Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МАКEДОНСКАТА КУЛТУРА ДА СТАНЕ РЕДОВЕН ИЗБОР ЗА УНГАРСКАТА ПУБЛИКА

October 1, 2019 Filed Under: Ревија

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ се организира по повод 30 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Лекторатот по македонски јазик при Институтот за славистика и балтичка филологија е отворен во 1989 година

ПРЕТСТАВУВАЊЕ Лекторатот по македонски јазик при Институтот за славистика во главниот унгарски град беше организатор на манифестацијата

Од 15 до 26 септември унгарската публика имаше можност да проследи серија културни настани од Македонија во рамките на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2019“.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ се организира по повод 30 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Лекторатот по македонски јазик при Институтот за славистика и балтичка филологија е отворен во 1989 година.

Организатор на манифестацијата е Лекторатот по македонски јазик во соработка со Здружението на Унгарците – Теледом од Скопје.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ започнаа со проекција на македонскиот филм „Исцелител“. На отворањето на манифестацијата, лекторот Златко Панзов истакна дека „Деновите на македонска култура во Будимпешта“ треба да станат традиционални, имајќи ги во предвид добрите македонско-унгарски културни врски градени во текот на изминатите неколку децении, со надеж дека македонската култура ќе биде редовен културен избор за унгарската публика во иднина. Амбасадорот на РСМ, Горан Стевчевски ја поздрави ваквата иницијатива укажувајќи на важноста на ваквите културни настани за подобрување и засилување на врските меѓу двете земји и искажа голема благодарност до Златко Панзов, лектор по македонски јазик за промовирање на македонскиот јазик и култура во Унгарија.

ПЛАКАТ Овој интересен плакат беше интересен повик за проследување на нашата култура

На 18 септември унгарската публика имаше можност да погледне селекција од македонски кратки филмови создадени во периодот 2017-2019 година. Селекторот на филмовите, Александер Нискач од Ljubljana short film festival истакна дека ова е првпат да прави селекција од македонски кратки филмови што се прикажува надвор од Македонија и дека претставува одлична можност за промовирање на македонскиот краток филм.

На 23 септември Сашо Поповски Трио одржа концерт во, Budapest Jazz Club, еден од најдобрите џез клубови во Европа. Унгарската публика имаше можност да слушне уникатни џез композиции проткаени со ориентални мотиви во одлична изведба на триото составено од Сашо Поповски, гитара, Иван Бејков бас и Виктор Филиповски, тапани.

ЏЕЗ Триото на Сашо Поповски настапи во познатиот Будаопест џез клуб

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ беа затворени на 26 септември со промоција на унгарскиот превод на романот „Вештица“ од Венко Андоновски. За романот зборуваше д-р Иштван Лукач, професор на универзитетот ЕЛТЕ. Романот од македонски го преведе Анамарија Цинеге-Панзова.

Венко Андоновски одржа и предавање за хрватскиот поет Матош пред студентите на групата за хрватски јазик и книжевност на Институтот за славистика и балтичка филологија.

На лекторатот по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ овој семестар 13 студенти ја посетуваат наставата по македонски јазик, од година на година се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик.

ИСЦЕЛИТЕЛ Кадар од филмот Исцелител, кој никого не остава равнодушен

Според лекторот Златко Панзов организирањето на вакви културни настани овозможува поголема видливост на самиот Лекторат и воопшто будење на љубопитност  и интерес за македонскиот јазик, литература и култура кај пошироката унгарска публика.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ се поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Северна Македонија во Будимпешта.

 

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet