
Симеон Радев се чувствувал Бугарин и како таков се определувал дури и во првите години по Втората светска војна, кога во пописите во Бугарија како Македонци се определуваа околу 200 илјади бугарски граѓани. Во книгата „Рани спомени“, во која го раскажува својот живот додека се школувал во Ресен, Охрид и во Цариград, која ќе ја напише непосредно пред смрта, ќе потенцира: „Живеев со гордоста да кажувам дека сум Бугарин“. Починал во 1967 година.
Иако не е политичар, еден друг ресенчанец оставил големи траги во бугарската политика затоа што се мешал во неа и според бугарските историчари, го свртел текот на историјата. Станува збор за Наум Туфекчиев, роден во Ресен кон крајот на 60-ите години на деветнаесеттиот век. Бил голем трговец со оружје и централна фигура во заговорите против Стефан Стамболов, кој Софија го определува како еден од создавачите на современа Бугарија, поради што бил нарекуван бугарски Бизмарк. На 6 јули 1895 година врз него бил извршен атентат. Умрел подоцна од здобиените рани. Дека Туфекчиев е еден од неговите убијци Стамболов ќе напише во писмото што лично му го врачил на дописникот на германскиот весник „Клнише цајтунг“, во кое истакнува: „Моите убијци се Хаљо и Туфекчиев“. На 1 февруари 1897 година Туфекчиев бил осуден на три години затвор „за помош и превоз на оружје”, а една година подоцна бил прогласен за невин. Туфекчиев го ликвидирале луѓе на ВМРО, на 25 февруари 1916 година, на софиските улици.
НЕ СУМ БУГАРИН Првиот бугарски социјалист Димитар Благоев, чие име го носи центарот на Пиринска Македонија – Благоевград, е Македонец од селото Загоричане, Костурско. Роден е во 1856 година, а починал во 1924 година. Студирал во Петроград, а бидејќи формирал социјалистички кружоци, бил протеран во Бугарија. Ја формирал Социјалистичката партија на Бугарија. Неговата основна теза во врска со македонското прашање била дека тоа може да се реши само во рамките на една Балканска федерација, за што и се залагал. Во документите на бугарското собрание забележана е една остра полемика што ја водел со неговите противници во врска со македонското прашање. Тогаш јавно изјавил дека не е Бугарин, туку Словен од Македонија.
Георги Димитров, човекот за кого дозна светот за време на познатиот Лајпцишки процес во 1938 година, кога беше обвинет дека го запалил Рајстагот, по мајчина линија е Македонец. Тој е еден од основачите на БКП, а осум години бил генерален секретар на Коминтерната, од 1935 до 1943 година. Додека бил на чело на Бугарија, Пиринска Македонија добила културна автономија, а Македонците ги имале сите права. Немал никакви дилеми дека тие имаат посебен национален идентитет. Преговарал со Тито за формирање Балканска федерација и сметал дека присоединувањето на Пиринска Македонија кон тогашна Народна Ррепублика Македонија е работа на самите Македонци. Роден е во Ковачевица, Бугарија, а починал во 1949 година.
Значајна личност во политичкиот и интелектуалниот живот на Бугарија бил и штипјанецот Тодор Павлов, кој долги години бил претседател на Бугарската академија на науките. Бил член на Президиумот на Народното собрание на Бугарија и две години, од 1944 до 1944 година, еден од тројцата регенти. Роден е во штипско Ново Село 1890 година, а починал 1977 година.
И многумина од помладата генерација врвни бугарски политичари имаат македонско потекло. И актуелниот премер Сергеј Станишев е со македонски корени. Неговиот татко е роден во струмичкото село Штука а семејството потекнува од Мали Брод, Егејска Македонија. За премиер на Бугарија е назначен на 16 август 2005 година,откако неговата партија победи на парламентарните избори. Станишев е роден на 5 мај 1966 година во Керсон, Украина. Дипломирал историја на државниот Универзитет во Москва, а во 1994 година докторирал. Во 2001 година стана прв човек на БСП, заменувајќи го Георги Прванов, кој победи на претседателските избори. Станишев не е оженет, но долго време живее со познатата бугарска новинарка Елена Јончева. Со него е поврзан еден скандал што го измисли весникот „24 часа“. Според овој бугарски весник, американскиот претседател Џорџ Буш сакал Станишев да му стане зет и за жена му ја понудил една од двете негови ќерки. Оваа дезинформација беше демантирана од Вашингтон од највисоко ниво.
ТАТКО И СИН Сегашниот претседател на Бугарското народно собрание Георги Пирински е Македонец. Неговиот татко Георги Николов – Зајков е познат меѓу македонската емиграција во САД, каде што речиси три децении се борел за македонската вистина. Бил генерален секретар на Македонскиот народен сојуз во Америка, организација која ги бранела македонските интереси наспроти пробугарската МПО. По стапувањето во сила на Макартиевиот закон, Зајков бил екстрадиран во Бугарија. Роден е во Банско, градот на Никола Јонков – Вапцаров. Неговиот син Георги беше министер за надворешни работи во владата на Жан Виденов и кандидат на БСП за претседател на Бугарија. Тогаш анкетите покажуваа дека лесно ќе го победи Петар Стојанов, но на стартот беше елиминиран од претседателската трка бидејќи беше роден во САД, а не во Бугарија, како што е предвидидено со Уставот.
И на еден друг Македонец не му беше судено да стане премиер на Бугарија за време на таканаречената бугарска гладна зима, кога Жан Виденов мораше да се повлече од премиерската функција. Станува збор за Николај Добрев, кој беше министер за внатрешни работи во сменетата влада. Мандат за составување на новата влада добија социјалистите, а за премиер го предложија Добрев, но во последен момент тој и Георги Прванов, кој беше претседател на БСП, го вратија мандатот за да не ескалира уште повеќе и така големата криза во која се најде Бугарија.
Николај Добрев, кој инаку е од градот Гоце Делчев, имаше поинакво мислење за макадонската нација отколку официјална Софија. Запрашан од новинарите дали Македонците се Бугари, тој ќе каже дека се чувствува Бугарин, но дека во Македонија има братучеди кои се сметаат за Македонци и дека тоа ни малку не му пречи.
Се тврди дека и сопругата на бугарскиот претседател Георги Прванов припаѓа на семејство кое потекнува од Македонија.