За сите пропагандни индустрии автентичната деполаризираност е смрт. Ако граѓанинот е свесен и активен во одбраната на правата кои му следуваат, тогаш плукачката индустрија ја губи безгласната основа која ја прекрива (продава) со плукање. Имено, на многу од македонските медиуми + партиски пропаганди им дошла „демократска“ идеја да ја прикријат, односно прекријат безгласноста која и така самите ја предизвикале, така што ќе плукаат на сѐ, дури и на тоа што е колективен интерес на големи категории во општеството
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Прашањето „Знаеш ли ти кој сум јас“ стана виц заради ударната поента дека прашувачот прашува како да не знае кој е. Но, бргу се замени со прашањето „Знаеш ли ти кој е тој“ или таа, тие, најчесто за јавна личност. Можеби не е толку смешно веќе, ама сеедно е фалшливо на повеќе нивоа. Прво, (т.е. нулто), никој не знае кој другиот Е, а тоа дури може и човек сам себе да се праша, исто како со смешното прашање па најчесто нема да успее да си одговори добро. Кој може да каже за себе дека е својата професија или своето хоби или своето искуство/неискуство во нешто, или судската одлука за нешто, или својата возраст, статус…? Тука може да се набројат сите рецки според кои изникнува некоја основа за дискриминација, дури и да не се реализира таа во пракса. Така, јазикот ни е во грешка, во конфликт со некој хуман принцип кога велиме „е“ за човек, за битија со свест за себе. Доволно е неоправдано „сум“, а „си“ и „е“ се за никаде кога се однесуваат на човек. ЗНАЕШ ЛИ ТИ КОЈ Е ТОЈ? Односно, кога веќе ги користиме, да си ја знаеме ограниченоста во просторот, настаните и времето – тие се кратенки за дејствата на личноста или на околината кон неа во некој момент.
Но, за нас, како граѓани во општество, како единки во социјални категории и колективни тела, фалшливоста на „знаеш ли ти кој е тој“ за политичка личност е поопасна од горново, бидејќи се однесува на подолг интервал од нашите животи, па и на оние по нас. Ова прашање – констатација е репелент за автентично граѓанско дејство, на неколку подмолни нивоа.
Првото и најраширеното е преку реторичноста на прашањето, што се сведува на идејата за „блажени се тие што не знаат“, по можност – ништо, бидејќи така може бескрајно да се манипулира со нив, т.е. со нас и нема глас да пуштиме. Забележуваме – во овој случај, прашањето дури и не мора да е гласно поставено, туку само имплицирано (на пример, со интервју на ТВ). Притоа, во реторичноста и имплицитноста, на лош начин станува небитен одговорот дали „тој“ е „цветен“ или „гаден“. Да обратиме внимание, небитно станува каков е – не на добриот начин, односно затоа што „тој“ не е политиките („софтверот“) туку е човек („хардверот“) со сите маани и доблести. Одговорот подмолно станува небитен, затоа што ако „тој“ е „цветен“, тогаш зошто не сте повеќе за „тој“-от, а ако е „гаден“, тогаш, „па како можете…“. Просто да му дојде на нормален човек да стане безгласна буква и без некој да го праша. И му доаѓа.
ПЛУКАМ ЗА ДА МИ СЕ ПЛАТИ НЕКАКО Но, некој решил дека безгласноста не смее да се чуе, бидејќи така таа ќе има значење, а најважно – не носи профит никому. Имено, на многу од македонските медиуми + партиски пропаганди им дошла „демократска“ идеја да ја прикријат, односно прекријат безгласноста која и така самите ја предизвикале, така што ќе плукаат на сѐ, дури и тоа што е колективен интерес на големи категории во општеството (на пример, учениците, претставувани преку родителите и многу други социјални категории), а со двојна доходовна цел: да им се плати некако за да не плукаат и патем да направат штета со недоверба кон институции, стручни тела и стручни луѓе, па да се најде тоа за некоја идна плуканка. Тоа е начинот како споменатите медиуми и пропаганди влечат за нос некои граѓани.
