Северна Македонија во исчекување на датум за преговори, државниот врв верува во поддршка. Францускиот претседател остана на позицијата дека е нашиот „најголем душман“
Граѓаните и Северна Македонија во исчекување на одлука за датум за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Друга алтернатива за државниот врв не постои и верува во поддршка од земјите членки на Унијата.
ГИ ИСПОЛНИВМЕ СИТЕ ПРЕДУСЛОВИ „Северна Македонија ги исполни буквално сите предуслови за почеток на преговорите. Стабилноста на целиот регион е директно поврзана со евроинтеграциските процеси, а Западен Балкан е дел од Европа и важен за проектот на обединета Европа“, истакна претседателот Стево Пендаровски на петочната прес-конфернција во Виена, по средбата со претседателот Александер Ван дер Белен. Сојузниот претседател Ван дер Белен, притоа, ја реафирмираше австриската поддршка за македонските евроинтеграциски процеси и истакна дека земјава заслужува да добие датум за почеток на претпристапните преговори.
Според премиерот Зоран Заев, интересот на Република Северна Македонија да почне преговори со ЕУ не се само наш интерес туку и интерес на целиот регион. Тој очекува Софија да даде поддршка на почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ и оти тоа произлегува како обврска и од Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
Бугарскиот и македонскиот народ се пријателски народи. Ние политичарите треба да им служиме. Јас верувам дека Бугарија ќе даде поддршка на добивањето на датум за почеток на преговори со ЕУ. Тоа е обврска и од Договорот што го имаме и за кој двете страни мора да водат грижа за неговото исполнување. Наша намера е да продолжиме да изнаоѓаме начини за решавање на работите од кои двете земји и двата народа ќе излезат како победници“, рече Заев.
Заслужуваме да добиеме одлука за почеток на преговори со Европската Унија. ЕУ вети – ако вие испорачате и ние ќе испорачаме. Очекуваме ЕУ да го одржи зборот и да испорача. Убеден сум дека Европскиот совет на 17 и 18 октомври ќе ја донесе толку долго очекуваната одлука за почеток на преговори со земјава, порача денеска премиерот Зоран Заев.
-Ние не очекуваме од 18 октомври да бидеме полноправна членка на ЕУ.
ОЧЕКУВАМЕ ДА ДОБИЕМЕ СЛЕДЕН ЧЕКОР Свесни сме дека тоа е пат, дека е процес низ којшто треба да поминеме. Очекуваме да го добиеме следниот чекор, а тоа е почеток на преговорите, отворање на поглавјата и на пристапните фондови за да продолжи трансформацијата на нашето општество кон европско општество. Тоа се нашите намери, рече Заев во одговр на прашање при неодамнешната посета на индустриската зона „Новини“ во кумановското село Речица.
Потсети дека на јунскиот самит на ЕУ се побара одложување на одлуката за почеток на преговори заради тоа што беа многу блиску парламентарните избори и националните парламенти немаа време да дискутираат по Извештајот на ЕУ за нашата земја.
– Сфативме, во ред е, но направивме дипломатска активност во која баравме од канцелараката Меркел, од Бундестагот и од лидерите на другите земји ако е веќе октомври, да биде октомври. И тогаш го добивме зборот од сите. Бундесатогот прати порака и ја заврши својата работа. Верувам и во претседателот Макрон. Легитимна е дебатата за реформи во ЕУ, таа мора да се менува и да опстане како лидер на светско ниво во делот на вредностите, на демократијата, компетативноста, …, но тоа може да се случува паралелно со процесот на проширување. Очекувам на октомврискиот самит дека ќе се разговара за Брегзит и за реформите во ЕУ, но и за проширување на Западен Балкан и за нашата земја, посочи Заев.
ЛИДЕРИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ДРЖАТ ЗА ДАДЕНИОТ ЗБОР Побара европските лидери да го испочитуваат дадениот збор, зашто, како што рече, ние тоа го заслуживме.
