Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли во интервју за ДВ и РТК зборува за односите помеѓу Косово и Германија, разочарувањето на граѓаните од Европа и како може да изгледа решение на пробпемот со Србија.
АНИЛА ШУКА
ДВ: Господине Пацоли, дојдовте во Берлин за да се прослави десетгодишниот јубилеј на дипломатските односи помеѓу Косово и Германија. Каков е вашиот биланс на овие односи?
Беџет Пацоли: Германија уште од почетокот беше на наша страна и би било срамно ако се заборави големото пријателство помеѓу Германија и Косово. Германија уште од денот на ослободувањето е еден од најголемите финансиски донатори за обнова на косовската држава. Нам и понатаму ни е потребна помошта на Германија. Бидејќи Косово е мала земја и без помошта однадвор не може да се соочи со сите предизвици пред кои сме исправени. Најголем предизвик е дијалогот со Србија. Решението на овој проблем ќе го направи Косово пофункционално. Секако, тука мора сите пријатели на Косово да се вклучат со креативни предлози за да се постигне напредок.
Пријателите на Косово, меѓу кои се и Германија и САД, во овој момент не се согласуваат со актуелната политика на Косово, односно со одлуката за воведување на 100% царински давачи кои косовската влада ги воведе за стока од Србија и Босна.
Знам дека не ја поддржуваат ваквата мерка. Но одлуката за царинските давачки мора да остане. Мораме ним (на Србите, н.з.) да им покажеме дека и Косово има гордост. Ние сме веќе десет години држава. Не можеме да дозволиме некој да го гази она што сме го постигнале досега. Би било мудро од Србите да сфатат дека независноста на Косово е реалност уште од 17 февруари 2008 година и тоа не може да се промени. Ако сакаат да имаат добри односи со Косово, тие од тоа може да имаат само полза. Тие ќе може да ги пласираат на косовскиот пазар. Гледаме колку се болни за нив овие царински мерки. Затоа верувам дека и тие сега сфатија оти не преостанува ништо друго освен да седнеме сите заедно на маса и на исто рамниште, како две независни држави да разговараме за нашата иднина.
Комесарот за проширување Јоханес Хан не успеа да ја убеди ксовската влада дека е подобро да се повлечат царинските давачки. Но, тој истакна и дека либерализацијата на визниот режим ќе се случи дури во 2020 година. Како го коментирате ова?
Европа не постапува коректно. Ние си ја завршивме домашната задача, сите 95 предуслови се исполнети. Граѓаните на Косово ја губат довербата во Европа. Не би знаел со каков адут Хан би можел да дојде во Косово за некого да убедува дека треба да се повлечат царинските давачки. Требало прво да разговара со Белград и да им објасни дека постои независна држава Косово и дека ќе има реципроцитет: доколку се подготвени на тоа, ние ќе ги повлечеме нашите царински давачки. Но, потребни ни се гаранции дека сите потпишани договори ќе бидат реализирани и дека ќе има стопостотен реципроцитет помеѓу Косово и Србија. Само во тој случај би биле подготвени да ги повлечеме царинските давачки.
Рековте дека сте отворени за секој креативен предлог за решавање на конфликтот со Србија. Каков е Вашиот предлог?
Секого би охрабрил да излезе со креативен предлог за проблемот. Лично не гледам многу шанси за политичко решение. Верувам дека поголеми изгледи има економско решение во заеднички интерес на двете држави. Што би било економско решение? Од 2007-ма повторувам дека северот на Косово треба да биде голема економска зона, каде дел од територијата ќе припаѓа на Србија, дел на Косово. Таа зона треба да биде управувана од трета страна и тоа за мене е решението. Но, за такви идеи можеби е прерано.
Соломонските острови ја повлекоа одлуката за признавањето на Косово, а има гласини дека уште 58 земји ќе го сторат истото. Како може Косово тоа да го спречи?
Ова е првпат една земја да повлече одлука за признавање на Косово и тоа на писмено. Во документот пишува дека признавањето е повлечено сѐ додека не се заврши дијалогот со Србија. Такво нешто човек не може да спречи. Има и други земји во светот и ние постојано активно лобираме. Од изминатите 360 дена колку што сум на функцијава, 182 дена бев во странство. Навечер патувам, преку ден работам. Тоа е нашиот капацитет и можности.
(Беџет Пацоли, 67 години, е министер за надворешни работи и првиот заменик премиер на Косово од 9 декември 2017 година. Тој е претседател и основач на малата економска-конзервативна партија „Алијанса за Ново Косово“, Тој исто така е и основач, претседател и менаџер на Мабетекс-групацијата со седише во Швајцарија и важи за најбогат Албанец во светот. Пацоли, кој има студирано во Хамбург, во Берлин допатува со својот приватен авион).