СРЕЌЕН АКО ПЛУКА ЗАЕДНО СО НИВ Последниве си плукаат од забава, во несвест за својот интерес заеднички со други (козата да му умре на комшијата, ако не е исклучиво сопствен личен интерес). Тие медиуми и партиски пропаганди го тренираат „талентираниот“ – за плукање – граѓанин да биде злобно среќен ако плука и тој заедно со нив, заменувајќи му го благородното чувство за солидарност и поривот за решавање на заеднички проблеми – со „чопоративно“ плукање. Бидејќи, еј, конечно е дозволено да се плука, па што е инаку слободата на говорот, демократијата, а за ова не треба ни илјадинка мозок. Тоа тече и од собраниска говорница, на транспаренти, со киднапирање на вистински граѓански движења, по мрежи, не само во етер од тв-студија. „Талентираните“ граѓани – плукачи не сфаќаат дека плунката се кешира, а граѓаните, вклучувајќи ги и самите „таленти“, кои не се од тие медиуми и партии – плаќаат, и со квалитетот на животот (директно и индиректно), и со парите!
Ова се прелева на уште подолно подмолно ниво на „знаеш ли ти кој е тој“ како ментален флип-свич, вирус кој го заразува граѓанскиот ум, со цел, повторно, да не постои граѓанско дејство. Или да згасне ако се појавило. Не може, просто, да ви се дозволи да бидете солидарен граѓанин кој е заинтересиран за политиките што се практикуваат врз него самиот. Да не сме заинтересирани за себе заедно со други, тоа се бара од нас. Само поединечно да „си ја гледаме работата“. А која всушност, никако не можеме да си ја гледаме, затоа што политиките кои директно влијаат на нашиот живот – нѐ спречуваат во тоа! За еден чесен и свесен граѓанин, ова е вирус од кој тој ужасно се плаши да не му остави жиг, не само лузна.
КОГА ТЕ УБЕДУВААТ ДЕКА НЕ МОЖЕШ САМО ДА СИ ЈА ГЛЕДАШ РАБОТАТА…Тоа е уверувањето на ова несмешно прашање кое и не мора да е искажано. Имено, свесен граѓанин кој автентично сака да поддржи едни политики или да спречи други политики кои се однесуваат директно на него, е „карактеризиран“ како со бар-код и в лице му се кажува дека на тој начин не може да е само граѓанин. Или дека е глупав што уште подиректно од несвесните плукачки таленти „работи против себе“. Односно, ако сака да направи нешто за себе така што и други да имаат бенефит од тоа, (да важи за сите), уште однапред се убедува дека „работи против себе“, како превенција, бидејќи така им пречи на „тие“ (или спротивните на „тие“) од – „знаеш ли“, коишто работат против сите (ќе ви речат ЗА сите).
Но тоа, токму повлекува дека автентичниот граѓански глас е ефективен, далеку над „талентите“, колку и да е тивок и пристоен: механизмот на плукачката индустрија, всушност, закочува и зачкрипува од пристојни и свесни граѓани (кои не се несвесни плукачи), затоа што тие го прават неочекуваното (од аспект на принципите на плукачката индустрија) – генерираат предизвик за наметнатата фама дека за активност мора да фали некоја даска во главата. Плукачката индустрија нема одговор и излез на тоа. Да го ризикува некој жигот на флип-свич поларното категоризирање, за таа индустрија е баг кој не може да го среди.
Секако, и во овој генериран, иновативен, граѓански, антиполарен простор има инвазија од вештачката „неутралност“ со примени на фалш-логиката Двојна едностраност (If-By-Whiskey) – од тип: Ако мислиш на X, тогаш – еднострано беснеење за поддршка на страната А, а ако мислиш на Y, тогаш – еднострано беснеење за поддршка на страната Б. (Името на недоследноста доаѓа од говорот на еден пратеник од Мисисипи во 1952 г., по прашањето за легализација/прохибиција на алкохолот: „Ако кога велите виски мислите на ѓаволскиот пијалок, на отровното зло, на крвавото чудовиште, кое ја осквернува невиноста, го симнува разумот, го уништува домот, создава беда и сиромаштија,…, тогаш сум против негова легализација. Но, ако кога велите виски, мислите на она што го подмачкува разговорот, филозофското вино, напивката што се конзумира кога се собираат добрите пријатели, што става песна во нивните срца, смеа на нивните усни и топол сјај на задоволство во нивните очи,…, тогаш сум за негова легализација. Ова е мојот став, не се повлекувам од него и не правам компромиси за него.“) Смешно, но затоа и се пумпа глупавост во просторот, за да не биде смешно, туку да се реализира сериозно.
