Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МАЛА РЕЧИЦА: ЛОКАЛЦИТЕ СЕ ПРЕТСОБЈЕ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ НАПРОЛЕТ

July 30, 2025 Filed Under: Фељтон

ДУИ ќе инсистира на парламентарни избори напролет ако победи на локалните наесен

ОСМАНИ Го очекува жесток дуел со ВЛЕН во Чаир

Државата е во вител, а актуелната влада се однесува како слон во продавница за порцелан и им нанесува штета на европската интеграција и меѓуетничките односи. Ако ДУИ и партнерите победат на локалните избори во октомври/ноември, ќе инсистираат на предвремени парламентарни пролетта следната година. Ова е оценка на Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и ексминистер во неколку ресори и влади, кој гостуваше во новото издание на емисијата „360 степени” на МРТ 1. Го прашувавме и дали премиерот на Албанија Еди Рама, со прошетката во скопската Стара чаршија заедно со првенци на ДУИ и Арбен Таравари и средбата со Али Ахмети, ја преминува линијата на (не)мешање во внатрешните работи на земјава, дали Османи ќе се кандидира за градоначалник на Чаир, дали Данела Арсовска е алтерего на ДУИ во објавувањето документи за незаконски легализации на дивоградби, дали Таравари ќе биде дел од предизборна коалиција со ДУИ. Разговараме и за обвинувањата од премиерот дека најавеното бришење на референците за македонскиот јазик и идентитет од извештајот на Европскиот парламент е поради Бујар Османи и прифаќањето на францускиот предлог.

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со случувањата во Европскиот парламент (ЕП), каде што според најавите од извештајот за С Македонија ќе бидат тргнати референциите за македонскиот јазик и идентитет.

Мицкоски за тоа ги обвини Османи, Ковачевски и Маричиќ нарекувајќи го процесот „бришење на идентитетот на талибански начин“.

 

Османи, во одговорот даден во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека актуелната влада свесно манипулира со фактите и заборава на вистинските пробиви направени изминативе години.

Јас ја слушнав прес-конференцијата и мене ми е жал што нема еден медиум за проверка на факти за да му се спротивстави на премиерот дека секоја втора реченица му е неточна. Неточна врз основа на факти. Ние го направивме историскиот пробив – да се тргне додавката ‘согласно Уставот’, туку во Преговарачката рамка, најважниот документ, уставот на односите со ЕУ, и тоа со поддршка и на Република Бугарија, да стои ‘македонски јазик’. Мора да се каже дека пробивот после 30 години за квалификацијата на јазикот е направен во тој период, во Преговарачката рамка“,изјави Османи.

Според него, токму владата во која тој беше шеф на дипломатијата успеала да го тргне компромисниот израз „согласно Уставот“ и да го легитимира македонскиот јазик со поддршка од Бугарија и oд европските институции.

На забелешката дека Бугарија, сепак, вложи унилатерална изјава со свои видувања за македонскиот јазик, Османи вели дека тоа нема никаква правна тежина бидејќи суштината е во Преговарачката рамка.

„Правната импликација во меѓународното право е тоа што Република Бугарија ја изгласа Преговарачката рамка. Република Бугарија дозволи договорот за ФРОНТЕКС да се потпише со новата формулација, а не со формулацијата од договорот од 2017 г. и од декларацијата од 1999 година. Така што, ако хронолошки го гледате прашањето, единствениот позитивен пробив за прашањето за јазикот е направен тогаш со Преговарачката рамка“,вели поранешниот министер за надворешни работи.

Тој додава дека подоцнежните обиди да се наметне темата за јазикот во јавниот дискурс се политички инструментализирани за дневнополитички потреби и дека се штетни за националните интереси.

„Оставете го јазикот, затворено е тоа прашање. Најголемиот преговарачки капитал ни го потроши прашањето отворено за јазикот“,вели Бујар Османи во интервјуто за „360 степени“.

Во таа насока, тој смета дека изместениот дискурс во ЕП и евентуалното бришење на референциите за јазикот од извештајот не претставува суштински проблем бидејќи тоа тело нема правно обврзувачка улога, за разлика од Советот на ЕУ.

Како одговор на информациите дека самата Европска комисија го поттикнала вметнувањето на јазичните референци, Османи вели дека иницијативата потекнува од време на неговиот мандат, но со цел да се затвори ова прашање и пред домашната јавност.

Воедно ДУИ упати повик до сите политички партии да  го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг. Според партијата, процесот на ветинг е неопходен и клучен за да се изгради довербата на граѓаните во правдата, институциите и државата.