– На тој начин ќе не мотивираат да продолжиме понатаму. Ниту еден нема замерка за Република Северна Македонија. Понекогаш се спомнува дека би било добро да биде донесен новиот закон за ЈО, но дефинитивно нема да се кршат одлуките на законот за ЈО. Ако го донесеме ќе ја отстраниме и таа можност за да нема таква дебата. Сите земји во последните 20 години што како земји кандидати добиле одлука за почеток на преговори, направиле помалку од нас. Ние направивме повеќе од сите – потенцираше Заев.
Прашан дали ќе има предвремени парламентарни избори доколу не добиеме покана за почеток на преговори, претседателот на Владата рече дека не се размислува за предвремени избори.
– Како прво не се размислува поради тоа што не размислуваме дека ќе имаме негативна одлука. Второ, мислам дури и да се добие негативна одлука дека не треба да се оди на избори заради тоа што треба да се искористи периодот до редовните избори, бидејќи е економски драгоцен за целата трансформација што ни се случува, рече Заев и нагласи оти е убеден дека Европскиот совет ќе ја донесе толку долго очекуваната одлука за почеток на преговори со земјава.
Вицепремиерот Бујар Османи, кој една недела пред донесување на одлуката беше во посета на Италија, смета дека нашите напори привршуваат и кредибилитетот на Европската Унија од денес е во рацете на земјите членки.
„Не можеше подобар финиш на турнејата по европските метрополи во пресрет на октомврискиот самит на ЕУ од посетата на Италија. Со новиот министер за европски прашања, Винченцо Амендола, не само што обезбедивме зелено светло за почеток на преговорите туку и цврсто уверување дека Италија ќе ги искористи сите можности за да се обезбеди потребниот консензус за Република Северна Македонија“, изјави вицепремиерот Османи.
И претседателот и премиерот не очекуваат пречка за добивање на датум за преговори да биде Франција која, на министерскиот состанок во Луксембург идната недела, сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ што би значело трето одложување на одлуката за отворање преговори за Северна Македонија и за Албанија.
УЛОГАТА НА ФРАНЦИЈА „Франција е наш голем пријател. Информациите ни кажуваат дека се бара методологија за забрзување на преговорите, но може и да ги врати назад. И тоа е фер позиција затоа што ние не сакаме само да преговораме, да отвораме и затвораме поглавја, туку сакаме да се трансформираме кон подобро и да станеме еднакви, од сите можни аспекти, со Европа и европските народи. Верувам дека вградување на една таква методологија, сепак, нема да биде пречка за донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Нема земја што денес е членка на ЕУ или преговара со ЕУ која направила повеќе од РСМ за да ја добие заслужената одлука за почеток на преговорите“, вели Заев, нагласувајќи дека е оптимист и дека сепак не би сакал да избрзува со какви било заклучоци
Претседателот смета дека Франција не нè блокира и дека не станува збор за француско вето за почеток на пристапните преговори.
„Франција со право бара подобрување на методологијата во преговорите со која што придобивките и напредокот при преговарањето по сите различни поглавја, 35 како што се предвидени, да биде неповратен. Значи, кога ќе се оствари напредок да има јасни критериуми дека тоа е напредок и дека нема да има назадување неколку години откога ќе ги поминете преговорите и откако ќе станете членка на Европската Унија“, рече Пендаровски.
РАЗОЧАРУВАЊЕ КАЈ ПРОГРЕСИВНИТЕ СИЛИ Ние испорачавме резултати во однос на политичката стабилност, медиумските слободи, но и постигнувањето на дел од стратешките цели на граѓаните, како членството во НАТО Алијансата кое го очекуваме до крајот на годинава, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната конференција „Перспективите и предизвиците на Југоисточна Европа“ во Цавтат, Хрватска.