Така, плукачката индустрија наметнува поглед дека пристојниот граѓанин мора да е безгласен и да е плаќач (сѐ врз грбот на граѓанинот), додека со дрека наплатува и си ја штити поларната прекривка од непријателот -вистинската граѓанска мисла, а не дај боже – иницијатива. За сите пропагандни индустрии, всушност, автентичната деполаризираност е смрт. Ако граѓанинот е свесен и активен во одбраната на правата кои му следуваат, тогаш плукачката индустрија ја губи безгласната основа која ја прекрива (продава) со плукање. Таа наметнува принцип врз секој граѓанин – ако навистина сака да е само граѓанин, тогаш да си замолчи фино-убаво, за да не „настрада“. На овој нечовечен ентитет не му е важно што огромен број граѓани припаѓаат во категорија која страдала од (а доволно е само да гледала) стравотно лоши граѓански политики во груевизмот и не сака истиот „хардвер“ од луѓе да се вратат, бидејќи нивниот „софтвер“ (политиките) директно го уназадиле.
Прашањето „знаеш ли ти кој е тој“, макар и непоставено експлицитно, пак без оглед дали се мисли за „цветен“ или „гаден“, па бил тој и истиот цветен гад или гаден цвет, е и подмолно, фалшливо наметнување „грижа на совест“: Како може да одбиваме да се приклониме кон човекот („хардверот“), или како може да се приклонуваме кон човекот („хардверот“). Луѓе, акцентирање на „хардверот“ ви е Non sequitur, Негирање на антецедентот („пингвинот не лета, па затоа не е птица“). Колку и да е фален или куден „хардверот“, („тој е од бога даден, чиста душа, за Македонија“ или спротивното „тој е корумпиран, криминалец, со никаков интегритет“), граѓанинот е граѓанин само заради „софтверот“ (политиките), затоа што тоа се применува врз него. Точно дека секој „хардвер“ си има историја со „софтвери“, но тоа е она кое ни учествува значајно во расудувањето, а не нивни лични работи кои немаат врска со политиките врз нас.
Кој не памети, еве му потсетник. ВМРО-ДПМНЕ има „хардвер“ кој пред десетина години активираше врз нас, граѓаните (ученици, студенти, вработени, невработени, сопственици, со посебни потреби, бремени, болни, пензионери…) „софтвер“ да ни срамни сѐ со земја во однос на правата, со цел секој од нас да побара билет за рајот, за ВИП-третман од партијата дури и за најосновните права. Говорот, кога би се реализирал чесно, би бил ваков: „Овде сите граѓани се пријатели, освен тие што прават политики во кои добиваат големи социјални категории, на пример наставници, ученици, студенти, болни, пензионери, бремени, луѓе со посебни потреби, вработени, невработени, … Сите овде на прсти се броиме и секој на секого ќе му треба – бидејќи сме се потрудиле сѐ да е срамнето со земја, ќе ви треба врска и за воздухот што го дишете, ако не сега – во иднина. Значи ВИП третман може да барате, но немојте да бистрите политики за сите… Нели ви рекле досега – што ви е гајле за други? Да не ви е гајле за политиките кои директно ви влијаат на животот и да не се барате таму едни со други во слични ситуации, слушнавте ли?“
Така се направи крадењето на нашите животи обележано со испраните споменици, наместо градинки (места тогаш немаше ни за лек) наместо современи клиники, или современа опрема за универзитетите, наместо пристојни патишта, сѐ уште само со југословенската инфраструктура – од бога алва дадена, па сѐ до законите во кои правење на правилното беше невозможно, освен со магија, акробација или чудо, за партијата да одлучи кој ќе „преживее“. Со истиот менталитет, ВМРО-ДПМНЕ и со помала институционална сила од тогаш, сѐ уште граба на нашите животи со разни лостови – со кривичниот закон, со спречувањето на продолжетокот на преговорите со ЕУ, со сѐ на што ќе закачи нокти, вклучувајќи тука и делови од „хардверот“ на СДСМ, ДУИ и други. Со тој менталитет опстанаа „рамноземјашите“ и со тоа се овозможи постоењето на крајно-десничарскиот астротурф на ВМРО-ДПМНЕ, спротивно од своите дејства (а како инаку), наречен „Левица“, оној кој несмасно се преправа во неутрално grassroot граѓанство, масовно вклучен во плукачката индустрија.
