Во интервју за новинарот Костадин Филипов од софискиот дневен весник „Труд“ професорот говори за непопуларноста на Преспанскиот договор и кај Грците и кај Македонците, за грдата формулација на Прамбулаа на нашиот Устав, за парадоксот од преминот на пробугарската партија да прерасне во нешто спротивно, за формулирање на двосмерниот пат за меѓусебно приближување…
Професоре Малески, како новинар и долгогодишен дописник од Скопје, сум ги читал тукуречи сите ваши текстови а многу од нив ги имам во мојата лична архива. Сега ќе користам некои цитати од нив. Да почнеме со: „Македонија свитка кичма и потпиша договор во кој стои дека имаме заедничка историја, Бугарија свитка кичма под притисок на Западот и го крена ветото“. Дали послушноста кон големите сили ги дефинира нашите меѓусебни односи? До кога ќе ја тераме работата со фатализам дека без странска помош не можеме да се снајдеме?
– Така ќе тераме додека не покажеме дека можеме самите да преминеме преку бедемите во нашите умови создадени од страв, омраза, нетолеранција и желба за супремација. Дотогаш ќе ни треба странска интервенција. Примерот е од нашите животи. Четврт век не успевавме да го решиме проблемот со Грција и немаше да го решиме уште кој знае колку, да не се вкрстеше интересот на Америка визави руската опасност, со нашиот интерес за безбедност на малата држава преку членство во НАТО. На добар пат бевме да ја повториме истата децениска приказна со Бугарија. Како и со грчкиот случај, Бугарија ни наложи вето со услови за почеток на преговорите кои нашето општество не беше подготвено да ги прифати.
Имено, да направи компромис со самото постоење на македонска нација и држава преку сопствена дискредитација. И повторно, интересот на големите западни сили да се зајакне безбедносната димензија на ЕУ со проширување кон Украина, Молдова и Западен Балкан, доведе до „францускиот предлог“ кој им „купи време“ на двете страни. Бугарија беше притисната да го крене ветото а Северна Македонија да ги внесе Бугарите во уставот. Во моментов историјата е ставена во втор план и оставено е историските теми да се апсолвираат во текот на преговорите до полноправното членство на Македонија во ЕУ. Како ќе оди дебатата меѓу научниците не можам да предвидам, но решението е политичко.
Како и во случајот со Грција ќе биде непопуларно кај граѓаните на двете држави а, како што знаеме, политичарите во една демократија печалат гласови токму на популарност. Кај нас, дека немаме заедничка историја со Бугарија а кај вас дека ние и не сме „вистинска“ нација, а македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот. За воља на вистината, на оваа непопуларна тема македонските влади, последниве седум години, водат политика која не ја прифаќаат, некој пресметал, 80 проценти од Македонците. Партијата на македонските националисти се спрема тоа да го материјализира во гласови на изборите идната година.
Се прашувам, дали е на повидок влада во Бугарија која, со својот став кон македонското прашање, ќе може да ја поднесе истата непопуларност кај бугарските граѓани? Оти, да не заборавиме, како во случајот со Грција, водството е патот до политичко речение. Имено, и ден денес огромното мнозинство Грци и Македонци не го одобруваат Преспанскиот договор кој овозможи наше членство во НАТО. И грчката и македонската влада му се спротиставија на јавното мислење а тоа се оствари со директен ангажман на Америка или ако сакате под директен притисок на големата сила.
Инаку, ова со „виткање кичма“ е омилениот израз на македонските националисти кои сите меѓународни и домашни победи остварени со дипломатија и компромиси во овие триесет години независност, вклучително и договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, ги прогласи за порази, за недостоинствено „виткање кичма“ на македонската нација.
Големото прашање кај нас во Бугарија е дали уставните промени ќе поминат кај вас со впишување на Бугарите.„Така што, наместо формулата македонскиот народ и делови од народи , да ги наброиме припадниците на нациите кои ја сочинуваат Македонија: Македонци, Албанци,Турци, и така по ред во зависност од нивната бројност, вклучувајќи ги и Бигарите“.Далие тоа ваша лична формула за излез од ситуацијата или е предлог кој може да им помогне на предлагачите на промените?
-Тоа е мој личен поглед. Грдата формулација во преамбулата која гласи „Македонскиот народ и делови на Албанскиот народ… “ и така по ред делови од другите народи, остава впечаток на раскршен мозаик на народи кој посакав да го составам на начин на кој е запишано во Крушевскиот манифест и во Манифестот на АСНОМ.Тоа беше само предлог во јавната расправа на оваа тема кој не се прифати. Владеачките партии се одлучија за минималната промена со додавање на уште неколку народи заедно со бугарскиот.
