Фактите говорат дека нивната изградба се базира на системска корупција. Ревизорите утврдиле дека малите хидроцентрали учествуваат со четири проценти во вкупното домашно производство на струја, а од 2012 до 2021 година ним им биле платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност
Наодите на ревизорите ја натераа Антикорупциска да провери дали има системска корупција при користењето на законски предвидените повластени тарифи за малите хидроцентрали, со што државниот буџет бил оштетен за 41 милион евра.
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе проверува дали има системска корупција при откупот на струја по повластена тарифа од производители што користат обновливите извори на енергија во кои спаѓаат и малите хидроелектрани. Повод за вакви сомнежи беа наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија за искористувањето на водните ресурси за производство на електрична енергија, објавен неодамна.
Ревизорите утврдиле дека малите хидроцентрали учествуваат со четири проценти во вкупното домашно производство на струја, а од 2012 до 2021 година ним им биле платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи, со што е оштетен буџетот на државата. Дополнително, некои од сопствениците на малите хидроцентрали не ѝ платиле на државата надоместок предвиден со закон за користење на водата за производство на електрична енергија, во износ од 370.000 евра.
Антикорупциската комисија информира дека собрала обемен материјал од надлежните државни институции во врска со издавањето под концесија на реките за изградба на мали хидроцентрали и во моментот се врши финална вкрстена анализа на сите утврдени факти. Јавна одлука за нив ќе има до крајот на декември или најдоцна во почетокот на јануари, се вели во одговорот на прашањето дали Комисијата смета дека има основа за сомневање за коруптивни влијанија во врска со наодите на извештајот на државните ревизори за начинот на кој се издавале концесии за малите хидроелектрани и за тоа колку пари заработиле нивните газди за сметка на минималниот удел во производството на електрична енергија во државата.
„Бараме да почнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и за утврдување одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки“, се вели во заедничката реакција на еколошкото здружение „Еко-свест“ и на Македонското здружение на млади правници, откако Државниот завод ја објави ревизијата.
– Извештајот уште еднаш го потврди она што со години го повторуваме: комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина, што кулминира со издавањето на елаборатите за малите хидроцентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина. Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население – изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во „Еко-свест“.
Тој нагласи дека екологистите со години реагираат во врска со сериозните прекршувања во постапките за издавање концесии. Според него, голем број од концесиите се издадени надвор од правната постапка, a овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до најосновните мерки за заштита во согласност со елаборатите.
Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници укажува и на проблемот со занемарувањето на законската обврска за вклучување на јавноста во процесот на издавање дозволи за малите хидроцентрали. Тој смета дека на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии, ниту, пак, институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание врз околината и заштитните мерки што инвеститорот требало да ги преземе.
Малите хидроцентрали се добри за да имаме сопствена енергија, а извештајот на Државниот завод за ревизија не ја отсликува вистинската состојба, оценува бизнисменот Кочо Анѓушев кој има 7 мали хидроцентрали.
– Во извештајот, Државниот завод за ревизија заборави една многу важна работа, а тоа е еднократниот концесиски надомест што го плаќаме на државата на почетокот, вели тој.