АНА ЧУПЕСКА
Предлогот на Мицкоски, за примена на хрватскиот модел, најмногу личи на часкање „пред кооперација”, после 5-тото испиено пиво кога секој си кажува што се можел да биде во животот, ама ете не му се отвориле картите. Сериозен политичар не би предложил вакво нешто и ми се чини дека се шали, затоа што во спротивно, би било многу неодговорно, шарлабајзерски и кусогледо, доколку не ја проценил апсурдноста на овој предлог.
Не знам дали знае дека со тоа директно го напаѓа конститутивниот поредок на современата македонска држава, особено по Охридскиот рамковен договор со кој успешно се заврши меѓуетничкиот конфликт. Тој конфликт, имено, во голем дел беше предизвикан и од „граѓанскиот” карактер на тогашниот Устав. Поточно, Устав компаративно дефитицитарен во однос на културните права на немнозинските групи (јазичните права) дури и во споредба со Уставот од 74-та. Но, тоа е друга тема.
Со ОРД воспоставивме акомодативно мултикултурално и либерално решение за заштита на одделните културни права на заедниците преку нетериторијален модус, наместо етно-федеративно – какви што беа околните тенденции! За разлика од нашиот актуелен поредок, (мало)граѓанскиот модел, како на ниво на наука, така и на ниво на реал-политика, докажано е дека преку агресивниот интегративизам не ретко ги ексклузивира мнозинските културни групи, што Мицкоски упорно го потенцира и јасно го кажува, нагласувајќи кој е ПРВИОТ “домородец” во оваа држава: “македонската нација”, а рестото има помала важност – “малцинствата”?!
Вметнување на етноцентризмот во нашиот устав е ѓаволски опасна работа и тоа не смее да се дозволи, во никој случај и во никакви околности, затоа што тоа е веќе оддамна успешно надмината работа и навраќање наназад е во најмала рака политички незрело и неодговорно, а во суштина е крајно манипулативно!
Групно специфичните права, гарантираното претставување и споделувањето на моќта на сите нивоа на власт вертикално и хоризонтално, а кои произлегуваат од нашиот Устав, се пример и доказ дека нормативниот мултикултурализам може да се применува без да има територијални поделби, без да има размени на население и слични расистички небулози! Така што, ако Мицкоски смета дека ова треба да се ревидира – тогаш имаме мноооооогу сериозен проблем.
Да не зборувам за тоа дека и самиот термин МАЛЦИНСТВО кој го промовира, е исклучително проблематичен! Имплицира непочитување на Другоста и а со тоа и инхеретна “супериорност на мнозинството”. Слично, ова може да го препознаете во популарниот став: СЕ ЧУВСТВУВАМЕ КАКО МАЛЦИНСТВО ВО СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА! Ова е навидум наивен исказ, но – полн со омраза. Со овој исказ се признава дека “малцинствата” фактички се доживуваат како “треторазредни граѓани”, односно дека Македонците се оригиналните сопственици на државата? Ма немој?!
Затоа и не е без причина тоа што културните групи во нашиот Устав се именуваат како ЗАЕДНИЦИ, а не како малцинства! Научните кругови јасно укажуваат дека терминолошки “малцинството” може да имплицира расна или културна хегемонија, маргинализација, и дека има тенденција да создаде УСТАВНО ХИЕРАРХИЗИРАНА ФАБРИКАЦИЈА НА СУПЕРИОРНОСТ на една група врз друга. Така, една ваква дискриминаторска реторика, фактички, не прави ништо друго освен што отвора можност да ги репродуцира структурите на репресија и супрематизам. Но, во етнопопулистичка вмровска вредносна платформа – тоа нив ги одржува живи и покрај тоа што знаат дека токму ова беа и едни од главните причини за конфликтот од 2001. Затоа и предлогот за етноцентричен и национално ексклузивен Устав е надреален и деструктивен, а и со тенденција да ги разгори меѓуетничките односи кои се суштествени за опстанокот на нашата држава.
Но ајде, ако треба да се почне нешто да се движи, да речеме, еве нека почне и од еден ваков предлог! Пеки! Но таман ќе помислиш дека “тргна работава” кон некаква конструктивност, ете ти го Мицкоски со генијалнава идеа, ВМРО ДПМНЕ да не учествува во работната група за уставните измени, наведувајќи едно смешно и контрадикторно барање: демек, прво да се добие политички консензус па после да се оди на уставни измени?!? Човек да се запраша дали тоа е врвот на капацитетите за политичко одговорно однесување или некој свесно ги кочи и ги уништува сите досегашни чекори кон ЕУ. Згора на тоа, уште сака да разгори стари рани и чувствителни прашања кои се надминати.
“Алооо Франкфурт”, суштината на работната група е токму тоa: да се согледаат различните перспективи, во врска со Актуелниот Поредок – а не да се враќаме во Камено Доба!
И согласно Уставот, предлогот за негова измена има точно утврдена процедура како и на кој начин се спроведува. Така што, работната група би го формирала предлогот кој потоа би бил предмет на понатамошна постапка и процедура согласно Устав и Закон.
Малку станува симптоматично кога сите релевантни домашни и меѓународни фактори повикуваат за консензус по однос на носењето на одлуки поврзани со клучни и чувствителни прашања кои се услов за нашите евроинтеграции, а ВМРО на ниво на разгалено детиште да ги опструира сите напори.
И, мили мои, што да се каже повеќе, освен тоа дека за сериозни прашања, потребни се и сериозни политичари. А таков политичар со досегашното однесување Мицкоски, дефинитивно не е.