Не даваме дополнителна сила на бугарскиот премиер Петков за компромис, смета Бучковски
Посетата на канцеларот Шолц на Скопје на 11 јуни е неслучајна, очигледен е силниот дипломатски напор за отпочнување на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ), но мислам дека ние не даваме дополнителна сила на бугарскиот премиер Кирил Петков и владата во Софија, смета поранешниот македонски премиер Владо Бучковски во еодамнешното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.
Надежта за напредок во овој месец е пожива во Софија, отколку овде. Ние како да тргнавме од изјавата на министерот Бујар Османи дека ја шутнавме топката на бугарска страна и дека тие треба да реагираат, но мислам дека не правиме доволно да дадеме шанса да се дојде до евентуално решение во последните пет минути“, вели поранешниот специјален пратеник во односите со Бугарија.
Надоврзувајќи се на спортските фрази што шефот на дипломатијата, Османи во неколку наврати ги употреби за ветото на источните соседи, Бучковски истакна дека „Франција, како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија, се обидува во ситуацијата да извлечеме „реми“, во случај на компромис, кој не би требало да биде она што го слушаме од бугарска страна, а тоа е влез на сите барања во Преговарачката рамка, туку да се земат во предвид и македонските црвени линии што ги има преговарано и претходната и оваа влада“.