Што му велат анкетите на Мицкоски? Дали Филков да ги прати документите за екстрадиција на Груевски или не? – во опозицијата сметаат дека околу тоа прашање се кршат многу дилеми кај лидерот на владеачката партија. Во исто време од Будимпешта се јави и самиот Груевски и го напаѓа министерот за правда, кој, нели е дел коалицијата на актуелната Влада од ЗНАМ

Граѓаните со денови бараат јасен одговор од Министерството за правда и од Христијан Мицкоски: Дали се испратени барањето и документите за екстрадиција на Никола Груевски? – прашуваат од СДСМ. И при тоа се заклучува дека додека ЗНАМ тотално се распаѓа, а Мицкоски веќе го стави Филип Филков на листата за смена по реконструкцијата на владата, граѓаните заслужуваат да знаат:
Кој е вистинскиот налог што Мицкоски му го дал на Филков? Дали да го штити Груевски или да го апси? Што покажуваат анкетите што Мицкоски ги нарачал? Дали е подобро Груевски да биде уапсен или повторно да му се дозволи да побегне?
Во однос на овие прашања сметаат на Бихаќка дека Мицкоски очигледно се двоуми и калкулира. Еден дел од ВМРО е против апсењето на поранешниот претседател на партијата. Друг дел, сепак, откажува послушност – како градоначалникот на Карпош Сотир, кој јасно гледа дека наскоро ќе почнат истраги во Унгарија кои директно ќе водат до Мицкоски и неговата криминална група. Исто како што пратеници и советници од ЗНАМ масовно ја напуштаат партијата основана од Максим Димитриевски, а финансирана од Мицкоски – луѓето во ЗНАМ и во ВМРО-ОКГ не сакаат повеќе да бидат соучесници во криминалот на Мицкоски и неговата криминална група.
Заклучок е дека Мицкоски ја блокира екстрадицијата на Груевски, со тоа го штити не само Груевски, туку и себе си и својата криминална мрежа. Па СДСМ јасно порачува: доста со игрите и со заштитата на криминалците! Граѓаните бараат јасен и недвосмислен одговор: Дали документите за екстрадиција на Груевски се испратени? Или Мицкоски по секоја цена ја штити криминалната банда?
Додека Министерството за правда ги комплетира документите со кои повторно ќе се побара екстрадиција на поранешниот премиер во бегство Никола Груевски,тој од Будимпешта упати порака до министерот за правда Игор Филков да ги истражи, како што вели, злоупотребите и монтираните судски процеси водени против него. За ова пишува Дојч веле на македонски. По овој извор Груевски, кој по бегството од земјата доби политички азил во Унгарија, за првпат се огласи на социјалните мрежи со коментар по најавите за ново барање за негова екстрадиција, по промените на власта во Будимпешта.
Во објава на Фејсбук, тој директно го критикува министерот Филков, наведувајќи дека наместо собирање информации од судовите, треба да ги истражи „злоупотребите, незаконските постапки и политички мотивираните судски процеси“ од периодот на претходната власт.
Во тој контекст, Груевски упатува серија обвинувања и до поранешниот премиер и екслидер на СДСМ,Зоран Заев, тврдејќи дека за време на неговото владеење бил вршен системски политички притисок врз правосудството. Тој наведува дека сведоци биле уценувани, адвокати под притисок да се повлечат, а обвиненијата се темелеле на, како што вели, лажни претпоставки.
Груевски детално се осврнува на предметите за кои беше осуден или сè уште се водат постапки против него, меѓу кои „Насилство во Центар“, „Плацеви на Водно“, како и случајот со набавката на блиндираното возило и автопатот Кичево–Охрид.
Тој тврди дека пресудите се донесени под политички притисок, додавајќи дека судовите одбивале да ги сослушаат предложените одбрани и сведоци. Во меѓувреме, Министерството за правда го комплетира досието за екстрадицијата на Никола Груевски, откако од судовите беа побарани сите релевантни информации кои би можеле да влијаат на постапката. Министерот Игор Филков пред неколку дена – потсетува Дојче веле – изјави дека се очекува формирањето нова влада во Унгарија, по што македонските институции ќе ја известат официјална Будимпешта за интересот за случајот со Груевски. Идниот унгарски премиер Петер Маѓар најави дека Унгарија нема да биде „депонија за странски криминалци“ и дека ќе се преиспита статусот на Груевски.
Според СДСМ, Христијан Мицкоски сега сфатил дека мора да го апси и Никола Груевски за да си ја обезбеди власта. „Со исполнувањето на овие два услова: внесување на Бугарите во Уставот и апсењето на Груевски – Мицкоски сака да си создаде подобра слика пред Европа и да се претстави како ‘човек кој е за ЕУ’“, соопшти партијата.
Доколку биде вратен во земјата, Никола Груевски треба да одлежи затворска казна од десет и пол години за предметите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“. Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“.