Како граѓанин, не поинаку, знам дека во груевизмот ВМРО-ДПМНЕ беше најнеграѓански ентитет и продолжи тоа да биде со негласањето заштита од НАТО и негласањето за напредување во многу важни области за граѓанското живеење, преку преговорите со ЕУ. Воопшто нема потреба граѓанинот да биде припадник на партија, за да знае дека за самиот него, ако разбира што се преговорите со ЕУ, секојдневието би му било подобро, отколку без преговори со ЕУ. Нормалното разбирање што е тоа што на човека му е подобро, се рине и ронка од ентитети наречени… Па да погледнеме колку лажно си се нарекуваат: Внатрешна „македонска“ „револуционерна“ организација – „демократска“ партија за „македонско“ национално „единство“ и ултрадесничарската „Левица“. Наводниците се на место, јасно е сѐ. Да забележиме дека граѓанските политики („софтверот“) на ВМРО-ДПМНЕ се мачка во вреќа или, поверојатно, едно големо ништо, оти никако не може да се разбере КАКО би ни било подобро со тој нивни „хардвер“ на што инсистираат во своите реклами и антиреклами. Какви политики се само шлакање наоколу позитивни слогани за себе и негативни за другите, што секое прваче може да ги каже и – ништо, ништо, ништо друго. Темите на поглавјата на ЕУ, 30 години седат како неположени испити од македонските институции, па очигледно е потребно туторство во многу области и треба да се земе тоа кога ни се нуди, а ВМРО-ДПМНЕ како двегодошно дете во својата фаза вика само „не“. Настрана што се знае дека во ЕУ-земјите на граѓаните им е добро токму заради одржувањето во функција на критериумите од поглавјата на ЕУ (каде што навистина се „положени“) и тоа е дополнителна поента дека Македонија треба да се стреми да биде ЕУ-земја.
Дали има многу граѓани кои ја ценат не само личната слобода, туку бараат целата општествена подлога да е заснована на слобода, солидарност и солидно решавање проблеми, не оставајќи ги слободите, правата и решенијата само за најсилните / најбогатите / најмоќните? Дали повеќе, а не помалку се залагаат за хуманост, инклузија и помош на сите понемоќни социјални групи во општеството? Дали повеќе наместо помалку се стремат за слобода на мислата преку образованието? Дали повеќе отколку помалку инсистираат на почиста околина?… кои разбираат дека солидарноста не е спајташување?… на кои вдолж и попреку од целото битие им е јасно дека еднаквоста не бара „чистење“ (скраја) и омрази кон различните, туку братска одговорност? …кои сфаќаат дека правдата е систем, а не случаи?… Одговорот е со сигурност „ДА“ и без да се брои, затоа што дури и во Македонија, земјата со супер-развиената плукачка индустрија, луѓето се раѓаат и воспитуваат како луѓе, колку и да се спори тоа во едно конзервативно поднебје. Сакала-нејќела супериндустријата, но човекот не е животно. Тогаш, не може само да се седи во плукачкото ѓубре со надеж дека самото ќе се спакува во контејнер. Нема. Или плукачките ментални црви, или ние, живото граѓанство. Не се дава на таа креација ни милиметар од ноктето, а не па жива свест.