АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
Долги години наназад овој нереален малограѓански сомнамбулизам беше само алатка за ситно профитерство на неколкумина локални политичари и тајкуни, тесно меѓусебно поврзани во заеднички бизнис релации и вплеткани во едно змиско клопче од подлости, измами, предавства, расипаности, измислени јунаштва и нечесни богатства
(Во чест на почитуваниот архитект, урбанист, публицист, критичар, политичар и вонсериски интелектуалец Димитар Димитровски 18.08.1933 – 26.10.2020)
Настапи време во кое мегаломанските и лажни соништа во ситните и празни малограѓански глави јавно се презентираат и прикажуваат како генијални заклучоци или визии.
Се сонуваше и се сонува во таа неизбраздана сива менингитична маса за баснословно лично богатство, за добивка на игрите на среќа, за успех во бизнисот и кариерата, за успешни бракови и „успешни“ вонбрачни авантури, за дворци и вили, за злато и дијаманти, за луксузни автомобили, за напуштање на родната земја… Триесет години наназад, скоро сите малограѓани мечтаат дека ќе живеат како оној антички Кир, или како современите Рокфелери. И сите преку своите дефектни фантаскопи имаа „ненадминливи“ визии за својот град како – велеград. Како што фактичката состојба стануваше сè помизерна и безидејна, така магионичарските циркуски фантазии и мечти за богата и среќна иднина стануваа сè почести и, да е уште полошо, сè повеќе фучеа низ етерот од запењавените усти на градските дембели, политичари и дежурни „интернет стручњаци за сè и сешто“ како „генијални“ објави за иднината.
Тој кафеански и виртуелно-компјутерски илузионизам на безначајната провинциска елита и неспособна малограѓанштина, немаше никаква реална врска со она што е стварност, ниту со некаква нормална визија за сопствениот живот, а уште помалку со некаква визија за развојот на градот и градскиот живот. Затоа, долги години наназад овој нереален малограѓански сомнамбулизам беше само алатка за ситно профитерство на неколкумина локални политичари и тајкуни, тесно меѓусебно поврзани во заеднички бизнис релации и вплеткани во едно змиско клопче од подлости, измами, предавства, расипаности, измислени јунаштва и нечесни богатства. И оттука беше можно неуспешни и потпросечни интелектуалци, преоблечени во политичари, во сојуз со сомнителни олигарси и класични криминалци, повеќе од три десетлетија да владеат со градот, а обичните работни луѓе во него катадневно да пропаѓаат. А заедно со нив да пропаѓа и градот, кој, сè повеќе и повеќе, наликува на мизерна и сива касаба преполна со најселските сељаци и збогатена со тони од ѓубре по улиците.
Малограѓанското лудачко вербално верглање за „ненадминливата големина и убавина“ на градот, покажуваше и покажува како е можно една, интелектуално и културно жална, малограѓанска стварност, преку автосугестивни флоскули да се претвори во фиктивно и романтично самоперцепирање и класичен сомнамбулизам. И, за жал, денес, сè уште, покажува како е можно една сива, тешка и материјално бедна реалност, една стварност преполна со економски и материјални мизерии да се возвишува до „благосостојба“ преку магловити и благоглаголиви политикански говори за „славното минато“ и „светлата иднина“. Всушност, во овој наш неолиберален демократски концепт на градски живот, се изредија секакви недоописменети, арогантни и надмени малограѓански снобови да ни кажуваат што е културно и модерно, а градот, од ден на ден, опаѓа и пропаѓа економски, урбанистички, културно, духовно, морално…
Потребен е илустратор, или, поправо речено, потребни се виртуозни илустратори на нашиве актуелни малограѓански случувања и состојби. Од политиката до културата. Илустратори кои ќе го овековечат хаосот на нашиот современ град, ќе ја илустрираат непрекинатата галама од возила и викотници, ќе го претстават блескавиот симултанитет на многубројните извори на светла, опишувачи кои ќе ја опишат конфузијата на современата архитектонска смисла и бесмисла, кои ќе го исцртаат метежот на уличната толпа во која вистинските интелектуалци и трудбеници се потценети, деградирани, незабележливи и помешани со блудниците, криминалците и питачите, а чесните и доблесните луѓе се претворени во робови за да обезбедат лесен и луксузен живот за паразитите од градската ситнокапиталистичка класа. Да, да… Потребни се умешни раскажувачи кои ќе го раскажат транзициско-капиталистичкото претворање на градот во урбанистички ќумез, во скомразно место неподносливо за нормален живот.