Бидејќи ја ценам вашата експертиза дали може да ми објасните како тоа ВМРО-ДПМНЕ од некогаш „пробугарска“ стаса до таму да биде против вклучувањето на Бугарите во уставот? Каква е оваа трансформација: личен каприц, партиски став или лажна неопходност?
-Овој парадокс можам да го објаснам само со смената на луѓето кои ја водат партијата. Во една демократија никогаш не сте сосема сигурни кој ќе дојде на власт и што тој има во главата. Водството на Груевски, кое го смени претходното „пробугарско“ на Георгиевски, ги положи, заедно со претседателот Иванов, темелите на македонскиот идентитет во античка Македонија, веројатно и во обид да ја одбегне „бугарската тема“. Дали има нешто повеќе од она што го гледаме денес, можеби ќе ни каже историјата.
Има една Ваша изрека која ја цитирам често:„сојузите се создаваат да ги штитат интересите на своите членки, а не на кандидатите за членство“. Колку само пати им ја кажвте на властите во Скопје. Зошто, според Вас, професоре Малески, тие решија преку Брисел и ЕУ да и диктираат политика на Софија во однос на Северна Македонија?Или се лажам дека е така?
-Тоа дека сојузите се формираат да ги бранат интересите на своите членки а не на аспирантите за членство е лекција која ја научив уште во 1991 кога, како прв министер за надворешни работи се соочив со грчко-македонскиот спор околу името. Иако ниту една членка на ЕЗ а потоа и на ЕУ немаше никаков проблем со нашето име, тие не можеа да го растурат сојузот во одбрана на принципот дека секој народ има право да каже како се вика, како, впрочем, и секој човек.
Од нас се очекуваше компромис околу името доколку сакаме членство во евро-атлантските сојузи. Инаку, послабата држава секогаш се плаши дека во „еден на еден“ преговорите се ќе се претворат во диктат на посилната. Иако патот до НАТО водеше преку Атина а овој до ЕУ преку Софија надворешното посредништво , особено ако тоа го прави голема сила, може да ја омекне позицијата на посилната држава со сопствен притисок врз неа во прилог на решение.
Тогаш имено, не преговараат само две страни со свои интереси, туку во формулата се вметнува и интересот на третата страна, големата сила. Во бугарско-македонскиот спор, бргу се покажа дека за Западот е најважно да не се блокира процесот за пристапување на РС Македонија кон ЕУ, да почнат прерговорите за се да не се сведе на историските теми. Во отсуство на таков притисок бугарската држава би го задржала ветото до целосно исполнување на нејзините услови.
Вие сте врвен ителектуалец кој често не е разбран кај вас. Се извинувам, но, Вие лично имавте проблем со јавното мислење кога рековте дека нема ништо лошо да се признае дека нашите стари се чувствувале Бугари. Толку ли е тоа тешко да се каже? Толку ли е опасно за идентитетот?Нема ли веќе создадена критичка интелектуална маса спремна да помине преку тоа, еднаш за секогаш? Или е вистинита вашата мисла „Отсуство на образована интелектуална елита, која би требало да знае подобро, е рамно на трагедија. Трагедија што може да не чини држава и нација“.
– Загрижен дека може да ни се повтори грчкото сценарио, овој пат со вето од Бугарија, некаде пред четри години, напишав текст кој почива врз научните сознанија од светската литература, дека минатото ни било заедничко. Ниту јас ниту вие сме биле таму, па во право се оние кои велат дека ние сме книгите што ги читаме. За мене како Македонец а не како Бугарин, спомнувањето на заедничко минато беше повик за пријателство и соработка меѓу двата народи.
Беше кажано искрено и со најдобри намери. Но пренесени во светот на политиката зборовите добија сосема друго значење. Јавноста кај нас не беше подготвена за таков пресврт во односите со Бугарија: политиката на непријателство, па и на омраза, да биде заменета со спротивното. Нашиот национализам, кој зборува за автохтона македонска „милениумска“ линија во историјата која никогаш не се допрела со бугарската, смета дека самото спомнување на заедничка историја е рамно на предавство.
Всушност, тие два збора запишани во Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 се каменот на сопнување денес. Отсуството на историчари кои се во потрага по вистината а не се борци за националната кауза е новина на Балканот зашто е производ на еден отворен свет по Студената војна. Такви, историчари кои се во потрага по вистината ги има многу малку, дури помалку кај нас отколку кај вас.