Според министерката, доколку идната недела не се донесе позитивна одлука за Северна Македонија, прогресивните сили кои се подготвени за храбри компромиси, за помирување, за една различна, демократска и напредна слика за Балканот, ќе почувствуваат недостаток од интерес од Европската Унија.
„Нашата земја секогаш гледала на процесот на проширување како на процес базиран на резултати и постигнувања. За да се промовира лидерство, мора да се имаат и вредности, но и конзистентност и веродостојност“, истакнала Шекеринска.
Конференцијата, како што соопштува Министерството за одбрана, е во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, а учествуваат бројни членови на Европскиот парламент, парламентарци од Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, претставници од академската заедница и невладиниот сектор.
ДАТУМ ИЛИ ПРИНЦИПИ Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние изјави дека прашањето за датумот е едно, а друго се принципите, кои се важни колку што е важно и да соработуваме.
„Ако има нешто што нè обединува, нас европските претставници, тоа е едно нешто: на Северна Македонија, по сите досегашни напори и напорите што ќе следуваат, местото ѝ е меѓу нас во ЕУ, да соработуваме. Можам да ви кажам дека сме мотивирани за соработка“, изјави Тимоние на свеченоста по повод 11 Октомври во Куманово.
Германската канцеларка, Ангела Меркел во недела ќе го убедува претседателот на Франција, Емануел Макрон да даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Француски дипломати денеска повторно најавија дека планираат да го блокираат почетокот на преговорите за членство во ЕУ со С. Македонија и Албанија.
Официјален Париз не отстапува од намерата да го блокира почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија на министерскиот совет во Луксембург следната недела, известува германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на дипломатски извори, пренесе Дојче Веле на македонски. Ваквиот потег ја носи Франција во директен судир со мнозинството земји-членки на ЕУ, и особено со Германија која, по одлуката на Бундестагот инсистира да се исполни ветеното кон Скопје и Тирана.
Франција смета дека реформските напори во двете земји не се доволни и бара фундаментални промени во процесот на пристапување како предуслов за почеток на преговорите, како и тоа дека процесот е премногу технички и е тешко да се сопре доколку нема позитивен развој.
„Оној кој сега ќе го блокира процесот на пристапување ќе сноси одговорност за можната дестабилизација на нашето соседство“, вели дипломатски извор на ДПА.
Последната шанса за промена на францускиот став се очекува да биде средбата в недела меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Минатата недела, водечките претставници на ЕУ, меѓу нив и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со заедничко писмо побараа да се отворат вратите за почеток на преговорите за членство на С. Македонија и Албанија во ЕУ.
Од друга страна премиерот Зоран Заев е оптимист и не очекува дебатата што се води кај одредени земји членки на ЕУ за идните методолошки пристапи во преговарачките процес да биде пречка за добивање датум за преговори за нашата земја. Конкретно тој говореше за ставот на Франција, кој според француски дипломатски извори е против отворањето преговори со Северна Македонија поради недостатокот на напредок во реформата на статусот на Специјалното јавно обвинителство.
– Франција е наш голем пријател. Информациите ни кажуваат дека се бара методологија која ќе ги убрза преговорите, но може и да ги врати назад кога не успеваат државите. И тоа е фер позиција затоа што ние не сакаме само да преговораме, да отвораме и затвораме поглавја, туку сакаме да се трансформираме кон подобро и да станеме еднаква, од сите можни аспекти, земја и народ со Европа и европските народи. Верувам низ потребата на Франција и други земји да се вгради една таква методологија, сепак, нема да биде пречка за донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Нема земја која денес е членка на ЕУ или преговара со ЕУ која направила повеќе од РСМ за да ја добие заслужената одлука за почеток на преговорите, вели Заев подвлекувајќи дека е оптимист и дека сепак не би сакал да избрзува со какви било заклучоци.
Официјалниот став на француските власти и ќе им биде соопштен на министрите за надворешни работи во вторник во Луксембург.