„Нашиот став е јасен и непроменлив: им упатуваме повик на сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор, еден сеопфатен и бескомпромисен процес што ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудството и институциите, го повторуваме нашиот одамнешен став за истрага против сите политички партии, без исклучок, за периодот од изминатите 33 години, бараме проверка и контрола на потеклото на имотот на сите носители на јавни функции во последните 33 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – сите, без исклучок; ја потенцираме потребата од длабoка истрага на процесот на приватизација, кој во многу случаи служеше како основа за создавање на недопирливи олигарси. Ова темно поглавје не смее да остане нерасчистено. Правдата не се мери со изјави, туку со конкретни одлуки, бараме исто така истрага за дејствувањето на безбедносните служби на државата, како и за функционерите кои биле дел од тие служби од 1945 година наваму: ОЗНА, УДБ-а, СДБ, ДБК, УБК, АНБ“, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.

Според него, ова не е само политички проект, ниту пак стара заложба на ДУИ, туку услов за правда и за поправедна иднина за сите граѓани.

Претседателот на Демократската унија за интеграција, г‑дин Али Ахмети, свика редовна седница на Централното Претседателство, на која се разгледаа актуелните политички случувања во државата, како и подготовките за претстојните локални избори.

„На оваа седница, високо се оцени заложбата на раководството на ДУИ за креирање на широко меѓупартиско сојузништво, со цел заеднички настап на локалните избори, во служба на граѓанските интереси и за зајакнување на локалната самоуправа.

Централното Претседателство едногласно одлучи да го именува г‑дин Фатон Ахмети, Генерален секретар на ДУИ, како шеф на Централниот Изборен Штаб.

Исто така, со целосен консензус, Централното Претседателство ги потврди кандидатите кои ќе се натпреваруваат за градоначалници и носители на советнички листи во повеќе општини:

  • Во Општина Чаир, кандидат за градоначалник ќе биде Д‑р Бујар Османи, потпретседател на ДУИ
  • Во Општина Тетово, кандидат ќе биде г‑дин Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ
  • Во Општина Желино, кандидат ќе биде г‑дин Емир Сулејмани, претседател на општинската организација на ДУИ во Желино
  • Во Општина Гостивар, носител на советничката листа ќе биде г‑дин Валдет Џафери, претседател на огранокот на ДУИ во Гостивар
  • Во Општина Струга, носител на советничката листа ќе биде г‑дин Фатон Пололжани, исто така претседател на огранокот на ДУИ во Струга

Во следните денови, по завршување на внатрепартиските и коалициските консултации, ќе бидат потврдени и дополнителните кандидати за останатите општини.

Исто така, ја информираме јавноста дека од Албанската Алијанса, од г‑дин Зијадин Села, очекуваме предлози за кандидати за градоначалници во општините Струга, Харачина и Дебар, а од г‑дин Арбен Таравари – за Гостивар, Врапчиште, Теарце и Сарај.

ДУИ останува посветена на фер, инклузивен и програмски силен изборен процес за граѓаните во сите општини. Граѓаните, како на референдум, ќе ја потврдат својата следна победа на овие локални избори“, се вели во соопштението на ДУИ.

Filed Under: Фељтон

KАРАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВМРО-ДПМНЕ НЕ ИСПОРАЧА НИКАКВИ РЕЗУЛТАТИ, ЖИВОТНИОТ СТАНДАРДОТ ПАДНА ЗА 20 ОТСТО
КОЈ ЈА ПРИЗНАВА ДРЖАВАТА ПАЛЕСТИНА И ЗОШТО НИЕ НЕ ЈА ПРИЗНАВАМЕ
СВЕДОШТВА : КОЈ ЈА ИСПРАТИ ПРВАТА ВЕСТ ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ?
МАЛА РЕЧИЦА: ЛОКАЛЦИТЕ СЕ ПРЕТСОБЈЕ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ НАПРОЛЕТ
ОСТАВЕНИ СМЕ НА СВОЈАТА СУДБИНА

Најново

  • KАРАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВМРО-ДПМНЕ НЕ ИСПОРАЧА НИКАКВИ РЕЗУЛТАТИ, ЖИВОТНИОТ СТАНДАРДОТ ПАДНА ЗА 20 ОТСТО
  • КОЈ ЈА ПРИЗНАВА ДРЖАВАТА ПАЛЕСТИНА И ЗОШТО НИЕ НЕ ЈА ПРИЗНАВАМЕ
  • СВЕДОШТВА : КОЈ ЈА ИСПРАТИ ПРВАТА ВЕСТ ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet