Ова се изнeсе на тркалезната маса на „360 степени“ каде учствувa Роана Алексовка, министерот Манчески и експертот Валентин Раковиќ
Шефицата на проектот за борба против лажни наративи „F2N2“ Росана Алексоска во дебата на „360 Степени“ зборуваше за 5Г мрежата и контроверзии поврзани со оваа тема.
Алексоска вели дека лажните вести поврзани со 5Г во Македонија се интензивирале на 25, 26 и 27 март, што го поврзува со членството во НАТО на 27 март, како и одлуката за почеток на преговори со ЕУ која исто така се случи во овие денови.
„Се започна во доцните часови на 25-ти март кога беа објавени мислења и тоа е еден елемент којшто го среќаваме многу често во секоја дезинформативна кампања, кога нечие мислење во пост на Фејсбук се пренесува како да е вест. Вестите започнаа со тоа дека Америка го шири коронавирусот преку 5Г технологијата, па продолжија со приказната дека има мртви врапчиња. Уште истиот момент кога беа објавени овие вести во одредени портали на нив им се стави признак дека тоа е заради 5Г технологијата. Понатаму наративите продолжија на различни подтеми, имаше се и сешто и секако дека ова беа брутални невистини и манипулации со луѓето. Она што загрижува е што е една ваква лажна вест од комплетно анонимен интернет портал беше споделена на 17 различни Фејсбук групи. Така што, тоа е сериозна бројка и ако се земе во предвид целокупниот обем на вести и развиената инфраструктура којашто постои на социјалните мрежи преку коишто најчесто се дистрибуираат ваквите лажни вести и наративи, тогаш може да заклучиме дека тие вести стигнаа до огромен број луѓе. Вториот канал што беше ставен во употреба беше социјаланта мрежа Фејсбук и тоа не е нешто што не изненадува бидејќи нашите граѓани најмногу ја користат оваа социјална мрежа. Вечерта на 26-ти и во текот на 27-ми март се отворија неколку Фејсбук страници и Фејсбук групи коишто во период од само 2 дена добија по повеќе од 4 илјади следбеници. И третиот канал преку кој граѓаните беа изложени на овие наративи беа 2 онлајн петиции против 5Г. Едната петиција успеа во 2 дена да привлече 13 илјади потписи од нашата земја. Тоа е на една глобална меѓународна платформа за онлајн петиции“, вели Алексоска.
Таа упати апел до граѓаните да внимаваат со интеракциите на социјалните мрежи бидејќи постои опасност од злоупотреба на нивните податоци.
„Овие бројки коишто ги добивме во еден период од само два-три дена и дополнително дел од верувањата на луѓето само зборуваат за тоа дека нашите граѓани навистина беа изложени од многу извори и преку различни начини на ваквите дезинформативни кампањи“, вели Алексоска.
Министерот за информатичко општество и администрација и електроинженер Дамјан Манчевски, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за 5Г мрежата и планот за воведување на оваа технологија во нашата земја.
„Планот е кај нас до 2023 година со 5Г сигнал да биде покриен еден од поголемите градови, до 2025 година да бидат покриени сите градови, до 2027 година секој граѓанин да има можност за пристап на мобилен приклучок со брзина поголема од 100 мегабита во секунда, односно прилично брз мобилен интернет. Ова се нашите таргети, но ова е веќе кај нас и на ниво на законска регулатива. Ова значи дека регулаторот, АЕК, ќе треба согласно овие рокови, да врши подготовки и да распишува огласи за евентуално пројавен интерес од страна на некој оператор за користење на фрекфенции во коишто работат 5Г мрежите“, вели Манчевски.
Тој вели дека планот е на крајот на оваа година да се распише оглас за распределување на фрекфенции на кој ќе можат да се пријават оператори.
„Граѓаните треба да бидат безбедни и сигурни дека ги следиме истражувањата, светските трендови и се она што се случува. СЗО нема издадено ниту еден доказ за штетност на овие мрежи. Ќе ги почекаме и новите истражувања, ќе видиме што тие ќе кажат. Ние сме цело време изложени на различни видови на радиобранови, различни видови на зрачење – од радио сигнали, телевизиски, мобилни мрежи, што се не, а животниот век на луѓето денес споредено со животниот век на луѓето кога не постоеа никакви радиобранови, електромагнетни зрачења е поголем. Денеска имаме подолг животен век. Јас сум лаик, не сум здравствен експерт, но очигледно е дека овие радиомагнетни зрачења не влијаат толку драмaтично, барем за да може да влијаат на човековиот животен век“, вели Манчевски.
Манчевски рече дека во моментов во нашата земја нема активни 5Г мрежи, но и дека се следат светските истражувања, и ако се појави некаков релевантен доказ за некаков вид на штетност ќе се направат измени на законите и плановите во однос на воведувањето на 5Г мрежата.
Доцент д-р Валентин Раковиќ од Факултетот за електротехника и информациски технологии, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за тоа што е 5Г мрежата и за што се користи.
„Ако го споредиме 5Г со минатите типови и генерации на мобилни системи, би рекол дека 5Г има драстичен еволутивен скок пред се во однос на протоколите, начинот на процесирање на сигнали, и од него доаѓаат сите предности на 5Г. Ако го споредиме 5Г со претходните технологии, ќе сфатиме дека начинот на којшто 5Г ја врши таа трансмисија е дополнет во однос, да речеме, на 4Г. Освен што се користат оние опсези или фрекфенции коишто денешните комуникациски системи веќе ги користат, како Wi-Fi, Bluetooth, NFC итн… ќе користи еден повисок дел од опсегот, или таканаречен Millimeter-wave опсег, или опсег на милиметарски бранови и тука, всушност се ослободуваат големи пространства, за големи, огромни комуникациски брзини. И проблемот што се јавува кај населението генерално заради 5Г е заради овој Millimeter-wave, којшто иако е нов опсег во мобилната терестријална и земска комуникација, тој веќе се користи како опсег во сателитски комуникации, во радарски системи, веќе постои стандардизиран е и е во употреба и еден тип на WiFi којшто реално го користи истиот тој опсег. Така што фобијата од тоа дека ќе имаме зрачење од повисоки фрекфенции е релативно неиздржана, бидејќи веќе се зрачиме константно со многу комуникациски технологии“, вели Раковиќ.
Тој вели дека 5Г треба да е двигател на четвртата индустриска револуција и да обезбеди нова плејада на сервиси како што се холограми, виртуелна реалност, гејминг концепти коишто се уште не се користат, автоматизација од секој аспект – автономни возила, роботи, дронови, фабрики, концепт на интернет на нештата, односно паметни градови, паметни домови, персонализирано здравство, концепти на кои машинското учење и вештачката интелигенција кои ќе ни помагаат во секојдневниот живот.
Раковиќ вели дека најголемиот дел од студиите немаат пронајдено негативно влијание на 5Г мрежата врз здравјето на луѓето.
„Ние денеска користиме една плејада на бежични технологии. Ако веќе се сомневаме дека 5Г е штетно, во најлошото можно сценарио 5Г би бил штетен колку технологиите што веќе ги користиме. Така што мислам дека не постои простор за паника, објективна научна паника“, вели Раковиќ.
Тој потенцира дека СЗО засега децидно ги одбива ваквите теории на заговор во однос на 5Г.