Инаку, стравот за македонскиот идентитет произлегува и од нејасните намери на бугарската државна политика кон нас. Македонските националисти би ме поправиле и би рекле дека ставот на бугарската политика е да нема македонска нација и држава.Е, сега, замислете ситуација во која бугарските државни институции недвосмислено би и дале поддршка на младата македонска нација и, како и целиот свет, би го признале македонскиот јазик.
Тоа и не е така тешко зошто не се работи за научен дијалог меѓу лингвисти, туку за политичка одлука. Во модерниот свет секој дијалект (како што е окарактеризиран нашиот јазик кај вас) може да се издигне на ниво на официјален јазик на едне држава и еден народ. Во тој момент, почитта кон јазикот значи и почит кон нацијата која го зборува тој јазик. Негацијата на јазикот значи негација и на нацијата која го зборува.
Замислете ја ситуацијата на признавање а не на негирање. Мислам дека во степенот во кој посилната страна ја признава и поддржува македонската нација, Македонците со поголемо спокојство ќе се отворат кон заедничкото минато. Но, за жал, ваква симетрија нема во политиката.Инаку цитатот за отсуство на образована елита се однесуваше на глобалните процеси во меѓународната политика, но подеднакво би можел да се употреби и за нашите меѓусебни односи.
„Најопшто речено, ставовите на граѓаните за надворешната политика се формираат под влијание на еден примитивен македонски национализам“.Што би значело тоа за односите кон соседите и кон Бугарија, се разбира?И како да се излечиме од оваа болест?
– Долгорочно лекот е во отворање на сите балкански земји кон дострелите на светската наука.Тоа го овозможува членството во ЕУ. Но, улицата е двосмерна: ние ја осознаваме заедничката историја а вие давате поддршка на нашата нација и јазик. Таквиот пристап, а не обидот да се сврти назад тркалото на историјата води кон мир и пријателство.
Прашањето е како да до политички решенија сега. Секако не со погледите на нашите примитивни национализми. Инаку, ако самите не успееме да најдеме решија, ќе ни ги наложат од големите сили. Во ова време на руска агресија врз суверена држава во Европа, и почеток на нова студена војна во Азија меѓу Америка и Кина, на манифестациите на неединство во НАТО па и во ЕУ нема да се гледа благонаклоно, па не е исклучено решенија и да се наметнуваат.
И кај нас и кај вас ја има онаа поговорка: зошто ги ручаме жабите, зошто ги голтаме жабите?Тоа се однесува на случаи кога е нешто стори но е многу непријатно и незгодно. Што мислите професоре Малески, ќе дојде ли време кога и од двете страни на границата заеднички ќе речеме: Еј луѓе, зошто јадеме жаби толку време?„Новите генерации Македонци и Бугари треба да си подадат рака и да се исправат во пријателство, достоинство и заемна почит, заедно со другите нации на демократска Европа“.Тогаш ли? Што чекаме уште?
– Што чекаме? Темелите на младата македонска држава и нација го издржаа налетот на етничките војни во Југославија наспроти проценките на мнозина (особено на грчкиот министер Самарас) дека ќе не снема.Кога се повлече ЈНА од Македонија, ставот на српското раководство на Милошевиќ беше дека нема да можеме да се разбереме со Албанците и дека ќе ја изгубиме државата. Мојот колега во ОН, вашиот амбасадор во Њујорк Слави Пашовски еднаш ми рече: Границите меѓу Македонија и Бугарија ќе паднат не со оружје туку со зурли и тапани.Тоа сепак не се случи. Волшебниот збор, ако постои таков, е почит.
Бугарија треба да ја почитува Македонија, нејзината нација и јазик. Македонија треба да е горда на заедничкото минато зашто тоа била и наша, македонска, историја. Пред некое време ја прочитав сјајната книга „Раните години“ од Симеон Радев, наш ресенчанец и ваш истакнат дипломат, кој, без сомнение, е заеднички. Да, новите генерации Македонци и Бугари треба да си подадат рака и да се исправат во пријателство, достоинство и заемна почит заедно со другите нации на демократска Европа. Зошто то тогаш чекаме?
Да е до либералните луѓе со западно образование во двете земји би го оставриле веќе тоа. Проблемот е што преведено во гласови во демократскиот процес, нивното влијание е, да фречеме, некаде 5 проценти. Со 5 проценти не се прави влада. Значи, потребно е водство кое ќе оди против вољата на мнозинството за да излеземе од лавиринтите на историјата и да се обединиме околу вистината.Но, за тоа се потребни политичари визионери спремни да голтаат живи жаби.